Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Конгресот со импичмент за Трамп

Florin Cnejevici/Bigstock.com

Конгресот со импичмент за Трамп

Неколкупати до сега, во текот на мандатот на претседателот Доналд Трамп, американските демократи навестуваа дека би можеле да покренат постапка за отповикување – импичмент за шефот на државата. Еднаш, околу т.н. руска врска, односно вовлекувањето на Русија во претседателските избори во 2016 година, а вториот пат во врска со истрагата на специјалниот иследник Роберт Малер.

Тоа не се случи, едноставно затоа што до „мидтерм“ изборите во 2018 година  немаа ниту мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот, а кога го обезбедија стравуваа дека целата постапка би можела да им претставува проблем на кандидатите за изборите во ноември 2020 година. И покрај мислењето на демократите дека Трамп со своето однесување го злоупотребува Уставот, до сега се чини тактизираа со импичментот затоа што ниту во своите редови не беа единствени дека за републиканскиот претседател треба да се отвори овој последен фронт за политичка пресметка. Дури и нивниот најистурен претставник во Конгресот, спикерот Ненси Пелоси, беше меѓу противниците за покренување импичмент.

„Никој не е над законот“

Во вторникот, меѓутоа, Пелоси објави дека Претставничкиот дом покренува службена истрага против Доналд Трамп, осомничен за поттикнување странски политичар во неговата земја да се покрене истрага против политички конкурент на американскиот претседател, што би можела да заврши со импичмент. Според нејзиното толкување, истрагата се покренува затоа што никој во САД не смее да е над законите.

Трамп реагираше во повеќе или помалку негов стил, дека ништо лошо нема направено и дека (одново) станува збор за „лов на вештерки“. Но, спикерот Пелоси смета дека овој пат тој ќе мора да одговара за досегашните кршења на Уставот, особено откако се разбра за најновото – за тоа  дека настојувал да си обезбеди уште еден претседателски мандат, барајќи од претседателот на Украина, Володимир Зеленски тамошното обвинителство да ги истражува активностите на Џо Бајден и на неговиот син.

Бајден, поранешен потпретседател на САД во администрацијата на Барак Обама, се очекува да биде противкандидатот на Трамп за изборите во ноември идната година, па за спикерот Пелоси, ваквата постапка на актуелниот претседател претставува „ предавство на државните интереси на САД“, но и на „ претседателските избори“.

Откритието на „свиркачот“

Ако во 2016 година, користењето Руси за дисквалификација на тогашниот демократски кандидат Хилари Клинтон, се нарекуваше „руска врска“ , сегашното користење на Зеленски и на неговата земја би можело да се означи како некаква „украинска врска“.

Таа  врска се покажа по  скандалот со откритието на еден неидентификуван „ свиркач“ дека Трамп се обидел да го натера украинскиот претседател да покрене фабрикувана истрага за Хантер Бајден, син на демократскиот политичар Џо Бајден,  кога синот бил член на Управниот одбор на украинската компанија за гас „ Бурисма“.

Ова се случило во текот на телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели на 25 јули годинава. Една недела пред тоа, Трамп и наредил на владата да ја запре испораката на околу 400 милиони долари американска воена помош за властите во Киев. Претседателот, сега вели дека едното, со другото нема врска и дека не станува збор за „ уценување“ или за притисок врз Украинците да го направат тоа што американскиот претседател го бара, доколку сакаат да ја добијат помошта.

Откритието на „ свиркачот“ се појави во американската јавност на 9 септември и од осомничениот Трамп беше прогласено за „ fake news”, но за демократите во Конгресот тоа беше „ дното до каде може да оди однесувањето“ на претседателот. Една недела подоцна, тој сепак призна дека во телефонскиот разговор станало збор и за Бајденовци, инсистирајќи дека тоа било „само онака, патем“.

Трамп бара од Зеленски истрага за Бајден

Под притисок на јавноста, уште додека беше во Њујорк, на сесијата на годинешново заседание на Генералното собрание на ОН, Трамп вети дека на домашната јавност ќе и предаде транскрипт од телефонскиот разговор. Белата куќа, настојувајќи да не и се случи она што се случи со аферата Вотергејт , кога тогашниот претседател Ричард Никсон, долго време се опираше да покаже едни тајни ленти кои го обвинуваа, во средата, на 25 септенври, објави детали од разговорот Трамп-Зеленски.

Иако тоа не е она што бараше јавноста- целосен транскрипт од разговорот, туку беше објавено она што запишувале двајца функционери во Белата куќа, кој биле во Овалниот кабинет, она што беше дадено на увид,  тешко го обвинува претседателот Трамп.

Пред се, затоа што ( сепак)  му сугерирал на Зеленски, во Украина да се покрене истрага против Џо Бојден, чиј син работел за тамошната фирма „Бурисма“ .

Во разговорот не се споменуваат парите од ветената воена помош, но Трамп зборувал дека Бајден ( како потпретседател на САД) лобирал во 2016 година, украинските власти да го отпуштат тогашниот главен обвинител Виктор Шокин. А тој покренал истрага за работењето на компанијата („Бурисма“) каде бил младиот Бајден.

„Слушнав дека имате обвинител кој бил многу добар, а сепак бил тргнат од функцијата, а тоа не е фер“- рекол Трамп во телефонскиот разговор, додавајќи дека „многу луѓе зборувале за тоа“.  Продолжувајќи во тој стил, претседателот на САД рекол- „ Многу луѓе сакаат да разберат за тоа. Има гласини дека таткото на младиот Бајден ги запрел обвинувањата за синот, па затоа видете што може да направите со државниот обвинител. Тоа би било супер. Мене сето тоа ми изгледа страшно“ – рекол Трамп.

„Класичен мафијашки притисок“

На тоа Зеленски се обидел да го увери американскиот претседател дека владата ќе се погрижи за покренување истрага за целиот случај, Трамп му се уфрлил со замолница – доколку имате некаква информацја околу случајот, да му биде доставена на Вашингтон ( на Трамп).

Тој го завршил разговорот со зборовите дека би им бил благодарен на украинските власти доколку им ги префрлаат информациите од една таква истрага, уште сугерирајќи му на Зеленски , Украинците да соработуваат со американскиот државен обвинител Вилијам Бар, како и со Руди Џулијани, личен адвокат на Трап, за да и обајцата бидат во тек !?

Демократите во Конгресот кои и натаму бараат да го видат целосниот транскрипт од разговорот од 25 јули, ваквиот разговор на претседателот на САД со еден странски државник , го оквалификуваа како „ класичен мафијашки притисок“ врз еден странски политичар, наоѓајќи целосно оправдување во одлуката за покренување конгресна истрага.

А, таа нема да биде лесна за нив, во намерата- на крајот- да го отповикаат Доналд Трамп од неговата претседателска функција. Неутрални аналитичари и политички експерти сметаат дека – како сега стојат работите- мали се шансите целата истрага која е веќе отворена, да заврши со импичмент.

Импичмент против злоупотреби

Создавачите на САД и творците на американскиот Устав, определиле постоење на функција претседател, но плашејќи се од можноста некој да застрани и да ја злоупотреби власта и големата моќ што ја има во своите раце, предвиделе процедура за негово отповикување, во што е вклучен и импичментот. Таквата постапка се покренува при велепредавство, за случаи на корупција, за низа други тешки кривични дела и престапи, но тоа може да се случи и за злоупотреба на довербата на јавноста. Во крајна смисла, импичмент и не мора да се покрене за повреда на некои од одредбите на кривичниот закон.

Импичментот, сепак, не е сменување на претседателот на САД, туку постапка која ја отвора Долниот дом на Конгресот кој се јавува во улогата на обвинител. Ако мнозинството од 435 конгресмени  прифатат покренување истрага со обвинување за шефот на државата, значи дека процесот е почнат , па тој се преселува во Сенатот, во Горниот дом, каде всушност, се спроведува судењето.

На таквиот „ судски процес“- Претставничкиот дом претставува обвинителство , сенаторите се поротата, а со судењето претседава претседателот на Врховниот суд на САД. За да се осуди претседателот, потребни се две третини од гласовите на Сенатот кој има 100 членови. При тоа, од конгресмените не се бара тие да го докажуваат она што го тврдат, што инаку е стандардна постапка при секое судење во било кој американски суд.

Математиката против демократите

Во Долниот дом на Конгресот, демократите имаат 235 конгресмени, додека републиканците 199, а еден е независен, што значи дека демократите во сегашниот состав на Конгресот, може да ја почнат постапката и да го обвинат Трамп, без републиканските гласови.

Во 1998 година, кога беше отворена ваква постапка за тогашниот претседател Бил Клинтон  (поради секси аферата со Моника Луински и тоа што тој, претходно, ја излажа американската јавност, тврдејќи дека не ја познава девојката), републиканците доминираа во Долниот дом и тие гласаа според партиската припадност, па Клинтон беше изведен на судење во Сенатот.

Сегашната состојба е поинаква, Долниот дом е демократски, а Сенатот е под контрола на републиканците. Вкупно 53 сенатори се од Републиканската партија, 45 се демкрати, а двајца сенатори се независни. По традиција, независните во вакви ситуации гласаат како и демократите, па излегува дека за осуда на Доналд Трамп треба да гласаат барем и 20 републиканци, што изгледа тешко остварливо. Особено што, републиканците во Сенатот би можеле веднаш да гласаат за отфрлање на обвинувањето против Трамп, без  да ги слушаат обвинувањата на Долниот дом ( на демократите), или да бараат докази од нив.

Конечно, ниту еден претседател на САД досега не бил директно сменет од функцијата со импичмент.

Ричард Никсон во 1974 година, поднесе оставка, пред да биде сменет ( а сигурно тоа ќе му се случеше), додека Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон , иако обвинети од Долниот дом, не беа осудени од Сенатот. И уште нешто, доколку Доналд Трамп, на крајот и биде осуден, на негово место ќе дојде потпретседателот ( Мајк Пенс) кој ќе го дослужи до крајот, до јануари 2021 година, мандатот на сменетиот претседател.

Сервис-Скоје/Глобал

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе