Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Уапсен грабнувач на авион по 34 години

teguhjatipras/BigStock.com

Уапсен грабнувач на авион по 34 години

Еден 65 годишен Либанец, осомничен дека бил дел од групата муслимански екстремисти која во 1985 година грабна американски патнички авион, полн со патници, е уапсен во Грција, на островот Миконос, кога се симнал од брод-крузер со кој бил на туристичко патување.

Уапсен е после 34 години, врз основа на потерница од германските власти, издадена за едно друго киднапирање, што се случило уште во 1987 година.

Неговиот идентитет грчките власти не го откриваат, но тој е задржан во притвор во очекување од Германија да стигне формалното барање за негова екстрадиција.

На 14 јуни во 1985 година, припадници на екстремната шиитска организација Хезболах го грабнаа “Боингот“ на тогаш најголемата американска авионска компанија ТВА, на аеродромот во Атина, каде леталото пристигна од Каиро.

Во авионот имаше 152 патника, кои грабнувачите ги претворија во свои заложници, откако од пилотите побараа авионот наместо кон САД да го пренасочат кон Бејрут.

Заложничката драма траеше 17 денови, а патниците подоцна раскажуваа дека киднаперите ги тепале и врз нив применувале тортура.

Во преговорите со либанските власти, тие бараа ослободување на сите припадници на Хезболах кои во тоа време се наоѓаа во затворите во Израел.

Нивното барање не беше исполнето, па по 2,5 недели, тие сепак ги ослободија заложниците, откако претходно убија еден припадник на американската морнарица кој бил во авионот, а неговото мртво тело го фрлија на пистата.

Авионот на ТВА беше на својот редовен лет од Каиро за Сан Диего, во Калифорнија, со попатни слетувања во Атина, Рим и Париз.

Двајца од групата киднапери подоцна се убиени, а други двајца се водат како исчезнати. Петтиот член на групата беше дури сега откриен и уапсен.

Во меѓувреме, компанијата чиј авион беше грабнат во главниот грчки град, банкротира и веќе од поодамна не постои.

Павел Устинов – ослободен

Младиот руски актер Павел Устинов кого судот во Москва, минатата недела го осуди на 3,5 години затвор за, наводно, напад врз полицијата на забранетите демонстрации во рускиот главен град, на почетокот од август, бил ослободен, соопштила неговата сестра.

Неговите адвокати поднеле жалба на пресудата, но обвинителството се согласило 23 годишниот актер да биде на слобода.

Сестрата им има изјавено на медиумите дека очекува пресудата да биде поништена, инсистирајќи дека Устинов е невин, затоа што тој не само што не ги нападнал полицајците, туку воопшто не учествувал во протестите. Кога бил уапсен и насила одведен во полиција, мирно стоел настрана од толпата и посматрал што се случува.

Седум од демонстрантите кои беа апсени, затоа што протестирале на демонстрации за кои немало дозвола, се осудени на казни од две до четири години затвор.

Случајот на актерот Устинов предизвика гневна реакција на културната јавност во Москва, а низа познати руски личности од светот на театарот и филмот, музиката и забавата, покренаа силна кампања за негово ослободување.

Во кампањата се вклучија дури и четириесетина свештеници на Руската православна црква, што е прв таков случај досега, кои бараа од судот да ги преиспита сите досега изречени казни.

Во Москва дури се одржаа и протести со барање Устинов да се ослободи, а гневот го предизвика сознанието дека судот одбил да ја прифати како доказ фотографијата на која се гледа дека младиот актер воопшто не учествувал во протестите.

“Рано е за азил за Сноудон“

Официјален Париз соопшти дека, засега, е премногу рано за да на американскиот бегалец Едвард Сноудон, кој сега се крие во Русија, му се даде азил во Франција и на тој начин да избегне екстрадиција во САД, каде ќе биде суден за шпионажа.

Сноудон кој работеше во американската разузнавачка агенција НСА, побегна од САД, откако ја обелодени тајната за разграничениот систем за ловење и прислушување на комуникациите што ги спроведуваше оваа агенција.

“Ловот и следењето“ на комуникациите, првично, биле замислено за заштита на земјата од тероризмот, преку следењето на комуникациите на екстремистите, но Сноудон откри дека поставената мрежа “лови се на што ќе наиде“.

Својата постапка ја бранеше со наводната грижа за човековите права и заштитата на приватноста на луѓето, но наместо невиноста да ја докажува пред американските власти, тој одлучи да побегне, преку Хонг Конг и Кина во Москва, претворајќи се во обичен шпион.

Во ова меѓувреме, остана целосно нејасно каде го чуваат Русите и од што тој живее, но безбедносни експерти веруваат дека обилно ги има “нахрането“ руските тајни служби со сите сознанија кој ги имал пред да побегне.

Реакцијата на Париз доаѓа по изјавата на Сноудон дека сака да побара политички азил во Франција.

Картер: Возрастен лимит за претседател на САД

Поранешниот американски претседател Џими Картер изјави дека дојдено е време во САД да се воведе возрастен лимит за функцијата претседател. Засега лимит околу возраста постои за тоа дека за претседателската функција не може да конкурира некој кој е помлад од 40 години.

Картер, меѓутоа, сега сугерира дека треба да се ограничи и возраста, после која некој претендент не може да се кандидира и да ја освои функцијата претседател на САД.

Ваквата размисла за прв пат се појави уште во осумдесеттите години на 20 век, за тогашниот претседател Роналд Реган, но се верува дека сегашниот предлог на Картер се однесува на Доналд Трамп кој во изборната трка во 2020 година ќе влезе на возраст од 74 години.

Тоа значи дека ако биде избран во Белата куќа ќе остане до својата 78 година.

Џими Картер е еден од четворицата живи поранешни американски претседатели- заедно со Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе