Колапс на „Томас Кук“
Најстарата туристичка компанија во светот и една од најголемите во глобалниот туристички бизнис, британската “Томас Кук“ доживеа колапс, предизвикувајќи бранување во оваа индустрија, а посебно во регионите со кои компанијата има најмногу работено.
Повеќе од 600 илјади туристи, од кои 150 илјади Британци, пропаѓањето на компанијата ги затече некаде во странство, на одмор, крстосување или на летување, па тие сега чекаат во неизвесност за тоа како и кога ќе се вратат дома.
Британската влада одби финансиски да му помогне на “Томас Кук“ за да ги покрие неопходните 200 милиони фунти што компанијата мораше да ги обезбеди до неделата, на полноќ, но владата во Лондон, заедно со осигурителните организации се вклучи во координираната операција за извлекување на “заробените“ туристи од пропадната компанија, во најголемата во историјата мирнодопска репатриација на луѓе.
Станува збор, пред се, за Британци, потоа за Германци, Скандинавци и Холанѓани, распрснати по туристичките локации ширум светот.
Долг од 1,7 милијарди
Сите летови на авионите од флотата на “Томас Кук“ се откажани. Леталата стојат напуштени по аеродромите, вработените си заминуваат, додека патниците се советуваат воопшто да не одат на аеродромите, туку на интернет страницата на компанијата да бараат информации околу тоа како да се вратат дома.
Британската влада е во контакт со низа хотели низ светот, давајќи гаранции дека ќе им бидат покриени трошоците и ќе им бидат исплатени долговите на компанијата.
Ваквата интервенција во Лондон уследила откако еден хотел во Тунис ги “блокирал” сите британски гости, не дозволувајќи им да излезат се додека од Лондон не добијат гаранција за плаќањето.
Компанијата целосно се урна под силниот притисок на долгот од 1,7 милијарди фунти, за кој британските експерти во туристичката индустрија сметаат дека е последица на се посилната конкуренција на т.н. он-лајн туристички услуги, на изменетите состојби на пазарот, на неприлагоденоста на големата компанија на новите состојби, но и на изменетата геополитичка ситуација, потоа на долгата неизвесност на која се изложени Британците околу Брегзит, како и на падот на вредноста на британската фунта, што е, исто така, резултат на се уште нејасниот начин на кој Британија ќе излезе од ЕУ.
Неуспешни полноќни преговори
Во август, “Томас Кук“ успеа да постигне договор со еден моќен кинески партнер, со кредитните банки и со сопствениците на обврзниците, за инвестирање на околу 900 милиони фунти за стабилизација на компанијата.
Таквата операција за спасување требаше да предизвика Кинезите да преземат 75 отсто од туристичкиот дел на компанијата и 25 отсто од авионската компанија.
Но, кога се мислеше дека решение е најдено, настанаа нови проблеми, кога „Томас Кук“ се соочи со дополнителни барања да обезбеди уште 200 милиони фунти за докапитализација.
Рокот беше до неделата на полноќ, па иако преговорите се оддолжиле и до 02 часот по полноќ, во понеделникот рано наутро, компромисно решение не било најдено, а тоа значеше пропаст за компанијата која, практично, го има создадено туристичкиот бизнис
Компанијата, која важеше за еден од гигантите на британското стопанство, е основана пред 178 години, во првата половина на 19 век, од неверојатно инвентивниот основач и сопственик Томас Кук.
Во сите овие години неговата фирма има носено луѓе на одмор и на летување, за да во последните децении, понудата и услугата на компанијата ги користат милиони луѓе од 16 држави.
Пакет-аранжмани од 1855 година
Првата работа што Кук ја има организирано била да носи Англичани на еднодневни кратки излети со воз, низ местата во англискиот Ист Мидлендс. Веќе во 1855 година фирмата на Кук на луѓето ќе им понуди и прво организирано патување, како туристичка група, во странство, на европскиот континент.
Првата дестинација била Антверпен, а потоа Белгија со посета на Брисел, за да подоцна турите се продолжат до Германија- прво до Келн и до Хајделберг.
Во следните понуди, Кук ги носи своите туристи во Франција, до Париз и Стразбур, при што за прв пат во историјата на туристичката индустрија – бил нуден комплетен пакет аранжман – патување, сместување и храна.
Од 1855 година, фирмата на Кук нудела и промет со странски пари, односно смена на фунтите, за валутите на земјите каде неговите туристи патувале.
Во втората половина на 19 век, Томас Кук отвора своја филијала, во Лондон, на Флит Стрит на која биле сместени сите тогашни весници, за да од неа настана империја со вкупно 560 филијали кои ги продавале услугите и она што го нудела компанијата.
Од 1919 година, Кук ќе носи туристи и низ светот, а како прва дестинација ќе биде Египет и фараонските споменици во Карнак, денешен Луксор.
„Жалиме што не бевме успешни“
Компанијата “Томас Кук“ ги има преживеано и Првата и Втората светска војна и забрзано развивајќи се во поствоениот период од втората половина на 20 век, израснува во гигант со 22 илјади вработени, ангажирани во хотелите и одморалиштата на компанијата, во нејзините агенции и филијали, во бројната авионска флота и во крузерите кои крстосуваа низ морињата и океаните.
Целото тоа успешно чекорење, започнато во 1841 година кога Кук ја регистрираше својата фирма, сурово е прекинато во раните утрински часови на 23 септември, кога под товарот на долговите и, сепак, лошото раководење, туристичкиот гигант беше кутнат на плеќи.
Британската управа за авионски сообраќај соопшти, во меѓувреме, дека забрзано се работи за обезбедување авиони и вонредни летови за да се префрлат туристите на компанијата до своите домови, насилно прекинувајќи им го одморот.
“Томас Кук“ преку изјава на претседателот на компанијата Питер Фанклаузер, јавно им се извини на милионите клиенти и илјадниците вработени, на деловните партнери за пропаста на фирмата.
“Длабоко жалиме што не бевме успешни. Престанавме да работиме откако не успеавме да се спогодиме со доверителите“ – рекол во својата изјава првиот човек на сега веќе пропаднатата компанија.
(Д.Л.)