Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Патриотски“ игри

PJ_JoE/BigStock.com

„Патриотски“ игри

На Балканот, историјата никогаш не била учителка на животот. Посебно не за политичарите. Тие на овој географски простор, никако не успеваат да ги научат лекциите  од грешките направени во минатото и низ историјата. Отстапки од ваквата состојба направија Македонија, Бугарија и Грција низ билатералните, историски договори на Скопје со Софија и потоа и на договорот од Преспа, на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Потешко одеше нивната ратификација, посебно на преспанскиот договор, поради отпорот на националистите, десничарите и поради мешањето од надвор на една странска сила на која ( и натаму) и пречи процесот на помирување на Балканот.

Историски договори

Во Македонија, домашните националисти со отворена странска помош, наместо поддршка на договорот кој значи и „ де јуре“ признавање на македонската национална посебност, а ги отвора сите врати за евроатланските интеграции, што е стратешка цел на државата, од пред 25 години, се определија против договорот, присилувајќи ги своите гласачи на бојкот на референдумот.

Во Грција, пак,  во Атина, но посебно во северните делови од државата и во Солун, истото такво друштво кое овде повикуваше на бојкот, таму предизвикуваше, насилнички улични немири. Премиерите и на двете земји беа прогласени за наводни „ предавници“ , но и во двете држави, договорот од Преспа беше ратификуван, а потоа и општо меѓународно признат.

ЕУ го прогласи за најголемото постигнување во регионот, во изминатите две децении, во политиката за градење мир, добрососедство и соработка, прикажувајќи го како договор-модел за разрешување на долгогодишните спорови и меѓу други  земји, на мирен начин и со правење компромиси. Силна европска поддршка доби и македонско-бугарскиот договор за пријателство, со кој се става точка на долгогодишните меѓусебни недоразбирања околу минатото и во врска со одбележувањето датуми од историјата, на тој начин што и едната и другата земја и нивните народи, ќе ги одбележуваат и прославуваат- заеднички.

Застој кај комисиите

На таков начин е создаван, иако многу порано и од поодамна и мирот во Европа, со надминување на недоразбирањата од минатото, оставајќи им ја историјата на луѓето од науката- тие да изградат консензус околу историските настани што се испреплетувале и на континентот на кој сега сето тоа е спакувано во учебниците, за да може да се создаде и за да постои една Европска Унија.

Договорот од Преспа, исто така, беше правен под силниот притисок на  настаните од минатото, што националистите и на двете страни, изминатите седумдесетина години, ги имаат толкувано, секој на свој начин, создавајќи длабок процеп меѓу луѓето во двете соседни држави, силна недоверба и непријателство. Договорите, затоа, предвидуваат посебни работни групи од експерти, за да се докомплетираат документите, давајќи им европски „шмек“ на историските случувања, во поблиското и подалечното минато.

Тука, меѓутоа, настана застој. Тука за некои работи, што од техничка, а што од суштинска природа, запре нивната работа и тоа во времето кога Република Северна Македонија го очекува она што го чека четврт век- истакнувањето на државното знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и датум за почеток на преговарачкиот процес за полноправно членство на државата во ЕУ.

Пораки со предупредување

И одново, на состојбите од минатото , почнаа да се играат некакви „ патриотски“ игри, да се толкува историјата на едностран начин, без уважување на другата страна, да се префрла топката со одговорност на другиот и што е најтажно – да  му се праќаат на Скопје пораки кои делуваат како закана- а, сето тоа само за да се собираат политички поени на домашната политичка сцена.

Околу овие комисии, колку што досега е познато, работите околу застојот се различни , во Бугарија и во Грција, иако и кај двете земји, политиканството и политичките потреби остануваат главната причина.

Во случајот со Грција, застојот , пред се, е предизвикан со промената на власта во земјата, по предвремените парламентарни избори. Новата  влада на Неа демократиа, на Киријакос Мицотакис, ја има распуштено својата комисија во преговорите со Македонија, која инаку во стариот состав беше формира на владата на Сириза. Извори во Атина, за Скопје/Глобал објаснуваат дека новата влада, секако, ќе определи нов состав на грчкиот дел од заедничката комисија, но не се знае кога, ниту пак од какви позиции ќе настапува.

Поранешниот премиер Ципрас има најавувано дека од оваа есен, грчките ученици, за прв пат во историјата, ќе имаат лекции и за Северна Македонија, земја сосетка на Грција, но тоа очигледно дека нема да се случи оваа учебна година, иако комисијата целосно го има усогласено ставот околу грчкиот карактер на античката историја на овој простор. Но, Мицотакис и неговите беа остро против договорот од Преспа. Го обвинуваа Ципрас за предавство, иако кога ја освоија власта уверуваа и тоа се уште го прават, дека новата влада ќе го почитува договорот.

Додворување на гласачите

Едноставно, мораат така да постапат, затоа што би било лудост од Атина тоа да не го прави, бидејќи тогаш Турција веднаш би побарала ревизија на Лозанскиот договор од 1922 година, за разграничувањето на двете држави на копно и на море. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган , од време на време, ги потсетува грчките влади на „ неправдата“ што и е нанесена на турската страна, повлекувајќи ја морската граница, непосредно покрај турскиот западен брег во Егејот. Тоа го направи и кога последен пат беше во Атина.

Затоа, во склад со преспанскиот  договор, Грција за прв пат испрати свој амбасадор во Скопје, а  на грчката државна телевизија, нашата држава повеќе не се означува како ФИРОМ, туку како Северна Македонија . Па, сепак,  веројатно е дека Неа демократиа нема да брза со овие „ технички прашања“, околу комисијата за историја и за учебници, само од свои политички интереси.

Прво, затоа што Мицотакис потроши многу енергија за да ги увери Грците, особено на северот од државата, дека Преспа е „штетен договор“ , за да сега веднаш продолжи таму, каде што застана владата на Ципрас. И, второ, за да не ги разочара ( и загуби) гласачите во северна Грција. Според грчката изборна комисија, Неа демократиа победила уште во првиот круг – и на европските избори и на грчките парламентарни избори, токму во овој дел на државата, каде ние тврдиме дека има етнички, словенски Македонци.

Национална дебата во Софија

Случајот со бугарско-македонската комисија е од поинаква природа, без разлика што и тука има напредок, посебно околу нашите заблуди за етничкиот, македонски карактер на Самуил и неговата рано средновековна држава.

Овде комисијата постои во истиот состав и од двете страни, но впечаток е дека човекот кој ја предводи бугарската делегација (поранешен бугарски амбасадор во Скопје) , се уште е со своите видувања од времето кога работеше овде, со првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, со нејзиниот тогашен лидер, нему мошне блискиот Љупчо Георгиевски и неговите приказни во кои сакаше сите да ги увери- дека ние , Македонците, сме Бугари, дека имаме бугарски корени.

Токму Георгиевски предложи двете земји да потпишат меѓудржавен договор , што се реализира дури сега, од владата на актуелниот премиер Зоран Заев, секако , прифаќајќи дека има многу работи од минатото кои не поврзуваат, кои се измешани меѓу двата народа и затоа заеднички и ќе се одбележуваат и ќе останат запишани во нивните истории. Тоа, сепак,  не значи оти целата македонска историја е бугарска и дека софиската комисија на тоа ќе гледа од позиција на посилниот и постариот „ брат“.

Така гледано, делува сосема непотребно кога бугарскиот државен врв, по барање на претседателот Радослав Радев  отвора дебата за „заштита“ на бугарските национални интереси и  ја натера владата да го прекори Скопје, па дури и да му се закани дека поддршката, а тоа значи и пријателството, запечатено со договорот, има свои граници ! А, сето тоа, како што разбра Скопје/Глобал од свои извори во Софија, само за домашни потреби – за одмерување на позициите на Радев и на премиерот Бојко Борисов пред бугарските гласачи.

Дистанцирање од патриотскиот набој

На Борисов тоа се чини не му е потребно и не би требало да влегува во „ патриотските“ игри на шефот на државата. Токму бугарскиот премиер, како претседавач на ЕУ, се промовираше себе си како лидер на Балканот од европски калибар, каков Софија никогаш досега немала. Неговите силни заложби за европеизација на западен Балкан, за прием на сите земји во ЕУ и за тоа дека стабилноста на Европа зависи од Балканот, наидоа на силна поддршка и во Европската комисија и во Европскиот Парламент.

Нема затоа потреба, во Скопје да се добие впечаток дека еден таков бугарски премиер би отстапил од позициите кои силно ги бранеше додека ја предводеше ЕУ.

Нашата, македонска страна, пак, во ваквите игри и од двата соседа со кои Македонија, низ преговори и низ изграден компромис, надмина стари недоразбирања, од интерес и за Скопје, но и за Софија и Атина, треба да се дистанцира, за да не реагира со некаков патриотски набој.

Од тоа, ние овде нема да профитираме, освен се разбира домашните националисти и дежурните критизери на премиерот Заев кои заеднички навиваат тој да не успее со „ проектот Македонија“ . Она што му треба на Скопје, сега, пред одлучувањето за датумот за преговори со ЕУ, но и потоа, доколку тргне преговарачкиот процес, е да не се навлезе во  балканските игри.

Би било наивно, да се мисли дека она што не се надминало и не се разрешило во изминатите стотина и повеќе години, ќе може лесно и брзо да се среди во неколку месеци.

Сервис-Скопје/Глобал

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе