Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брисел го откри феноменот „Заробена држава“

bohemama/BigStock.com

Брисел го откри феноменот „Заробена држава“

Брисел, а веројатно и структурите на ЕУ, пред се, Европската комисија, конечно го имаат откриено феноменот „Заробена држава“ раширен и обилно користен од авторитарните “газди“ на државите во Западен Балкан, откако бриселскиот Центар за европски политички студии се зафати со овој проблем.

Функционерите во Брисел, секако, имаат добивано сознанија од теренот, од своите дипломати во регионот, од разните локални НВО организации, како и од политички експерти за тоа што се случува, но изгледаше како да се правеа глуви и слепи.

Едноставно, им ги оставија работите на маргинални политичари, без никаква европска визија и без минимални демократски капацитети, заинтересирани само за одржување на власта, за моќта што оди со тоа и за парите, дозволувајќи тие да се претвораат во минијатурни „путини“, или „ердогани“.

А, иронијата да биде поголема, тие моќници требаше да работат на стратешката определба на регионот и на Унијата, за приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ. За оние кои ги познаваа вистинските состојби, беше политички неодговорно да им се остави преговарачкиот процес за влез во ЕУ на ваквите политичари и уште да се очекува и бара тие да дејствуваат според нормите и стандардите на Брисел и Унијата.

ЕУ се брани со внатрешните состојби

Меѓутоа, тоа се случуваше и се одржуваше со години. Овие моќници (се уште некаде) одлучуваат и за работи кои законски и уставно не им припаѓаа, користејќи го популизмот како орудие за своето недемократско владеење, дејствувајќи против либералната демократија и со лажни ветувања настојувајќи да ги добијат гласачите кои и самите без демократска култура, лесно се „купуваат“.

Европа/ЕУ се бранат дека биле премногу зафатени со своите внатрешни состојби и со кризата што (нормално) ја зафати Унијата откако таа стана заедница на 28 независни држави од Западот и од Истокот на континентот. Од есента 2008 година ЕУ и пред се, еврозоната беа ангажирани во спасувањето на банкротираната Грција, потоа на со банкротството соочените Португалија и Ирска, гледајќи во исто време со страв на тоа дали финансиската и банкарската криза може да се префрли и на една Шпанија или Италија.

Брисел и натаму се брани дека тие години не се спасуваа само грчката, португалската и ирската економија, туку целата евро зона, самото евро и концептот за единствена, заедничка валута.

Кога изгледаше дека работите околу финансиската криза се надминати, во 2015 година се појави (случајно, или можеби не) кризата со бегалците од Блискиот и Средниот Исток, зафатени со воените судирања и тероризмот, како и со мигрантите, кои се „нафрлија“ врз Европа, настојувајќи да влезат во ЕУ. Кризата со бегалците се провлече и во следната година, предизвикувајќи внатрешна криза во самата Унија- откако државите од некогашниот комунистички Исток, одбија да примаат бегалци од муслиманскиот свет, неприфаќајќи ја солидарноста, иако тоа е една од основите на кои се потпира ЕУ, како и договорената (привремена) квота за бегалците.

Заборавен Западен Балкан

Тоа, пак, значеше дека, без малку, една декада Унијата и Брисел како да заборавија на Западен Балкан, што го искористија Русија, пред сите другите, да се инсталира преку Србија во регионот, повикувајќи се на некакво словенство и православието, а за задоволување на нејзините обновени стратешки интереси за регионот.

Покрај Москва, многу подискретно, но со исти такви државни интереси, преку државни кредити и инвестиции, се смести и Кина, а потоа и Турција, која во регионот, што го смета за „свој“ се затскрива зад историјата на, како што велат во Анкара, „заедничкото живеење“ од времето на султанската Отоманска Империја!

На ваквите состојби во регионот на Западен Балкан и на одговорноста на Брисел и на ЕУ за постоењето на феноменот заробени држави, на самиот влез од Европската Унија, сега укажува бриселскиот Центар.

Неговата анализа е направена по француското блокирање на давањето датум за почеток на преговарачкиот процес за влез во ЕУ на Република Северна Македонија и Република Албанија. Во неа експертите на Центарот тргнуваат од констатацијата дека блокадата од страна на Париз е неодржлива и погрешна, затоа што таа навестува можност Франција дури и да го блокира приемот на нови членки во Унијата, па анализата ја прифаќа потребата од реформирање на процесот на проширувањето и се бара од новата Европска комисија веднаш да се зафати со таа работа.

Вина на ЕУ за заробувањето на државите

Меѓутоа, главнината од анализата е насочена кон острата критика упатена до ЕУ, за тоа дека Унијата е виновна што дозволила, како што стои во текстот, УСТОЛИЧЕНИ ВЛАДЕАЧКИ ЕЛИТИ, во државите од Западен Балкан, да бидат повластени во однос на другиот дел од општествата, на тој начин што се толерирало ваквите елити да го водат процесот на приклучувањето на регионот кон Унијата во услови на ЗАРОБЕНИ ДРЖАВИ.

Според наодите на овој Центар, феноменот Заробена држава многу има придонесено за неспроведувањето на реформите што ги бараше и ги бара ЕУ и таа, сега, не смее ова да го заборави, што ќе рече – овој опасен и штетен „феномен“ ниту смее да го потценува, ниту пак да го игнорира, доколку навистина сака да го спроведе она што Унијата одамна го има определено, а тоа е целиот Балкан да биде дел од ЕУ.

Досегашното игнорирање на „заробените“ Црна Гора и Србија се огледува во целосниот застој на нивниот европски пат, иако тие веќе пет години го имаат отворено преговарачкиот процес. И во двете држави има отсуството на реформските процеси, дури кај Србија и назадување, кога станува збор за правосудниот систем, за медиумските слободи, за борбата со корупцијата и за унапредување на демократијата.

И за едната и за другата земја се оценува дека и покрај ова, преговорите на патот кон ЕУ им се оставени на недопирливи моќници и на политичката елита околу нив.

Оваа анализа е важна затоа што за прв пат, феноменот заробена држава не се однесува само на она што се случуваше во Македонија, туку и на регионот.

Режимот што ја зароби Македонија

Колку за потсетување на оние во Македонија кои „лесно забораваат“ и на разните домашни „бљак“ политички „интелектуалци“, како и на тие надвор од земјите кои сега откриваат нови правила за игра, околу преговарачкиот процес, заробената македонска држава ја креираше 11 годишниот режим на сега избеганиот, осуден за криминал, екс премиер и се уште вистински лидер (од странство) на овдешната националистичка и антиевропска партија.

Државата ја заробија со недемократското и авторитарно владеење, откако тој и неговото семејство ја претворија Македонија во семеен имот. Неговиот прв братучед кој беше и шеф на тајната полиција, заедно со уште еден милијардер на режимот и самиот обвинет за низа кривични дела, во тие 11 години успеаја да станат не само најбогати луѓе во државата, туку и (како што се зборува) буквално, половината од државата да биде нивни приватен имот!

Во тие години бегалецот се претвори во вистински деспот кој одлучуваше кој политички противник и како ќе биде уапсен пред камерите на режимските телевизии, или како ќе биде дискредитиран во јавноста. Токму тој, преку корумпираните судии и адвокати кои служеа како декор, ставаше во притвор, од по две-три години невини луѓе, без судење, но беше и главниот „архитект“ за скопскиот центар, главен „историчар“ кога требаше да се отвори фронт против Грција (и Бугарија) за да намерно се продлабочи самоизолацијата на Македонија, за да се одврати од патот кон ЕУ и за да се сврти кон Истокот и политичките асоцијации кои ги создава Москва.

Изолација без ефект

И сето тоа се случуваше пред очите на Брисел. Навистина, режимот во Скопје беше изолиран. Никој овде не доаѓаше, а никој никаде не ги прифаќаше македонските визите што главно требаше да ги прави деспотот.

Некаде како во Будимпешта, тој и можеше да биде прифатен, а тамошниот Виктор Орбан да доаѓа во македонскиот главен град, па дури и да прима ордени. Како сега стојат работите, веројатно, за да обезбеди осудениот екс премиер сега да може да се крие во Унгарија, или претходно да му обезбеди да го повикаат (ако навистина тоа се случувало) на средбите на европските Народни партии, на кои тој и неговите националисти никако не може да им бидат друштво.

Но, тогашна Франција, па и Холандија, или Данска, не ги интересираше југот на европскиот континент и она што таму го прави еден мал деспот, заробувајќи ја државата која тие од 2005 година ја третираа како земја-кандидат за членство во ЕУ.

Секако, затоа што тој ги измами Европејците кога пред изборите во Македонија, во јули 2006 година им вети дека ќе го затвори спорот со Грција, односно ќе прифати додавка на уставното име, а наместо тоа отвори нов спор со Грција. Исто како што ги измами и НАТО членките и САД, во 2008 година, откако прво се согласи со промената на името со Американците, а на Самитот на Алијансата отиде со предлогот „Република Македонија-Скопје“ што инаку беше одамна одбиено од Атина, но неприфатено и од Скопје, уште 15 години пред тоа.

Блокирани реформи

Сепак, тоа никако не може да биде оправдување, уште повеќе што феноменот заробена држава се отвори во една извонредна ситуација – откако режимот се обиде насила, со пуч и со ликвидација на лидерите на опозицијата, да остане на власт која ја загуби по декемвриските избори 2016 година.

Тогаш Европа разбра и за тоа дека над 25 илјади граѓани на оваа држава биле тајно прислушувани и следени, третирани како „непријатели“ кои ако треба ќе бидат уапсени и држени во притвор, за да се исплашат сите другите.

Добро е затоа, што во Брисел, во тамошниот Центар за европски политички студии, се свртуваат кон овој феномен.

Уште повеќе што во Македонија тоа трае и понатаму.

Блокада доаѓа од инсталации на режимот кои останаа во разни сектори на државната администрација, бидејќи актуелната проевропска влада (за прв пат) не направи кадровска чистка, како таа на режимот кога на почетокот од мандатот беа тргнати околу шест илјади вработени, осудени како „неподобни“ и заменети со партиски послушници. А во такви услови, од оставените луѓе на режимот, што 11 години не направи ниту една реформа, сега (кога партијата е во опозиција) не може да се очекува да подржуваат реформи, во судството, на пример, затоа што тоа ќе ги одведе директно во затвор.

Пораката на Центарот до новата Европска Комисија, до новиот состав на Парламентот во Стразбур, затоа е насочена, прво кон попречување на феноменот заробена држава, а потоа кон продолжување со проширувањето на ЕУ.

Во заклучокот се вели дека со некаква реформирана платформа за преговарање, или со досегашниот начин, процесот на проширењето на ЕУ никако не смее да биде блокиран и успорен.

Тоа е впрочем невозможно и за самата Унија, оценува бриселскиот Центар, но е и штетно од БЕЗБЕДНОСНИ И ОД ГЕОПОЛИТИЧКИ причини.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе