Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Раздор меѓу браќата Хари и Вилијам

cheekylorns/Bigstock.com

Раздор меѓу браќата Хари и Вилијам

Заедничките фотографии во лондонските весници на браќата-принцови Вилијам и Хари, прво сами, а потоа заедно со свршеницата, па подоцна и сопругата на постариот брат, Кетрин (Кејт) Мидлтон, сега војвотка од Кембриџ, како да исчезнаа, заедно со идиличното време на нивната блискост, низ заедничкото растење од момчиња во возрасни мажи, кои светот го памети уште од пред 22 години, од времето кога двајцата, со наведнати глави одеа зад ковчегот со мртвото тело на нивната мајка, принцезата Дијана.

Наместо тоа, таблоидите, но и сите други медиуми во изминатите месеци, на јавноста им нудат само написи за криза во братските односи, за „ кавгата“ меѓу Хари  и Вилијам , или за недоразбирањата меѓу двајцата браќа, кои останаа најпознатите млади членови на британското кралско семејство.

Вилијам е „загрижен“

Во домашната јавност, некои побрзаа за тоа да ги обвинат нивните сопруги – Кетрин и Американката Меган Маркл, сега војвотка од Сасекс – и наводната нетрпеливост која постоела меѓу нив, но блиските пријатели и на Вилијам и на Хари тврдат дека проблемите се меѓу нив, двајцата, иако никој не открива за какви проблеми станува збор.

Работите отидоа до таму што од Кенсингтонската Палата, службената резиденција на Вилијам, во британската јавност „ излезе“ вест дека постариот брат бил „ загрижен“ за својот помлад брат, принцот Хари и за неговото „ ментално здравје“ ( психолошката состојба) и за проблемите со кои се соочуваат и тој и неговата сопруга , откако во текот на изминатиот викенд се појави разговорот на Хари ( војводата од Сасекс)  за лондонската телевизија ИТВ.

Разговорот на Хари, е дел од документарната репортажа за патувањето и престојот на брачната двојка во државите од југот на Африка, каде беше и нивниот малечок син Арчи. Во репортажата со репортерот на ИТВ разговарала и Меган Маркл која за прв пат јавно признава дека кралскиот живот бил тежок, дека посебно тешко и било во текот на бременоста и дека многу малку луѓе се интересирале низ што таа минува.

Сопругата на принцот Хари открива и дека некои нејзини британски пријатели, уште пред да се омажи ја предупредувале дека ќе има големи проблеми со таблоидите кои ќе го следат секој нејзин чекор.

„Ние сме и остануваме браќа„

Но, овој пат, многу поголемо внимание предизвикаа изјавите на Хари, посебно неговото признание дека „ постои раздор“ меѓу него и братот Вилијам.

„ Неизбежно е да постојат такви работи. Тие се случуваат и се резултат на тоа што ова семејство ( кралското) е постојано под притисок. Но, ние сме браќа и секогаш ќе биде браќа. Во моментот сме на различни патеки, но јас секогаш ќе бидам покрај него и знам дека и тој ќе биде со мене“- изјавил Хари, признавајќи дека „ има денови кога тие се добри, меѓу себе, а има денови и кога не се“!

И Хари, војводата од Сасекс, шестиот во редот на претендентите на британската круна, како и неговата сопруга, во разговорот за телевизијата ИТВ имаат речено дека „ интензивно се борат“ за да се заштитат од „ силното следење и надгледување“ што им го приредуваат лондонските таблоиди.

Неименуван извор од палатата Кенсингтон  рекол дека Хари и Меган во основа се добро, но дека брачната двојка е во мошне чувствителна состојба. Овој извор ги демантирал тврдењата дека Вилијам  „ побеснел“ откако го слушнал интервјуто на својот брат, но официјално, резиденцијата на војводата од Кембриџ, вториот по ред претенденти за престолот, одби да ги коментира изјавите и зборовите на помладиот брат.

Проблеми од времето на Дијана

Аналитичарите на состојбите во монархијата и посебно во семејството на кралицата Елизабета, оваа „ кавга“ меѓу нејзините внуци ја сметаат како „ знак за тревога“! Особено што извори од Кенсингтонската Палата рекле дека „ не разбираат зашто Хари зборува на овој начин и дека се загрижени за неговата безбедноста и за безбедноста на неговата сопруга“ , уште повеќе што и обајцата сакаат јавно да зборуваат за нивната психолошка состојба.

Се смета дека помладиот брат Хари,се уште има проблеми со она што се случуваше во врска со мајка му и како таа беше третирана од таблоидите. Постариот Вилијам, пак, е различен. Тој го има надминато сето тоа, па иако и тој едно време гледаше на весниците ( таблоидите) со гнасење, третирајќи ги како непријатели, сега смета дека сето тоа е минато време, што го има оставено далеку зад себе.

Вилијам и мора така да се однесува, подготвувајќи се полека да биде британски престолонаследник, откако татко му, принцот Чарлс ќе биде крал.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе