Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Горбачов: Не градете нов „Берлински ѕид“

Denis Makarenko/BigStock.com

Горбачов: Не градете нов „Берлински ѕид“

Последниот советски лидер Михаил Горбачов (88) предупредува на опасноста одново да се изгради некаков нов, невидлив „Берлински ѕид“ меѓу Русија и Западот, како што беше оној што го делеше Берлин на источен и на западен, делејќи ја на тој начин и Германија, но и цела Европа.

Во изјава по повод 30 годишнината од уривањето на ѕидот, Горбачов рекол дека е загрижен за состојбата во односите меѓу Русија и Западот, а посебно меѓу Москва и Вашингтон околу нуклеарното оружје. Последниот генерален секретар на КПСС и првиот и последниот претседател на поранешниот Советски Сојуз, го критикува Вашингтон што, како што рекол, го уништи системот за контрола на нуклеарното оружје, за што договор, во 1989 година потпишаа Горбачов и тогашниот американски претседател Роналд Реган.

Бариерите не решаваат проблеми

Според мислењето на Горбачов тој договор „го одржуваше мирот во светот“ а за неговото раскинување рекол дека „не е дело на некој голем ум“, но она што посебно го загрижува екс советски лидер е можноста, одново, да се подигне „ѕид“, некаква бариера, онаква каква што имаше во времето на Студената војна.

„Создавањето на било каков нов ѕид е само обид да се одврати вниманието од проблемот (кога тој постои), но со тоа, сепак, не може да се разреши ситуацијата или да реши вистинскиот проблем. Затоа, јас сум против подигнување ѕидови“- рекол Горбачов.

Тој, меѓутоа, посебно е загрижен за Европа, објаснувајќи дека е против било какви линии на разграничување и на разделување, а уште помалку на креирање и на некаков нов облик на „железни завеси“ со која европскиот континент беше поделен 45 години. Сепак, Горбачов верува дека до тоа нема да дојде и објаснува дека колку сега и да изгледа ситуацијата опасна, не мисли дека ќе се повтори Студената војна.

Клучна улога околу Берлин

„Веќе се изградени економски врски (што порано ги немаше), постои слобода на движењето, постојат нови комуникации, како и културна размена. А сето тоа ја задушува можноста да се обнови ситуацијата од пред повеќе од 30-40 години„ – оценува Михаил Горбачов.

Светот и модерните историчари се уверени дека тој има одиграно клучна улога во случувањата во Германија од пред три децении и во повторното обединување на Европа, по падот на Берлинскиот ѕид.

Горбачов најави повлекување на советските војници од земјите на Источна и Средна Европа, каде тие беа после Втората светска војна и каде Москва доминираше политички, идеолошки, економски и воено и даде јасно до знаење дека СССР нема воена да интервенира во внатрешните работи на тогашната Германската Демократска Република (Источна Германија).

Обединување на Германија

Токму од Москва, од него, е стигната наредбата, советските војници стационирани на територијата на ГДР, да останат во своите касарни, во тие бурни ноемвриски денови на Германија, кога источногерманската погранична полиција, во ноќта на 9 ноември 1989 година, ги тргна рампите на граничните пунктови на Берлинскиот ѕид, па населението од источен Берлин, за прв пат слободно, почна да преминува во западниот дел од градот, а на тој начин симболично и на Западот.

Последниот лидер на источногерманската КП, Егон Кранц, меѓутоа, пред извесно време, во една изјава за германските медиуми призна дека тоа била „најтажната ноќ во неговиот живот“ и го обвини Горбачов дека ги издал интересите на народот на ГДР и ги погазил ветувањата дадени на политичкото раководство на тогашна Источна Германија.

„Ние му верувавме. Тој не уверуваше дека Москва и СССР ќе застанат во одбраната на нашата земја. Кога тоа требаше да го направи, Горбачов не напушти, не предаде“ -тврди Кранц кој верува дека неговата комунистичка држава, создадена од Советскиот Сојуз на територијата што по војната беше советска окупациска зона, можела да опстане.

Неомилен во Русија

Слично е расположението кон него и во неговата Русија, сега под целосната контрола на актуелниот претседател Владимир Путин. Неговиот лик и делото многу малку се почитува.

Тој е обвинуван за распадот на Советскиот Сојуз, како и за падот на советскиот и европскиот комунизам. Има и такви кој го обвинуваат дека со своите потези ги има предадено и советските интереси, како и дека е одговорен за економскиот колапс на СССР и за осиромашувањето на луѓето што уследи потоа.

Независните аналитичари на тоа време, меѓутоа, економската криза што уследи ја објаснуваат со мегаломанијата на дотогашната советска, комунистичка империја за трошење над нејзините реални можности, без економски основи, со енормни издвојувања за војската и вооружувањето во трката со Западот и пред се, со САД и за одржување под контрола на европскиот Исток и тамошниот комунизам.

Токму Горбачов се обиде со брзи мерки да создаде нов систем за да го одржи Советскиот Сојуз, за почеток, промовирајќи ги „перестројката“ и „гласноста“ но тешките хаварии во атомската централа во Чернобил и несреќите со подморниците, во кои загинаа многу луѓе, покажаа дека целиот систем се одржувал врз вештачки и нереални основи, а дека големата држава, едноставно, нема веќе пари се да се поправи и за да тргне напред.

Михаил Горбачов остана да живее во Русија, иако практично осамен и неомилен. Ги одбиваше сите сугестии да замине, особено по смртта на својата сопруга, објаснувајќи дека сака да остане со својот народ.

(Г.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе