Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Инцидент со безбедњаците на Емина Ердоган

Homeros/Bigstock.com

Инцидент со безбедњаците на Емина Ердоган

Емина Ердоган, сопруга на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ненамерно предизвика инцидент во Белград, за време на официјалната посета на нејзиниот сопруг, во официјална посета на Република Србија. Интервенирала и српската полиција, а две лица биле уапсени и одведени на сослушување .

Според белградските медиуми, инцидентот се случил во едно кафуле во близината на амбасадата на Турција, каде Емина Ердоган дошла во посета, следена од бројната екипа турски безбедњаци.

Дел од нив, „чешлајќи“ го целиот крај околу турската дипломатска мисија, за тоа дали е сосема безбеден за доаѓањето на турската „ прва дама“, влегла и во кафулето, онака „тешко„ вооружени, кое во тоа време од денот било полно со гости.

Појавувањето на луѓето со, како што изјавиле сведоци, оружје со долги цевки, предизвикало вознемиреност кај присутните. Некои од гостите се побуниле, а келнерот на кафулето побарал од вооружените гости да си заминат. Еден од присутните гости му се приклучил, па велат, настанала расправија и туркање меѓу завадените, но колку што се знае, турските безбедносни оперативци не посегнале по оружјето.

Но, гневни од таквиот „пречек“, тие побарале помош од безбедноста на амбасадата, а пак овие, ги повикале да интервенираат српските безбедносни сили. Домаќините, по брза постапка, ја смириле ситуацијата, апсејќи ги келнерот на кафулето и гостинот кој застанал на неговата страна, во расправијата со вооружените турски „безбедњаци“.

Медиумите во Белград соопштуваат дека притворените, по сослушувањето биле ослободени.

Инцидентот со вооружените луѓе на турската безбедност, задолжени да ја чуваат Емина Ердоган, сепак, останал под контрола. Не се повторил случајот од Вашингтон, кога за време на посетата на претседателот Ердоган на САД, турските безбедносни оперативци влегоа во директна пресметка со демонстрантите кои извикувале пароли против гостинот од Турција, барајќи тој да си оди од Америка.

Во тепачката имало повредени и на двете страни, па интервенирала американската полиција, заштитувајќи ги своите граѓани , придржувајќи се на правото на мирен протест и на слободата на изразувањето. Еден локален судија, подоцна, обвини некои од луѓето на турската безбедност за напад врз невооружени лица и за предизвикување на инцидентот, што за момент предизвика и дипломатски инцидент меѓу двете земји.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе