Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Kако против расизмот на навивачите ?

master1305/Bigstock.com

Kако против расизмот на навивачите ?

Бугарскиот премиер Бојко Борисов остро реагираше на инцидентите на фудбалскиот меч меѓу Бугарија и Англија, одржан во Софија, барајќи оставка од претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) Борислав Михајлов и блокирајќи ги парите што ги дава владата за фудбалот, се додека тој не замине од функцијата.

На мечот во понеделникот (14 октомври) што бугарската селекција катастрофално го загуби со 6:0, играта на два пати беше прекината поради расистичкото навивање на дел од публиката и навредите на расистичка основа упатени кон црните англиски фудбалери. Освен тоа, камерите имаат „уловено“ како бугарски навивачи, главно млади луѓе,  скандираат кон Англичаните со нацистичкиот поздрав.

Ништо за инцидентите

Неколку часови подоцна, под притисок на јавноста и на „ултимативното“ барање на премиерот, претседателот на БФС поднесе оставка. Во изјавата Михајлов и Сојузот велат дека оставката е последица на актуелните тензии во фудбалот, но изненадува, а и разочарува што тие воопшто не го споменуваат расизмот ( и инцидентите) поради кои и вака реагираше владата. Уште повеќе, бугарскиот селектор Красимир Балаков и самиот некогаш познат бугарски фудбалер, за лондонските весници изјавил дека тој „ не слушнал расистички извици“ и при тоа барал „ докази за инцидентите“ пред да им се суди на Бугарија и на нејзината репрезентација.

Според премиерот, меѓутоа,  крајно е неприфатливо, луѓето на стадионот во Софија да се однесуваат така како што се однесуваа- изразувајќи расизам и ксенофобија.

„ Побарав Борислав Михајлов веднаш да си поднесе оставка како претседател на БФС, по срамниот пораз на репрезентацијата и по сето она што се случуваше на стадионот и што се случува во нашиот фудбал. Наредив веднаш да прекинат и сите врски на владата со фудбалскиот сојуз, а тоа значи и средствата што владата ги издвојува за фудбалот- рекол  Бојко Борисов, додавајќи дека така ќе остане се додека Михајлов не си замине.

Повторено хулиганство

Ваквата невообичаено остра реакција на бугарскиот премиер доаѓа откако инцидентот со Англичаните не е прв. Бугарија е веќе казнета од УЕФА, а натпреварот со Англија се играше со половина испразнети трибини, после истите такви инциденти, исполнети со расизам и со ксенофобија кон гостинските играчи и на претходните два меча- со репрезентациите на Косово и на Чешка.

УЕФА уште пред мечот со Англија,  го предупредила бугарскиот фудбалски сојуз на ризикот од можни инциденти од страна на домашните навивачи, пред се, од можното навредливо и расистичко однесување. Но, БФС ги отфрлило таквите критики, а самиот Михајлов рекол дека прекорите и предупредувањата од Европската фудбалска федерација се претерани.

Британската спортска, но и политичка јавност остро реагираше на случувањата во Софија.

Англиската фудбалска федерација побара интервенција од УЕФА и преземање итни мерки за елиминирање на расизмот на трибините, а кабинетот на премиерот Борис Џонсон, во Даунинг стрит 10, остро ги осуди инцидентите. „Сето она што можеше да се види на софискиот стадион нема ништо заедничко ниту со фудбалот, а ниту со спортот во целина“- се вели во изјавата на владата во Лондон.

За расизам прекин на мечот

Англискиот капитен Хари Кејн изјавил за британските весници дека размислувал да ги повлече сите играчи од теренот и да се прекине мечот. Еднаш тоа ќе мора да се направи, затоа што мислам дека УЕФА не прави доволно за да ги спречи ваквите инциденти по стадионите“- рекол Кејн.

Инцидентите во бугарскиот главен град, одново ја отворија темата за расизмот, антисемитизмот, ксенофобијата и за хулиганството на стадионите. Ваквите појави кои повремено ги има и на стадионите низ Англија, секако, не се работа само на фудбалските организации , на селекторите и на тренерите, па дури и на УЕФА и ФИФА. Предлозите кои сега се нудат, посебно во британската јавност одат до таму, натпреварите да се прекинуваат веднаш при секој случај на расистичко навивање, а домашната екипа, по автоматизам да го загуби мечот. Секако, теренот (стадионот)  на кој се случил таков инцидент, да биде остро казнет и на подолг рок.

Едно посебно формирано тело за борба против дискриминација во фудбалот, веднаш, побара остра казна за Бугарија и за нејзината репрезентација на тој начин што би била исклучена од натамошното учество во квалификациите за Европскиот шампионат во фудбал во 2020 година.

Опасно минимизирање

Хулиганството на фудбалските стадиони е израз и на состојбите во едно општество, низ системот за воспитување и образување, низ политиката и низ општата клима во јавноста. Но и низ локалните медиуми кои настојуваат, обично, да ги минимизираат ваквите инциденти, а политичките рубрики во своите прилози дури и ( свесно, или несвесно) да поттикнуваат омраза, расизам, антисемитизам. Ваквите појави се зло на целото општество, а навивачите на стадионите тоа само јавно го манифестираат.

Софиските инциденти, освен тоа,  се раширија низ европската јавност и за нив се зборува, затоа што станува збор за Англија.

На Балканот, меѓутоа, некои спортски канали се направија глуви и слепи, исто како и бугарскиот селектор Балаков, па во приказот од овој меч, спортскиот тв канал „СК’ расизмот не го ниту спомена! Како што во истата оваа балканска јавност, главно, беше премолчено дека жртва на хулиганството на бугарските „навивачи“ во Софија, биле и косовските фудбалери. Тоа и не изненадува кога некои коментатори на „СК“ за Косово и за неговата фудбалска репрезентација зборуваат како за „ таканареченото Косово“.

(Д.С.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе