Макрон контра ЕУ
Од влегувањето на Емануел Макрон во Елисејската палата, од пред две години, односите меѓу официјален Париз и ЕУ се во некоја чудна состојба. Во основа, тие се блиски и срдечни како што биле од секогаш. Франција беше и останува еден од двата главни мотори на Европа и на европското интегрирање, заедно со Германија. Актуелниот француски претседател од почетокот на преземањето на функцијата, се промовира себе си како силен проевропеец, по што не го прави поразличен од неговите двајца претходници- Франсоа Оланд и Никола Саркози, а тоа, неговите соработници и истомисленици постојано го истакнуваат.
Но, веќе две години, оние кои од поблиску ги следат европските состојби, а посебно односите меѓу Париз и Берлин, забележуваат дека сето тоа што наликува дека е исто, всушност се разликува и дека француската страна се повеќе сака да ги покажува тие разлики- како кон ЕУ во целина, а така и кон Германија. Самиот Макрон еднаш призна дека тој и канцеларот Ангела Меркел не секогаш се согласуваат, но дека низ разговори и низ комуникацијата, доаѓаат до компромисно решение. Меркел многу помалку зборува за тоа какви се односите на Берлин со Париз, инсистирајќи дека тие биле и остануваат срдечни, па сепак, останува впечатокот дека европскиот „ мотор“ како да го губи здивот.
Судир со Истокот
Откако се појави случајот со британскиот Брегзит, Франција како постојано да сака да покаже дека таа има свое мислење, а тоа особено го манифестира во односите на Западот и Истокот во самата ЕУ, што инаку може да биде мошне опасно за иднината на Унијата.
Париз, практично, нема некое поголемо влијание кај земјите од некогашниот советски комунистички блок во источна Европа, за разлика од Германија и Меркел. Токму германскиот канцелар „ војуваше“ со Вишеградската четворка , а пред се, со Унгарија и Полска, за време на кризата со бегалците и мигрантите од Блискиот Исток и Африка, примајќи го врз себе главниот удар, заедно со Италија и Грција, но Макрон се одлучи јавно и остро да ги прекори, добивајќи ја силната поддршка на Западот од Унијата.
Францускиот претседател, во секој случај, беше во право кога „ источните браќа“ ги прекори дека сакаат да ги примаат парите од европските развојни фондови, но дека не сакаат да се однесуваат по европски, да се придржуваат на каноните на кои се потпира ЕУ и да ги почитуваат правилата на Унијата. Па, кога дојде времето да се избираат новите европски функционери, тој го искористи инаетењето на Виктор Орбан, пред се, како и на Полска и другите од Истокот ( освен Бугарија), за да возврати со растурање на шемата на „ шпиц кандидат“ ( претходно договорени кандидати за основните пет европски функции), предизвикувајќи сериозна криза во Европскиот совет и отворен судир на „ старите“ и на „новите“ членки, инсистирајќи на изборот на нови лица да се прави со нов систем на избирање- на самата седница на Советот.
Игрите со Западен Балкан
Беше јасно дека сега Макрон се инаети, но дека инаетот е насочен кон Берлин и Меркел, пред се, затоа што Германија и овој пат го доби она што го побара. Германец за претседател на Европската комисија, иако после 50 години, што за Париз беше знак дека германското водство во Унијата кое и онака е очигледно, во следните пет години ( најмалку) ќе биде уште позасилено и покрај заминувањето на Меркел од политиката, во 2021 година, по истекот на нејзиниот сегашен мандат како канцелар.
На крајот- излезе дека победи Макрон- остана Германија со свој човек за Европската комисија ( иако со друг кандидат), ги „казни“ источњаците за нивната нелојалност кон европските принципи, не прифаќајќи никого од Истокот, а истурка свој кандидат на многу важната европска функција- претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) и тоа со една Кристин Легард, која беше повлечена од моќната позиција директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Таква игра Макрон одигра и на Западен Балкан.
Иако е впечаток дека Париз одамна не се интересира за овој европски регион, што поранешниот премиер Доминик де Вилепин уште пред 12-13 години го отпиша како дел од Европа, заговарајќи да запре проширувањето на ЕУ, после приемот на десет нови членки во мај, 2004 година, официјален Париз покажува дека и за ова прашање нема исто мислење со Берлин.
Одмолчување за Косово
Додека Меркел е на позиција дека без приемот на земјите во Западен Балкан во Унијата, нема да има обединета Европа, а тоа мало парче од континентот ќе стане место за судир на големите сили, Макрон мисли поинаку. Дури и во случајот на Република Северна Македонија ( не за нејзин прием во ЕУ, туку само за добивање датум за преговори кои потоа Париз би можел да ги развлекува до бесвест), францускиот претседател најде за потреба и за ова прашање да му контрира на германскиот став, наоѓајќи притоа допирни позиции со Москва, која отворено се противи на европската интеграција на регионот, делувајќи за неговата дестабилизација.
Така е и кога станува збор за косовската ситуација.
Откако официјален Белград смисли „ генијален“ план за решение на кризата – со размена на територии- северот на Косово за Србија, а дел од Прешевската долина за Косово, Меркел се огласи прва со спротивставување, тврдејќи дека тоа значи отворање на „ пандорината кутија“ за етнички чисти територии на Балканот каде до пред 20 години се војуваше. За Берлин, тоа би била закана за европската безбедност, но пред се, за БиХ и за Македонија.
Емануел Макрон, меѓутоа, одмолче на планот на тандемот Вучиќ-Дачиќ, исто онака како што направи и Русија! Летово тој дојде во Белград, не отиде во Косово, за посетата нема многу информации, па некои велат дека била успешна, а други дека била фијаско, но факт е дека Србија ја турка и натаму таа своја идеја како единствено прифатлива и сега дури за тоа бара поддршка во регионот- од Сараево и изгледа и од Скопје.
Случајот Гулар
Во предвечерието на европскиот Самит на кој главна точка е Брегзит и каков ќе биде разводот на ЕУ со Британија , Париз одново е во недоразбирање со Унијата. Овој пат со нејзиниот Парламент, гневен што европските парламентарци не го прифатија францускиот кандидат за нов евро комесар за внатрешен пазар. Станува збор за поранешната француска министерка Силви Гулар, инаку блиска до Макрон и како што велат извори на Скопје/Глобал- кандидат на самиот француски претседател.
Таквата одлука предизвикала лутина во Елисејската палата. Макрон (тврдат) налутено рекол дека „ не разбира зашто била отфрлена кандидатурата на Гулар“ и ведаш побарал разговор и интервенција на новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Гневот на Французите бил силен затоа што таа била одбиена како иден евро комесар од етички причини.
Од истите такви причини беа одбиени и првичните кандидати за евро комесари на Унгарија и на Романија. Овие две земји брзо ги заменија со други кандидати, но како сега стојат работите, една Франција тоа не сака да го направи, па од Париз наместо компромисен нов кандидат, порачуваат „ прашањето да се реши МИРНО И БЕЗ ЛУТЕЊЕ“ !?
„Шлаканица“ за Париз
Што треба да значи ваквата порака останува да покаже неделата што следи, до Самитот, но од Берлин почувствуваа дека расправија , на јавната сцена би била штетна за ЕУ, па двете страни набрзина се спогодија за работна вечера на Меркел и Макрон во неделата ( на 13 октомври) , на која би требало да се изгладат работите, а за која европските циници предвидуваат тоа да биде„ уште еден француско-германски пазарлак“.
Во меѓувреме, париските медиуми ја подгреваат лутината на Франција, па одбивањето на кандидатурата на Гулар го оквалификуваат како „ шлаканица за Макрон“ и како вратка за некои негови потези кон другите членки во ЕУ ( па и кон Германија), како и околу изборот на европските функционери.
Французинаката, меѓутоа, беше одбиена само затоа што против неа се водат два судски спора и една парламентарна истрага на Парламентот во Стразбур. Таа е осомничена за проневера и за фиктивни сметки во врска со евроизборите направени за нејзината партија. Токму затоа, таа морала да поднесе оставка во француската влада, па е нејасно како и зошто Макрон одобрил таа да биде кандидат на Франција, кога доколку биде прогласена за виновна, ќе треба да оди во затвор. А тоа е состојба за која Париз, ЕУ, Брисел и европските демократии најчесто им држат лекции на балканците и на нивните правосудни органи и на властите, подучувајќи како не треба да работат.
Предупредување за ЕУ Парламент
Француската министерка за европски прашања Амели де Моншален, сепак, не мисли така. Таа е лута што една Французинка е дисквалификувана на ваков начин, па го прекори европскиот Парламент за одлуката. „Имам голема почит кон Парламентот, но тој не е суд каде се суди за прашања за кои се уште не е судено во ниту еден суд“- рекла Моншален, бранејќи ја тезата дека нејзината доскорешна колешка во владата е невина ( додека не ја осудат) и уште порачувајќи им на Дер Лајен, на ЕУ и на Берлин дека „Париз очекува брзи одговори за оваа работа“.
Всушност, француската министерка Моншален во својата реакција за „ случајот Гулар“ ги предупредува ЕУ и Парламентот во Стразбур дека „ одлуката да се одбие кандидатурата на кандидатот на Франција, практично, значи создавање голема институционална криза“ ! Според неа, без француски комесар не може да функционира Европската комисија ( што ќе рече европската влада).
Француска вратка?
Така или не, ваквата груба реакција на Париз за една, во основа, техничка операција, која можеше да се разреши мирно, со нудењето нов кандидат за комесар за внатрешен пазар, само потврдува дека Емануел Макрон во својата „ визија за Европа“ е во постојано контрирање на ЕУ, како целина.
Париз инсистирал кај Дер Лајен Франција да ја добие позицијата комесар за внатрешен пазар која очигледно им е важна на Французите, затоа што таа ја покрива индустриската политика на Унијата и единствениот дигитален пазар, на што инсистира француската страна.
Зашто не може друг од Франција да ја извршува таа функција која европскиот Парламент не им ја одзема, е прашање на кое Французите треба да одговорат. Дали само затоа што Силви Гулар е блиска до Макрон, онака како што Урсула фон дер Лајен е политички блиска со Ангела Меркел, како нејзин поранешен министер?
Сервис- Скопје/Глобал