Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мнозинството Американци подржуваат импичмент

andykatz/BigStock.com

Мнозинството Американци подржуваат импичмент

Мнозинството од американските граѓани ја подржуваат истрагата што ја покрена Претставничкиот дом на Конгресот на САД за претседателот Доналд Трамп, како и покренувањето на постапката за импичмент – покажува истражувањето што е направено за весникот „Вашингтон Пост“. Половината од возрасните лица кои учествувале во истражувањето сметаат и дека конгресмените треба да предложат Трамп да биде тргнат од функцијата.

Ова испитување на јавното мислење открива дека брзо се менува расположението на мнозинството од Американците против претседателот и нивното согласување со импичмент за Трамп, откако во јавноста се појави информацијата дека претседателот на САД, во телефонски разговор со еден странски државник (претседателот на Украина) побарал од него, тамошните истражни органи да покренат истрага против Џо Бајден (и неговиот син кој има работено за една украинска компанија за гас).

Менување на расположението

Отежнувачка околност за Трамп е што таквата истрага е побарана против Бајден, поранешниот американски потпретседател, за кого се верува дека ќе му биде главниот противник во изборната трка во ноември 2020 година, за претседател на САД. Уште повеќе што постои сомневање дека покренувањето на истрагата против Бајденовци, актуелниот американски претседател ја условил со давањето воена помош за Украина, во вредност од околу 400 милиони долари.

Постапката за импичмент против Трамп се споменува уште од времето на истрагата за “руската врска“ и за мешањето на Русите во претседателските избори во 2016 година, за да и се напакости на Хилари Клинтон, која тогаш беше кандидат на Демократската партија.
Но, досега сите анкети покажуваа дека поголемиот дел од јавноста не смета дека треба да се покрене постапка за импичмент. Иако личниот рејтинг на Трамп секогаш беше околу 40 отсто поддршката на гласачите, за импичмент се изјаснуваа меѓу 37 и 41 отсто од Американците.

Кризата се продлабочува

Сега, меѓутоа, американските гласачи го сменија мислењето, па за постапката за отповикување на претседателот од функцијата се изјаснуваат 58 отсто, наспроти 38 отсто кои во истражувањето на кое се повикува “Вашингтон Пост“, се определиле против импичмент за Трамп.

Меѓу сите возрасни во испитувањето на јавното мислење, сега 49 отсто од нив смета дека треба да се бара отповикување на претседателот. Други шест отсто се за тоа да има постапка за импичмент, но сметаат дека Трамп треба да остане во Белата куќа.

Резултатите од ова истражување доаѓаат во време кога политичката криза во САД се продлабочува, а некои аналитичари се на мислење дека земјата влегува во уставна криза, откако Белата куќа соопшти дека нема да соработува со Конгресот во покренатата постапка за импичмент.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе