Хари и Меган против „Меjл“
Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл (сега со кралските титули војводата и војвотката од Сасекс) го тужат лондонскиот таблоид „Меjл он Сандеј“ за објавување на нејзиното приватно писмо, што таа му го има испратено на својот татко во САД набргу по нивната венчавка во мај минатата година. Нивните адвокати тврдат дека весникот не само што објавил приватно писмо, без одобрение, туку и дека интервенирал во неговата содржина, за да се измени неговото значење.
Редакцијата на „Меjл“ еден од најтиражните британски таблоиди за кого се вели дека идеолошки и политички од секогаш е близок до конзервативците, ги отфрла обвинувањата. Нивни претставник рекол дека весникот и издавачката куќа Асосиеитид Њуспејперс, дека „остро ќе ги бранат позициите изнесени во написот“, инсистирајќи дека ништо во писмото не било преправано.
Кампања против Меган
Адвокатската фирма „Шилингс“ , меѓутоа, објави дека „Меил“ се тужи за злоупотреба на личните податоци, за кршење на авторските права и за дело на повреда на законот за заштита на податоците. Според фирмата, тужбата се однесува на “ кампањата со објавување неточни текстови со кои им се нанесува штета на угледот на Маркл“.
Станува збор за писмо што ќерката Меган му го има испратено на таткото, откако тој за некои американски медиуми има речено дека не присуствувал на свадбата , само затоа што тоа него дозволил зетот, односно принцот Хари. Во писмото, од она што се објави во лондонските весници, во време додека таа очекуваше да се породи, таа бара од таткото да не зборува така и го брани сопругот од обвинувањата.
Официјално, пред свадбата беше објавено дека тој нема да присуствува на венчавката затоа што е со нарушено здравје, односно дека имал проблеми со срцето. Меган Маркл е дете на разведени родители од расно мешан брак.
„Медиумска немилосрдна пропаганда“
Нејзиниот сопруг, принцот Хари, на објавувањето на тужбата, реагираше со остар напад кон медиумите ( таблоидите) за нивниот однос кон Меган во изминатата година и половина откако таа е дел од британското кралско семејство.
Во долго писмо поставено на интернет страницата на брачната двојка, Хари го осудува, како што вели, „болното влијание на наметливото медиумско покривање“ и дека тоа е она што тој и Меган се одлучиле да поднесат тужба и да побараат правна заштита.
„ Ја загубив мајка ми, а сега гледам како и мојата сопруга станува жртва на истите моќни сили“- напишал Хари, нарекувајќи го пишувањето на медиумите како „ немилосрдна пропаганда“.
Од поодамна е познато дека синовите на починатата принцеза Дијана, постариот Вилијам и помладиот Хари , не ги сакаат таблоидите кои индиректно ги обвинуваат за трагичната смрт на нивната мајка, од пред 21 година.
(Д.Л.)