Поврзете се со нас

Skopje Global

Австрија: Уверлив пораз на крајната десница

Европа/ЕУ

Австрија: Уверлив пораз на крајната десница

palinchak/BigStock.com

Австрија: Уверлив пораз на крајната десница

Австриската крајно-десничарска Слободарска партија (ФПО) доживеа уверлив пораз на вонредните парламентарни избори во Австрија. „Слободарците“ кои на редовните избори во 2017 година се искачија како второ рангирана партија, освојувајќи тогаш дури 26 отсто од гласовите на Австријанците, сега ја добија само 16 отсто.

Тоа им овозможи на поранешниот премиер Себастијан Курц и на неговата Народна партија (ОВП) да освојат 37,1 отсто од гласовите, зголемувајќи ја така поддршката на гласачите за 5,6 отсто во споредба со изборите пред две години. Тоа го прави младиот австриски политичар, сигурен мандатор за состав на нова влада, која сепак ќе мора да биде составена низ коалиција со една, или со неколку други помали партии.

Виена со “голема коалиција“?

Како второрангирана, овој пат се искачи австриската Социјалдемократска партија, добивајќи 22 отсто. Тоа, меѓутоа, не може да се нарече успех за оваа некогаш владејачка партија, затоа што овој резултат важи за еден од нејзините најслаби постигнувања. Австриските политички аналитичари, сепак, сметаат дека токму Социјалдемократите ќе бидат т.н. “кинг мејкер“ партија за формирање на една стабилна влада и како иден партнер на Курц и неговите “народњаци“.

Во игра се и Зелените кои заедно со ОВП најмногу профитираа од уверливиот пораз на ултра-десничарите. Партијата на австриските Зелени, која успеа на своја страна да ги привлече младите гласачи, доби 14 отсто од гласовите, што е голем успех за оваа партија, која на изборите во 2017 година не успеа ниту да влезе во Парламентот. Како пета рангирана партија, на овие избори се пласираа либералите, добивајќи 7,8 отсто од гласовите.

Поразот на крајната десница која пред две години успеа да влезе и во владата, како главен партнер на Народната партија, благодарејќи на силно распалените антиимигрантски чувства, предизвикани со бегалската криза од 2015 година, беше очекуван. Токму „Слободарците“ и ја предизвикаа владината криза и падот на владата на канцеларот Курц, по избувнувањето на “Ибица скандалот“.

Ибица скандал

Пролетва медиумите дојдоа до тајно снимен материјал, направен во една вила на шпанскиот остров Ибица, на кој се гледа како лидерот на ФПО и нуди соработка на една Русинка – прикажана како бизнисменка, зад грбот на владата и на канцеларот.

Лидерот на ултра-десницата кој во тоа време беше заменик премиер и има предложено на Русинката, практично, со нејзина помош и со руски пари да се изведе тивок, политички пуч. Тој и предлага низа поволни зделки, во соработка со австриската влада, доколку таа помогне на тој начин што ќе го откупи виенскиот весник „Кронен Цајтунг“ и ќе ја измени неговата уредувачка политика, насочувајќи ја кон крајната десница и неговата партија, за да таа добие барем 30 отсто од гласовите, па така стане водечка политичка сила во Австрија.

Откако се појави видео лентата и избувна скандалот што ја вчудоневиде австриската јавност тој поднесе оставка во владата и во партијата, а кога Курц побара од владата да се повлечат сите министри од ФПО, нејзините пратеници со другата опозиција ја соборија владата и него како канцелар, изгласувајќи им недоверба. Во изминатите неколку месеци со Австрија управуваше техничка влада.

Курц одново канцелар

Скандалот доби и меѓународни размери, откако реагираше и официјална Москва, отфрлајќи секаква врска со младата бизнис жена од Русија. Гласовите за “руско масло“ во скандалот се појавија затоа што е позната блискоста на Кремљ со европските десничари и со крајната десница во неколку земји членки на ЕУ, не само подржувајќи ја нивната антиевропска и евроскептична определба, со цел да се ослаби и разедини ЕУ, туку и со пари.

Работите отидоа толку далеку што рускиот претседател Владимир Путин дојде на свадбата на поранешната министерка за надворешни работи, од редовите на „Слободарците“ што предизвика бројни коментари во европските медиуми.

Австриските гласачи на овие вонредни избори самите пресудија – ја казнија оваа партија, свртувајќи се кон традиционалните австриски партии.

Сега се очекува Себастијан Курц одново да стане канцелар и со своите 33 години да остане најмладиот лидер во Европа. Неговата кариера постојано оди по нагорна линија – на 22 години беше избран за државен секретар во Народната партија. На 27 години беше министер, а на 31 година и австриски канцелар.

За дел од австриската политичка јавност тој е “алпскиот“ (австрискиот) Макрон, поради својата силно изразена европска ориентација. Австријците го познаваат како човекот кој ја “подигна од мртвите“ тамошната Народна партија, но неговите критичари за него велат дека се претвора во нов Орбан – во демагог и авторитарен лидер.

(А.В.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе