Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Софија стравува од „руската база“ во Ниш

VPales/BigStock.com

Софија стравува од „руската база“ во Ниш

Официјална Бугарија, гласно, не ги коментира случувањата околу т.н. руски „центар“ во Ниш, во Србија, настојувајќи да не ги влоши односите со Москва за кои бугарската страна е заинтересирана да останат добри и не нарушени.

Во Софија знаат за „чувствителноста“ на Русија кога станува збор за Ниш и она што се случува таму, како и за одбивањето на Москва да објаснува што е тоа што таа го поседува во овој српски град, па затоа бугарската страна не го отвора тоа прашање, имајќи ја во предвид големата бугарска зависност од рускиот гас, што се провлекува уште од времето на комунизмот и на тогашните бугарско-советски братски односи.

Ниш и тамошниот „руски центар“ сепак се во непосредна близина на бугарската граница со Србија и блиску до Софија, што никако не може да ја остава бугарската влада рамнодушна и незаинтересирана, посебно како земја членка на НАТО и на ЕУ.

Особено што на Западот, во САД и кај тамошните безбедносни аналитичари, постои одамна увереност дека не станува збор за некаков „хуманитарен центар“ како што тоа се квалификува и во Белград, туку за руска воена база.

С-400 во Србија?

Тоа прашање деновиве одново го покрена поранешната бугарска амбасадорка во САД Елена Поп Тодорова, инсистирајќи дека Ниш „очигледно е руска воена база во Србија“ и дека на тоа треба само така да се гледа и никако поинаку.

Нејзината изјава доаѓа по префрлањето на најновиот руски против-ракетен систем С-400 во Србија и во овој српски град. Префрлањето на ова, велат, моќно руско оружје на српска територија, во земја која (наводно) сака да биде членка на ЕУ и има отворен процес за преговори со Брисел, како во Москва, така и во Белград го објаснуваат со руско-српските воени маневри и заедничката вежба што е веќе извршена.

Колку што е познато, Русите не ги носат овие ракети по вежби во странство, уште повеќе во држава која себе сака да се декларира како воено „неутрална“.

Ги префрлаат таму каде треба да останат, како во Сирија, доколку не ги продаваат (како на Турција).

Од друга страна, никој на Балканот и пошироко не знае зашто на една Србија би и било потребно вакво оружје, кога од ниту еден сосед не и претстои никаква воена закана, посебно не за да се брани со С-400.

Закана за Бугарија и регионот

Така реагираше и српската либерална, демократска и проевропска јавност, па затоа безбедносните експерти проценуваат дека ракетите се таму за да останат и за да бидат основата за поширокото руско воено инсталирање на Балканот.

По влегувањето на Црна Гора и на Македонија во НАТО, како и по претходното зачленување на Албанија и на Хрватска во Алијансата, територијата на Србија е единствената на која Русија може воено да се инсталира, откако политички тоа го има постигнато, преку актуелната српска власт и инволвираноста во косовските состојби. Затоа и западните воени и безбедносни експертите веруваат дека Ниш не е ништо друго туку руска база.

Особено што градот има и аеродром што владата во Белград грубо и го одзеде на општината во чија надлежност беше претходно.

Екс амбасадорката Поп Тодорова целосно ги прифаќа овие анализи.

„Станува збор за воена база, иако таа лажно се нарекува центар, или дури некаква институција. Доколку таму останат ракетите С-400, тоа ќе биде сериозна закана за Бугарија, затоа што дострелот на ракетите е на целата бугарска територија, но ќе биде закана и за целиот Западен Балкан“- има речено поранешниот бугарски дипломат во САД.

Руски шпионски центар

На иста линија и речиси истовремено, реагираше и поранешниот шеф на бугарската дипломатија Соломон Паси, сега претседател на Атлантскиот центар во Софија. Тој ја повика ЕУ многу посериозно и потемелно да се позанимава со руските активности во Србија. На Твитер, Паси има забележано дека ЕУ и ЕК мора итно да се позанимаваат со тоа што прави Русија во Србија, но и што прави во регионот на Западен Балкан.

Овој поранешен министер за надворешни работи, кој го покрена процесот за бугарското влегување во НАТО, во земјата што важеше за најлојалниот советски сојузник, во времето на комунизмот, сега предупредува дека Ниш не само што е претворен во руска воена база, туку забрзано се опремува и за да стане руски шпионски центар во Србија што ќе оперира на просторот на целиот Балкан.

„ Ако Брисел позасилено не се позанимава со руското навлегување во Србија (и на Балканот), секогаш кога европските лидери разговараат со српскиот претседател (Александар Вучиќ), тогаш ќе изгледа како да ние (ЕУ) и на едно КГБ му нудиме европска перспектива !? “- пишува Паси.

Тој оценува дека инсталирањето на С-400 во Србија создава зона во која НАТО, во случај на криза, тешко би можел да навлезе.

Во дострелот на овие ракети ќе се најдат и Софија, прво, а потоа и цела Бугарија, што е спротивно на бугарските интереси, како земја членка на Северно атлантската алијанса.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе