Кралицата бара Вилијам и Хари да се смират
Британската кралица Елизабета е мошне налутена поради расколот меѓу браќата, принцовите Вилијам и Хари и побарала од престолонаследникот Чарлс, нивниот татко, да ги натера да се смират и да прекинат со ваквата ситуација, за која 93 годишната кралица смета дека фрла сенка врз сите други работи и дека, над се, и нанесува штета на монархијата – изјавил за медиумите неидентификуван инсајдер во кралското семејство.
Според истиот извор, кралицата сака нејзините двајца внуци да ги тргнат настрана своите разлики и несогласувањата и одново да се заедно, како што беа порано, во интерес на целото кралско семејство и британската круна.
Кралска интервенција
Елизабета досега се противела да се замеша во расколот на браќата Вилијам и Хари, постојано надевајќи се дека тие и самите ќе можат да ги надраснат своите, како што се верува, мали разлики и несогласувања. Но, кралицата одлучила да се замеша во целата оваа работа кога видела дека несогласувањата на некогаш блиските браќа добива непријатни размери и станува тема за лондонските таблоиди и воопшто за медиумите.
Не се знае колкав рок кралицата му има дадено на својот најстар син, да ги вразуми своите сега веќе возрасни синови, но таа од Чарлс има побарано брзо да се смири целата ситуација.
За расколот меѓу браќата Вилијам и Хари, јавноста во Британија разбра од интервјуто на помладиот син на Чарлс од бракот со починатата принцеза Дијана, откако тој зборуваше отворено за тоа во специјално направениот документарен филм на британската телевизија ИТВ, сниман во Јужна Африка, каде Хари беше во посета заедно со својата сопруга Меган Маркл.
Браќа на „различни патеки“
Во него, Хари меѓу другото има речено дека тој и Вилијам се браќа и дека секогаш ќе останат браќа, но дека сега се на „различна патека“.
Во секој случај, јас ќе бидам покрај него, кога ќе му бидам потребен, а верувам дека тој ќе биде покрај мене, кога мене ќе ми треба, но сега не се гледаме колку што тоа би требало. Има денови кога сме блиски, но има денови и кога не сме.
…вели во разговорот за ИТВ, принцот Хари, кој по венчавката со Американката Маркл ја има титулата војвода од Сасекс.
Она што го има налутено целото кралско семејство, е тоа што Хари, едноставно, можел да ги премолчи недоразбирањата со братот. Но, тој сепак, одлучил да зборува и да се пожали во јавноста, со што го прекршил најосновното кралско правило- дека нема жалби и нема објаснувања.
Вилијам гневен на братот
Изворот од кралското семејство на кое се повикуваат некои медиуми, тврдат дека Чарлс бил бесен кога прв пат го видел интервјуто на својот помлад син, уште повеќе што во документарецот на ИТВ учествува и сопругата на Хари, војвотката од Сасекс, која исто така се жали на ситуацијата во која се наоѓа, откако е дел од семејството.
„Не ми е воопшто лесно“ – признала Меган.
Постариот брат и иден крал на Британија, Вилијам, по емитувањето на филмот за Хари и Меган во Африка, официјално изјави дека е „загрижен за психичката состојба“ на братот и снаата, но инсајдерот на кој се повикуваат медиумите рекол дека тој бил лут и гневен на братот.
Во меѓувреме, медиумите кои се распишаа нашироко за расколт на (во јавноста) популарните браќа на кралското семејство, тврдат дека пријателите на Хари и Меган сметаат дека тие не добиваат соодветна поддршка за нивните настојувања да се модернизира монархијата, а уште помалку добиваат било какво признание за она што сакаат да се направи.
Зближување на Чарлс и Хари
Оние кои се блиски до целото кралско семејство рекле дека целата оваа непријатна ситуација, што сега престолонаследникот Чарлс ќе треба да ја разреши, доаѓа во време кога тој и Хари ги имаат зацврснато своите односи, за што велат, многу помогнала токму неговата венчавка со Меган Маркл. Тие двајцата ги имаат откажано сите свои планови, за да присуствувано на прославувањето на 70 роденден на Чарлс, на кое токму Хари има одржано, како што се тврди, еден мошне топол говор.
Прв тест за тоа дали престолонаследникот Чарлс ја послушал својата мајка, кралицата Елизабета и ги смирил состојбите околу расколот на своите синови, треба да биде 11 ноември.
Тоа е денот на завршувањето на Првата светска војна, што во Британија се одбележува како ден на сеќавање за сите жртви во војните што земјата ги има водено низ историјата.
На тој ден треба да се собере целото семејство, а годинава Чарлс ќе го положи венецот пред споменикот во центарот на Лондон, во името на кралицата