Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зеленски меѓу Трамп и Бајден

palinchak/BigStock.com

Зеленски меѓу Трамп и Бајден

Американската Бела куќа соопшти дека на маргините на годинешново Генерално собрание на ОН, претседателот Доналд Трамп ќе има средба со украинскиот претседател Володмир Зеленски.

Тие двајцата требаше да се сретнат уште на 1 септември, на одбележувањето на 80 годишнината од почетокот на Втората светска војна, во Варшава.

Тогаш се веруваше дека средбата ќе се искористи за трагање по решение за кризата во Украина, предизвикана со руската анексија на Крим во март 2014 година и со воената интервенција на Москва во Луганск и Донецк, на истокот од земјата, што прерасна во воен конфликт кој сега е целосно “замрзнат“, без изгледи за некакво брзо разрешување.

Освен тоа, средбата во полскиот главен град требаше да го покрене и прашањето за постојаното американско одлагање на испораката на ветената воена помош. Но, до средбата не дојде, затоа што Трамп (не)очекувано го откажа своето патување во Варшава, оправдувајќи го тоа со ситуацијата околу ураганот што тогаш се приближуваше кон источните брегови САД.

Судир Трамп-Бајден

По правило, американските претседатели го користат започнувањето на сесијата на ОН, секој септември, за бројни билатерални средби, а такви Трамп веќе имаше уште на самото отворање на годинешново генерално собрание.

Средбата со Зеленски, меѓутоа, доби првостепено значење, откако украинскиот претседател беше вплеткан во политичките игри на американските демократи и републиканци и во отворениот јавен судир на претседателот Трамп со Џо Бајден, еден од водечките претенденти за номинација на Демократската партија за претседателските избори во ноември 2020 година, инаку потпретседател (на два пати) во администрацијата на Барак Обама.

Во распалената атмосфера, средбата Трамп-Зеленски, всушност, само треба да и послужи на американската политичка јавност за да се разјасни дали претседателот на САД, одново, како и пред четири години, кога победи, вплеткува една странска земја во претседателските избори.

Ако во 2016 година тоа беше Русија и тајното договарање помош (со валкани информации) за да и се напакости на Хилари Клинтон, сега тоа е Украина, која би требало да „помага“ за да му се наштети (со оцрнување) на најверојатниот кандидат на демократите Бајден, во трката за Белата куќа, следната година.

„Украинска врска“?

Случајот “украинска врска“ избувна неодамна во американските медиуми, откако добија информација од „свиркач“ дека на 25 јули, во телефонски разговор, Трамп од Зеленски побарал украинските власти да покренат истрага за синот на Бајден, Хантер кој инаку е член управниот одбор на една тамошна компанија за гас. Според медиумите, за возврат, американскиот претседател би ја одблокирал од порано ветената помош.

Првата реакција на Трамп беше дека ништо од тоа не е точно, дека во своите телефонски разговори со странските државници тој не разговара “на ваков начин“ како што тврдат медиумите, односно дека уште еднаш станува збор за “лов на вештерки“ и за измислени новински написи.

Подоцна, по средбата со австралискиот премиер кој беше во Вашингтон, Трамп рекол дека “не е воопшто важно што разговарал со Зеленски“, сугерирајќи им притоа на медиумите да “ѕирнат во заднината на ангажирањето на Бајден- синот во Украина“.

Џо Бајден реагираше остро на откритијата на медиумите.

“Ако сето ова се покаже точно, тогаш навистина нема граница до каде може да оди злоупотребата на власта и на моќта на Доналд Трамп и злоупотребата на САД, како држава“ – рекол поранешниот американски потпретседател.

Тој бара од Трамп да се објави текстуален запис од неговиот разговор со украинскиот претседател, за да, како што рекол, Американците самите се уверат што навистина се зборувало.

Белата куќа бара истрага

Соочувајќи се со целата оваа ситуација, украинското Министерство за надворешни работи, се најде во ситуација да мора некако да реагира. Во интервју, шефот на дипломатијата прво, одбил да објасни што навистина зборувале по телефон двајцата претседатели, правдајќи се дека станува збор за доверлива комуникација, но потоа, не го отфрлил прашањето дека се разговарало и за Бајден.

На првиот ден од Генералното собрание на ОН во Њујорк, како и по средбата со полскиот претседател, Доналд Трамп, според Си-Ен-Ен, индиректно признал дека барал да се истражи што и како работи Хантер Бајден, но и неговиот татко, тврдејќи дека станува збор за случај на корупција.

“Доколку стануваше збор за некој републиканец, човекот ќе завршеше на електричен стол“ – рекол налутено американскиот претседател.

Неговата изјава, приближно е дека тој не ги притискал Украинците за истрага, но е категоричен дека тие таму (во Украина) би било добро тоа да го направат!

Украинците, сепак, имаат спроведено контрола (истрага) за работењето на украинската компанија за гас, па и на Хантер Бајден, како член на нејзиниот управен одбор и според соопштението од Киев, на тамошното државно обвинителство, не било откриено ништо криминално и нелегално.

Признание на Џулијани

Трагајќи по вистината за тоа – дали врз властите во Киев, подолго време се вршел притисок да “ги поткачат Бајденовци“, врзувајќи ја таа “услуга“ за американската воена помош, Си-Ен-Ен откри едно интервју на Руди Џулијани, правен советник на Трамп од мај годинава, во кое тој признава дека се притиска врз Украинците и дека таа “може да им помогне, како на владата (веројатно мисли на Трамп), така и на САД“.

Според оваа телевизиска компанија и самиот Трамп, еден месец подоцна, во јуни годинава, во изјава “од нога“ за една друга ТВ компанија рекол дека “би требало да се утврдат работите (во Украина) со синот Бајден.

Тоа за Си-Ен-Ен е доказ дека и сега, како претседател на САД, Трамп и неговиот тим советници, уште еднаш дозволуваат странци да се замешаат во американските претседателски избори.

Така или не, излегува дека и неговото недоаѓање на одбележувањето од почетокот на Втората светска војна, добива сосема нова димензија.

Не било поради страшниот ураган, кој најмногу им наштети на Бахамите, туку за да не се оствари веќе договорената средба со Зеленски.

Во Вашингтон, изгледа, не веруваат во наодите на украинското државно обвинителство за тоа дека нема вина кај Бајденовци, па продолжуваат да бараат (нова) истрага.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе