Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Договор за Брегзит „а ла Џонсон“

arenroach/Bigstock.com

Договор за Брегзит „а ла Џонсон“

Во трката со времето и со роковите кои инаку самиот ги наметна со своето однесување и потезите што ги влечеше, британскиот премиер Борис Џонсон објави дека е постигнат нов договор со ЕУ околу „ разводот“ на Британија и Унијата.

Договорот мораше да се донесе до 19 октомври, на полноќ, затоа што на тоа обврзува британскиот закон, што на брзина ова лето беше донесен во Парламентот во Лондон.  Според  законот, доколку до овој датум не биде постигнат договор за правно уредено напуштање на ЕУ, британскиот премиер ќе мораше да побара уште едно одлагање на Брегзит. Џонсон  затоа радосно порачува дека (сега) тој има „ многу добар договор со Брисел“ настојувајќи сите да ги увери дека е многу подобар од првиот договор, што во ноември 2018 година го постигна поранешниот премиер Тереза Меј.

Новиот со 95 отсто од стариот договор

Таа исто така тврдеше дека во преговорите што две години трпеливо ги водеше, успеала да добие максимум од она што можело да се постигне, но „дилот“ на Меј беше на три пати, уверливо, отфрлан од пратениците во Вестминстер. Најмногу поради одредбата позната како „ бек стоп“ која се однесуваше на ирската граница и на статусот на Северна Ирска, доколку на островот не се повлече цврста граница, што никој не сака да постои за да не се обезвреди мировниот договор од Велики петок од 1998 година.

Таа одредба ја нема во договорот на Џонсон, но 95 отсто од договорот на Меј останува вкомпониран и во „дилот“ на нејзиниот наследник во Даунинг стрит 10. А тоа се правата на граѓаните од Британија и ЕУ кои сега живеат на британската територија, или во Унијата. Потоа, прашањето на парите, односно британското исплаќање во „ бракоразводната парница“ од 50 милијарди евра, како и статусот на судските процеси кои се во тек пред Меѓународниот суд за човекови права. Британија гарантира и дека податоците што земјата ги има за европските државјани ќе останат заштитени.

Северна Ирска како царинска зона

Наместо „ бек стоп“ сега има одредби за статусот на границата меѓу британскиот и ирскиот дел од островот, што експерти во Лондон го означуваат само како шминка на она од порано, направена со мало попуштање и од двете страни. Северна Ирска останува дел од британската царинска територија и тоа е посебно назначено, но во реалноста, европскиот царински систем ќе продолжи да се применува, иако во Лондон ќе им изгледа дека тоа не е така!

Попрецизно објаснето, Северна Ирска ќе ги оцаринува некои стоки и производи, а ќе мора да направи и царинска контрола за оние производи кои преку нејзината територија ќе влегуваат во Ирска, а тоа значи во ЕУ и на заедничкиот европски пазар. Северна Ирска исто така ќе мора да задоволува и стотици европски царински и други прописи за да ја чува ЕУ и нејзиниот пазар од можноста да навлезат неквалитетни производи, преку Северот на Островот во Република Ирска, а од таму во целата Унија.

„Граница“ на море

Сето тоа наведува на заклучок дека на Ирско Море кое го разделува островот Ирска од Британија, ќе има „ невидлива“ граница, што ги тера противниците на овој втор договор да не го прифаќаат и да тврдат дека е исто така штетен за Британија и посебно за нивната покраина на ирскиот остров.

Британскиот  премиер е задоволен, затоа што , веројатно, политички преживеа, барем засега, уште и храбрејќи ги брегзитерите дека тој е победник спрема ЕУ, за разлика од Тереза Меј што тој ја означуваше како губитникот. Задоволен е и Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија на заминување, кој смета дека договорот е добар и за двете страни и што е најважно- за луѓето и затоа што го обезбедува мирот на островот.

Британските пратеници за договорот треба да гласаат во сабота. Џонсон е уверен дека нему ќе му успее договорот со ЕУ да добие мнозинство во Парламентот, но на теренот работите не стојат така. Против договорот е најголемата опозициска партија- Лабуристичката која тврди дека договорот на Џонсон е полош и од оној на Меј.

Неизвесно гласање

Против е и Демократската унионистичка партија (ДУП) од Северна Ирска која инаку ја одржува во живот актуелната влада на конзервативците во Вестминстер. Луѓето од ДУП исто така мислат дека дилот на Џонсон е барем исто толку лош колку и оној на Тереза Меј и неприфатлив за северноирските протестанти.

Против е Шкотската Национална партија (СНП) која тврди дека сега дефинитивно се знае дека Шкотска излегува од ЕУ, наспроти волјата на Шкотланѓаните. Со новиот договор не се согласува ниту Либералдемократската партија која е најевропски определена, а против е и партијата на Најџел Фараж, Брегзит, иако таа нема свои пратеници во Парламентот.

Дури и да го загуби првото гласање, во сабота, Џонсон сепак, има временски простор за изгласување на новиот договор – до 31 октомври , кога истекува продолжениот рок за Брегзит. А, тука е и Европскиот Парламент кој исто така треба да даде „ зелено светло“ за договорот на Џонсон. Двете страни веруваат дека овој пат нема да се повторат маките на претходниот британски премиер.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе