Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Француско „Њет“ на Европа

aneuk86/Bigstock

Француско „Њет“ на Европа

Хроничарите запишале дека токму во овие денови, пред крајот на октомври, во далечната 1776 година, Бенџамин Франклин, еден од татковците на американската независност, заминал за Париз, за да од Франција бара поддршка за новата држава. И тогаш, во втората половина на 18 век, а и денес, во една поинаква Европа, Франција играла и игра важна улога во меѓународните односи. Но, ако тогашен Париз и му помогнал на Франклин ( ако ништо друго за да им напакости на Британците), овој денешниов  размислува и се однесува поинаку, кога треба да се поткрепат амбициите на земјите од Западен Балкан за приклучување во она што токму Французите во изминатите децении го промовираат како некаков свој изум- во Обединета Европа.

Република Северна Македонија и Република Албанија не бараат веднаш да влезат во неа, иако географски, културолошки, историски и на секој друг начин, се дел од истиот тој сега обединет континент, што како да се претвора во некаков ексклузивен клуб. Овие две држави кои заедно имаат само околу пет милиони жители- овој октомври, сакаа само да добијат ДАТУМ за да почнат да преговараат за влегување во тој „ клуб“ , како земји кандидатки. Македонија е со тој статус цели 14 години. Но, наместо поддршка и разбирање од денешниот Париз и од Франција на претседателот Емануел Макрон, стигна едно категорично и во „руски стил“ – ЊЕТ.

Исклучителна поддршка од ЕУ

Сето тоа се случува во услови какви досега, во изминатите 14 години, кога станува збор за Македонија, никогаш немало.

Сите земји-членки на ЕУ,  Европската комисија во Брисел и Европскиот Парламент во Стразбур го подржаа барањето – Скопје да биде наградено за своите постигнувања на неговиот европски пат. Вклучувајќи ја и изградбата на доверба и добро соседски односи со сите свои соседи- како единствената држава во регионот со такво постигнување- зацементирано уште и  со договорот за пријателство со Бугарија и со ( вистински) историскиот македонско-грчки договор од Преспа.

Користејќи го правото на вето, што функционира во ЕУ, францускиот претседател, меѓутоа, не дозволи Македонија да добие датум да го почне преговарачкиот процес кој на земјата и е исклучително потребен и важен- без разлика што тој обично е долг и би можел да трае и седум години. Ако во јуни, на тогашниот Самит на ЕУ беше речено дека определувањето датум се префрла за до октомври годинава, на октомврискиот состанок на Европскиот совет во Брисел, Макрон остана осамен во својот тврд став кон Македонија, па за прва пат- Самитот и не донесе никаков заклучок за ова.

Прашањето остана отворено. Не се знае кога тоа ќе се разгледува повторно. Како што не се знае дали Париз воопшто ќе прифати уште еднаш да се расправа за ова прашање, кога сите другите остануваат со својата поддршка  за давање датум. Новиот парламентарен состав во Стразбур дури е и уште покатегоричен од досега , па не само што се спротивстави на француското вето, туку самиот предложи низа резолуции. Или пак, сето тоа  ќе остане отворено додека Франција и нејзиниот претседател не се предомислат.

Реформирање на преговорите

Тоа изгледа така, затоа што Париз и нема некое јасно и прецизно објаснување зашто и натаму ја дисквалификува Македонија за да МОЖЕ да преговара за влез во ЕУ. Велат дека од Самитот, Макрон излегол на задната врата од Палатата на ЕУ во Брисел, не сакајќи средба со медиумите. Требаше  да им објасни зашто на Македонија ( и  Албанија) сега и наеднаш се кршат копјата и се инсистира на принципите кои не се европски и кои практично ја дисквалификуваат самата Унија. Таа не може да го испорача своето ветување, во исто време додека од земјите на Западен Балкан бара да ги исполнат своите ветувања , иако тие често остануваат блокирани, не толку од неспремноста на владите со кои разговараат, туку од низа состојби внатре и надвор од државите кандидати.

Сега, наводно, Макрон бара реформи на самиот процес на кандидирање и на отворање на преговарачкиот процес, па се споменува и тоа дека режимот на визи не би требало да се тргне додека земјата не почне да преговара (!?), дека требало проширувањето да не се третира како „ емоционален процес“ , туку како процес на политички последици, како што тоа се обидува да го протолкува францускиот амбасадор во Белград.

Според него, за кого треба да се верува дека ја толкува Елисејската палата, за почеток на преговорите треба да се земат и состојбите во државата и во општеството, економијата….сето тоа дури сега, кога за ЕУ останаа само уште овие две западнобалкански држави, а сето тоа додека се отворени преговорите со Црна Гора и со Србија, а Скопје и Тирана чекаат датум за еден таков процес.

Можен паралелен процес

Во Европската комисија, пак,  најголемиот број од европските лидери, како и европски политички, правни и безбедносни експерти уверуваат дека (дури и ако сега и се потребни на ЕУ) , реформите на процесот на пристапните преговори може без проблеми да се спроведуваат паралелно- додека течат преговорите. Едноставно, за да не се троши времето, освен ако вистинската намера на Париз не е токму тоа- што е можно подоцна, или можеби никогаш Западен Балкан  и  посебно Македонија и Албанија, да не станат дел од Обединета Европа, како полноправни членки.

Зашто, ако Франција дури сега инсистира на вакви реформи , на примерот на Македонија, нејзините државјани се уште ќе мораа да чекаат за визи за влез во Унијата. Од друга страна, во земјата, пак,  ќе треба да се случат, без малку, револуционерни промени-   домашните националисти и нивната националистичка партија, која е сега опозиција, да се европеизира. Да се откаже од национализмот и претензиите за некаква „ голема Македонија“, а нивните ( како што самите велат) витални „ егејски гласачи“ да ја засакаат Грција и да не зборуваат дека северниот дел од нашиот јужен сосед е ( наводно) НАШ. Конечно,  и едните и другите да го прифатат договорот од Преспа, за кој се закануваат дека доколку дојдат на власт, нема да го почитуваат и ќе бараат негова ревизија.

Тоа се реалните општествени состојби во државата и во овдешната реал политика кои, ако францускиот амбасадор во Скопје чесно си ја врши својата работа, би требало да ги знаат и во Кеј Д Орсеј и во Елисејската палата.

Токму определувањето датум за Македонија, сега, во овој октомври,  ќе беше НАГРАДА за актуелната, проевропска, прозападна и продемократска влада. Не толку за нејзиниот рејтинг, туку како силен поттик за забрзана  европеизација на македонското општество, за маргинализација на национализмот, за позасилено блокирање на руското мешање во македонските внатрешни работи и за максимална афирмација на Преспа.

„Аргумент“ за националистите

Овдешниот француски амбасадор , меѓутоа, наместо тоа,  го брани својот претседател продолжувајќи ја бриселската „ кавга“. Амбасадорот  тврди  дека „ некој друг, а не Франција“ е виновен (!) што се оставил впечаток дека е доволна  Преспа, како и дека само договорот со Грција ќе и ја отвори на Македонија „ фамозната“ согласност на Париз за датум за да се стартува со преговорите. На овој начин, амбасадорот ја дозапали овдешната политичка состојба, давајќи им силни аргументи на противниците на европеизацијата во државата. Тоа се оние кои се противат на реформите во правосудниот систем, блокирајќи ги во Парламентот сите реформски закони на актуелната влада и со помош на надворешни анти-ЕУ сили, креирајќи афери и скандали што треба да ги дискредитира оние кои после 11 години режимска власт успеаја да ја вратат државата на патеката кон ЕУ, па за тоа прифатија тежок компромис со соседна Грција.

А, амбасадорот во Скопје е заборавен, или не знае, па затоа зборува неточни работи- дека некој друг „ лажно не уверувал“ околу наградувањето за датум за преговори. Затоа што, уште додека ЕУ беше ЕЕЗ,  француските претседатели во минатото и нивните дипломати постојано имаат зборувано дека САМО тоа ( спорот со Грција)  е пречката за нашата европска интеграција.

Франсоа Митеран уште во деведесетите години на 20 век го има убедувано, со часови претседателот Киро Глигоров дека нема друго решение за излез од блокадата на Грција. Тоа го продолжи и Жак Ширак, а на таа линија беше и Никола Саркози на Самитот за НАТО во Букурешт ( 2008). Цела низа европски дипломати ги уверуваа овдешните дека  „доволно е еднаш Скопје да рече Да“ и дека по тоа се ќе тргне напред. Некои од Европа, претходно, имаат сугерирано дури и „ привремено бришење на зборот Македонија од нашето државно име, за определена сума пари“ .

Политички одлуки

Едноставно, и Франција врз Скопје ( на времето) притискаше да се реши прашањето со името со Грција, објаснувајќи дека не станува збор за историјата, за тоа на чија страна е вистината, туку само за ПОЛИТИКА. И, колку за потсетување, на таа основа се вршени сите проширувања на ЕЕЗ/ЕУ по 1957 година.

Франција ја блокираше десет години Британија. Грција беше примена од политички причини, наградена за демократизацијата по соборувањето на хунтата. Шпанија и Португалија влегоа во ЕЕЗ за да бидат „ на око“ на Франција и нејзиниот уситнет агро-сектор. Целиот поранешен источен, комунистички блок е примен од политички причини- за да се спречи тогаш ослабената Русија да фрли ( одново) рака врз европскиот Исток. Поради политичките интереси влегоа, брзо и по забрзана постапка и Романија и Бугарија, а и трите Балтички земји, што Москва ( сега) го смета за најголемата стратешка грешка на екс претседателот Борис Елцин.

Конечно, така влезе една Хрватска, која од 1 јануари 2020 година ќе претседава со Унијата. Така и една Србија, со далеку потешки и посложени внатрешни и општествени состојби, од македонските, доби уште пред пет години датум за преговарање со ЕУ за членство. Како награда за ветувањето дека Белград е спремен да ја признае новата реалност на Балканот- независно Косово, во некој облик што ќе ги задоволи и двете страни.

Спротивно на определбите

Сега од Париз велат дека досегашните преговарања и влегувања во ЕУ биле како „ сапунска опера“ и дека сега тоа морало да запре- да се реформира. Никој, па ни во Скопје, не се противат на замислените, се уште нејасни реформски процеси, иако останува впечатокот, дека не се знае за кого се наменети, кога веќе нема кандидати и уште, како тоа се менуваат правилата на играта, додека трае играта.

Затоа, француското вето за Македонија, во руски ( советски) стил, е вето контра Европа.

Тоа е спротивно на сите определби на ЕЕЗ/ЕУ, на самата Франција и на нејзината дипломатија, но и на Самитите на европските лидери, од оној во Солун- за интеграција на ЦЕЛИОТ Балкан во Унијата – а, не само на Бугарија и Романија ( на пример) само затоа што се наспроти Русија, или на државите од Балтикот, затоа што се граничат со неа.

Според тоа, ветото на Париз во Брисел овој октомври е наспроти сите декларации и определби на Унијата, посебно,  последниве дваесетина година. Спротивно е на  уверувањата на сите досегашни кандидати и земји кои преговарале дека нивната европеизација – ќе биде наградена.

Што сака Париз?

Останува уште да се утврди- што стои зад ваквото однесување на Емануел Макрон.

Што тој и Франција сакаат да покажат ( и кому) со наеднаш измислените нови правила при определување кандидатски статус и при почнувањето на преговарачкиот процес? Нивниот амбасадор во Македонија не знае, па затоа него овде ќе го паметиме по една нервозна и недипломатска изјава од летоска , велат, упатена до новинарите- доста со тој притисок за датум (!!) – што инаку не одговараше на духот на средбата на францускиот претседател со македонскиот премиер во Берлин.

Проценките се насочени во неколку правци. Едниот е запирање на процесот на проширување на ЕУ, додека Париз не се согласи, можеби со друг претседател. Потоа, претворање на Западен Балкан во некаков „ санитарен коридор“ пред европските граници. Можеби и начин да и се каже на Турција да заборави на натамошните ЕУ амбиции, доколку тие воопшто се уште и постојат во Анкара. Или, пак,  повторното блокирање на Македонија ( и Албанија )   е дел од една стара идеја на Париз, претходно замислена САМО за Турција , за нудење  „специјално партнерство“ за оние кои задоцнија за европскиот воз, за да станат полноправни членки.

Сепак, најмногу проценки одат на тоа дека Париз и Макрон војуваат со Берлин и Ангела Меркел. Германија и натаму инсистира на тоа Западен Балкан да биде дел од ЕУ и тука да заврши процесот на ширење на Унијата. Франција со инаетењето околу Македонија порачува- дека за тоа да помине треба да се праша и францускиот претседател….и тој да се согласи.

Сервис- Скопје/Глобал

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе