Нетанијаху се бори за политички опстанок
Бенјамин Нетанијаху, лидер на десничарскиот Ликуд, десет години премиер на Израел и мандатор за состав на нова влада, го прослави својот 70 роденден во помешано расположение и со чувство на задоволство од животот, но и горчина од можноста за исчезнување од домашната политичка сцена.
Тој е првиот израелски политичар од создавањето на државата, пред 71 година, кој успеал да остане на премиерската функција цела една деценија. Како сега стојат работите, меѓутоа, нема да му се исполни големата желба- за роденденот да го добие и петтиот премиерски мандат. На два пати ги праќаше израелските гласачи на избори, на два пати шефот на државата му даваше мандат да формира владин кабинет, но и на два пати не успеа.
Ликуд против Сино-белите
Првиот пат, тоа беше по парламентарните избори во април годинава. Тогаш тој и Ликуд обезбедија мала предност пред главниот противник, опозициската Сино-бела партија на Бенјамин- Бени- Ганц, па се веруваше дека вештиот Нетанијаху, за кого велат дека секогаш успева политички да преживее, ќе може да постигне договор со цела низа помали партии од десниот и ултра-конзервативниот религиозен блок. Не успеа, затоа што ниту една друга партија не сака, ( а не сака ни тој самиот ) да го прифати главното барање на ултра-конзервативните, а тоа е нивните припадници да не служат војска.
Го врати мандатот, но наместо да остави можност Ганц и опозицијата да се обидат да соберат поддршка за формирање влада, тој се определи за нови избори, за пет месеци, во септември.
Одново како главни противници се најдоа двајцата Бенјамини- едниот искусен политичар, каков што е Нетанијаху, познат по својата цврстина во одбраната на израелската безбедност и во регионот познат како „ јастреб“ во политиката. Другиот, пак, е доскорешен активен војник, Ганц бивш началник на Генералштабот на израелската армија, кој униформата ја замени со политиката, што не е ни првиот, а секако нема да биде ниту последниот на политичката сцена во Израел.
Два пати неуспех
На изборите во еврејската држава, подолго време , главна тема во кампањата ретко е економијата, затоа што државата на тој план делува мошне стабилно , туку тоа се безбедносните прашање, како што тоа беше случај и со априлските и со септемвриските избори. Нетанијаху во изминатите десет премиерски години, секогаш победуваше зашто мнозинството Израелци во него гледаа гаранција за одржување на безбедноста. Но, во септември, иако ја имаше и силната навивачка поддршка на официјален Вашингтон, тој не само што не победи, туку неговиот резултат беше полош од априлскиот.
Овој пат, Ликуд и Нетанијаху, иако со мала разлика, останаа зад Ганц и Сино-белата партија. Гласачите се поделија, но превлада пораката на Ганц дека (со Ликуд и Нетанијаху) во изминатите десет години, Израел го „ има загубено својот пат“, па затоа е потребна смена на врвот.
Претседателот на државата Рувен Ривлин, сепак и во една ваква ситуација, за мандатор го определи поискусниот Бенјамин Нетанијаху , веројатно верувајќи дека десниот блок може полесно да најде заеднички јазик. Особено што лево-центристичкиот табор околу Ганц треба да соработува и со арапскиот партиски блок ( „Заедничка листа“) кој стана трета поединечна политичка сила во Израел.
Роденденска честитка од Трамп
Уште во кампањата, десницата и Нетанијаху ги плашеа Израелците со тоа дека „ другата страна“ ќе зависи од Арапите што би можело да стане закана за израелската безбедност. Но, се покажа дека тоа премногу не ги исплаши гласачите, па тие уште еднаш се поделија околу безбедносните прашања и начинот на кои ги прикажуваат десницата и левиот центар.
Во преговарачкиот процес за создавање влада, со Нетанијаху како мандатор, сите одново останаа на своите позиции, па по втор пат поразен во рок од пет месеци, тој го известил претседателот дека се откажува од мандатот, не успевајќи да формира влада. Претседателот Ривлин, овојпат, наместо да прифати уште едни избори, настојува да се најде решение за политичката криза, па мандатот му го довери на предводникот на опозицијата Ганц, кој во рок од 28 денови треба да создаде коалиција и влада. Тоа е за прв пат од 2009 година, некој друг израелски политичар, а не Нетанијаху да се јави во улогата на мандатор.
Така и се случи, за својот роденден, досегашниот неприкосновен лидер на Израел да ги доживува своите најтешки моменти во политичката кариера. Како утеха му служеа роденденската честитка од американскиот претседател Доналд Трамп и зборовите на поддршка што ги има примено од Белата куќа. Трамп ја фали „ раководната способност и лојалноста кон САД“ на Нетанијаху, инсистирајќи дека ова е „ најпродуктивното време“ во американско-израелските односи. Уште, Трамп е убеден и дека тие двајцата ќе продолжат да чекорат ( заедно) кон, како што рекол, нови победи.
Коалиција без Нетанијаху?
Американците за двете гласања, пролетоска и во септември, направија се што можеа за да му помогнат на Нетанијаху. Го признаа Ерусалим како главен град на Израел, па ја преселија својата амбасада во Светиот град, а потоа ја признаа и израелската сувереност врз Голанската висорамнина, која светот ја третира како „окупирана територија“.
Ништо од тоа не помогна, па по последното гласање , Израелците се поделени како никогаш досега- Сино-белата партија на Ганц има 33 пратенички места, додека досега владеачкиот Ликуд 31 место. За формирање влада, потребно е еден од двата блока да обезбеди барем 61 пратеник во Кнесетот кој има 120 пратеници, а во моментот тоа го немаат ни едните, а ни другите.
Кај десницата , кога би била сложна, би имало мнозинство и за стабилна влада, но освен ултра-религиозниот блок, проблеми создава и партијата Израел Бејтену ( Израел нашиот дом) на Авигдор Либерман кој прифаќа да биде дел од некоја коалиција, но само ако таа биде коалиција на националното единство.
Сите се согласуваат дека тоа е единственото решение за сегашната криза, меѓутоа, како проблем се јавува Нетанијаху. Ликуд инсистира тој да ја води владата на една таква коалиција, додека Ганц и Сино-белата партија бараат десницата да се откаже од Бенјамин Нетанијаху и да го прати во пензија, Уште повеќе, што до крајот на октомври тој би требало да се јави на сослушување во судот, каде е осомничен за корупција.
(С.С.Г.)