Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Рација против шверцери на луѓе во Белгија

Robson90/BigStock.com

Рација против шверцери на луѓе во Белгија

Белгиската полиција соопшти дека се уапсени 15 лица, сите обвинети за организирање шверц на луѓе во Велика Британија, сокриени во посебно уредени скривалишта во големи камиони кои превезуваат стока од континенталниот дел на Европа, на британските острови.

Полицијата открила 37 албански државјани кои во еден хотел во градот Гент, чекале да бидат префрлани преку Ламанш.

Водач на шверцерската група е исто така државјанин на Република Албанија. Тој и неговите соработници биле апсени во текот на широката рација во која покрај белгиската полиција, учествувале и полициите на Британија и Германија. Скотланд Јард објави дека во Лондон биле уапсени двајца албански државјани – Адмир Чанај (38) и Астрит Рамоши (37) кои во британскиот главен град требало да ги преземат шверцуваните луѓе.

Белгиската полиција смета дека хотелот во Гент бил скриен центар за трансфер на илегалните мигранти. Од таму тие биле одведувани до местото каде чекале камионите во кои ги сместувале и луѓето.

За илегалното префрлање во Британија, луѓето на шверцерите обично им плаќале по 15 илјади евра.

Камионџиите се, исто така, дел од шверцерскиот прстен, за што тие исто така добиваат дел од сумата која ја земаат шверцерите на луѓе.

Орбан: Унгарија не си оди од ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во Будимпешта дека неговата земја “нема никаква намера, а ниту планира да ја напушти ЕУ„. Тој само инсистира дека земјите членки од Западот и оние од Истокот на Европа ќе мора да најдат компромис околу иднината на Унијата.

„Ние сме членка на ЕУ и остануваме членка на Унијата“ – рекол Орбан.

Унгарскиот премиер кој ја предводи земјата веќе десет години, често е во судир со ЕУ, а посебно со Брисел, посебно околу неговото одбивање да биде солидарен со другите членки, а посебно со оние од југот на Унијата, околу прифаќањето на договорената квота за прифаќање бегалци, за време на големата бегалска криза во 2015 и 2016 година.

Наместо тоа, Орбан подигна висока ограда вдолж јужната граница кон Србија и Хрватска и се искара со другите во ЕУ.

Уште повеќе, ги обвини Европската комисија, Жан Клод Јункер и Џорџ Сорос за “заговор“ против Унгарија, покренувајќи (со европски пари) против нив и кампања.

Сето тоа, во дел од европската јавност предизвика шпекулации дека Орбан ќе ја повлече својата земја од Унијата, особено откако првиот предлог на Будимпешта за еврокомесар за проширување (екс министерот за правосудство) не го помина ниту гласањето во Одборот за правни прашања на Европскиот Парламент, па сега мора да се најде нов кандидат.

Оставка на Курт Вокер

Специјалниот пратеник на САД за Украина, Курт Вокер поднесе оставка на својата функција, откако неговото име се споменува во откритието на “свиркачот“ околу скандалот поврзан со телефонскиот разговор на претседател Доналд Трамп, со претседателот на Украина Володомир Зеленски.

Разговорот во кој Трамп бара од властите во Киев да отворат истрага за синот и таткото Џо Бајден, за кого се верува дека ќе му биде противник во трката за Белата куќа, на изборите во ноември 2020 година, стана повод за истрагата на Конгресот, која може да доведе до импичмент за Трамп.

Според “свиркачот“ Вокер бил во Киев во јули годинава (кога се случил и телефонскиот разговор) и се сретнал со Зеленски и со други украински политичари, советувајќи ги како да го спроведат барањето на американскиот претседател.

Три комисии на Претставничкиот дом на Конгресот, на своите дневни редови, веќе ја имаат ставено и оставката на Курт Вокер.

Се очекува тој да биде важен сведок во истрагата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе