Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

1. Куќа за едно евро 2. Смртна казна во Србија 3. Лондонски „Риц“ за продажба

D.serra/BigStock.com & viewapart/BigStock.com & chrisimages/BigStock.com

1. Куќа за едно евро 2. Смртна казна во Србија 3. Лондонски „Риц“ за продажба

Малото место Самбука, на италијанскиот остров Сицилија беше на пат да остане без население и практично да исчезне, поради масовното иселување на неговите жители во другите делови на Италија, но и во земјите на ЕУ и во Америка.

Не дека станува збор за сиромашен и опустошен крај, без никаква можности за развој, пред се, на земјоделството, бидејќи во неговата околина има бројни лозови насади.

Но долгата традиција за заминување од Сицилија, предизвикала многу куќи во местото да останат празни и запустени, без стопани, заканувајќи самите да се урнат под товарот на годините и на долгото неодржување.

Очајните градски власти во Самбука и младиот градоначалник не знаеле како да го спасат своето мало место, немајќи пари за одржување на бројните стари куќи, а посебно оние кои со години стоеле напуштени и празни.

Немајќи поддршка и разбирање и од државата, одлучиле да им ги понудат ваквите куќи на луѓето, со оглас на интернет – нудејќи ги цели и онакви какви биле, за само едно евро.

Условот бил, новиот сопственик да ги обнови и оспособи за живеење во рок од пет години.

И идејата, во која малкумина верувале, успеала. Во првата понуда на која за продавање биле 16 празни куќи, не се јавил ниту еден Италијанец, но за сите имало купувачи и сите биле странци.

Уметници од разни профили, писатели, актери, музичари и композитори, биле оние кои ги купиле куќите за едно евро и почнале да ги реновираат.

Повеќето од нив, подоцна и се доселиле во Самбука, за да живеат на Сицилија.

Имало уште една ваква понуда, а кога се расчуло за местото, а странците и натаму доминирале со понудите за купување, градските власти постигнувајќи го она што го сакале, полека продажбата на куќите ја свртиле на комерцијална основа.

Според градоначалникот, досега се продадени над 60 куќи, најголемиот дел од нив се веќе целосно обновени, а во заборавената и напуштена Самбука сега се враќаат и Италијанците кои пред многу години си заминале.

2. Мнозинството во Србија е за смртна казна!

Мнозинството од српските граѓани е за враќање на смртната казна во земјата, за најтешките кривични дела, покажува едно најново истражување. Според оваа анкета, 58 отсто од испитаните се согласуваат за заострување на казнената политика, со одземање на животот како најстрога казна.

Нема анализа за тоа што е причината за ваквата промена на односот на луѓето кон казнувањето на оние кои се огрешиле од законот, кога во Европа/ЕУ оваа казна е сосема елиминирана, но се верува дека тоа се должи на ситуацијата во Србија, каде процентот на криминалот и насилството останува се уште висок.

Посебно во главниот град -во Белград- каде пресметките на бандите се честа појава, а особено каде, според тамошните медиуми, се продолжува со ликвидации на лица од подземјето, за што виновниците не се наоѓаат, а секогаш нема виновник.

3. Лондонски „Риц“ се нуди за една милијарда долари

Луксузниот и елитистички хотел во Лондон „Риц“ би можел да биде продаден и за една милијарда долари, тврдат експерти на пазарот за недвижен имот. Толкава е проценката на економскиот тим на сопствениците на хотелот, „чудните“ браќа-близнаци Дејвид и Фредерик Баркли.

Лондонските медиуми тврдат дека за „Риц“ што се наоѓа на улицата „Пикадили“, до Грин Парк, а во близина на двете кралски палати – Сент Џејмс во која живее престолонаследникот Чарлс и Бакингамската, што е службена резиденција на британската кралица Елизабета, до браќата Баркли веќе имало неколку понуди со таа цена.

Но, колку што се знае, тие сите ги одбиле, верувајќи дека цената на овој хотел може и натаму да расте. Особено што тој и покрај високите цени и скапите услуги, носи профит. Во минатата година тој изнесувал 47 милиони фунти.

Лондонски „Риц“ е отворен во 1906 година од швајцарскиот хотелиер Сезар Риц.

Од тогаш во него престојувале многу кралски семејства, политичари, филмски ѕвезди и разни милијардери.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе