Кралицата Елизабета нема да носи вистинско крзно
Британската кралица нема повеќе да носи облека (бунди, или шубари) од вистинско крзно, без разлика на температурата и студот- пренесуваат лондонските медиуми, користејќи изводи од книгата на Енџела Кем, долгогодишен стилист на кралицата.
Организациите за заштита на животните веднаш се огласија со соопштенија во кои ја поздравуваат ваквата одлука. Според нив многу е добро што кралицата Елизабета се приклучува кон бројните, како што ги нарекуваат „напредни купувачи“ како и кон некои модни куќи и компании кои претходно веќе имаат објавено дека наместо природно, ќе користат вештачко крзно.
Тоа ќе помогне да се спречи „страшниот живот и ужасната смрт“ на животните кои се создаваат, а потоа брутално се убиваат само за да се искористи нивното крзно за, најчесто, модни цели на богатата елита, велат активисти на овие организации.
Здружението ПЕТА во своето соопштение вели дека сега очекува Кралските гардисти, специјална единица на британската кралска војска, да се откажат од носењето на нивните традиционални големи шубари, направени од мечкино крзно, кое се обезбедува од убивањето на мечки низ Канада.
Организациите за заштита на животните тврдат дека за потреби на високата мода, секоја година се убиваат по 100 милиони животни.