„Гласот против Брегзит носи „бонус“ од 50 милијарди“
Британската Либералдемократска партија почна до создава коалиција на партии кои се против излегувањето на Велика Британија од ЕУ, со која ќе се појави на претстојните вонредни парламентарни избори, закажани за 12 декември.
Либералдемократите се определија за кампања со која се повикуваат Британците да гласаат за нив и на тој начин да добијат бонус од 50 милијарди фунти!
Ваквата порака, всушност, е единствената искрена и точна – бидејќи со откажувањето од Брегзит и останувањето во ЕУ, Британија не ќе мора да и ги плати на Унијата оние 50 милијарди фунти (околу 60 милијарди евра) што премиерот Борис Џонсон ги прифати во (новите) преговори и во неговиот договор со Брисел, што тој на Британците им го опишува како „многу добро постигнување“.
Наместо да и ги отплатуваме на ЕУ долговите, што се договорени со „разводот“ тие големи пари ќе можеме да ги вложиме дома, во британското здравство, во домашното образование, во овдешното домување, во нашиот сообраќај…. како вонреден „бонус“ што овој пат би го добиле сите Британци без исклучок – уверува лидерот на либералдемократите Џо Свинсон.
Окрупнување на антибрегзитерите
Покрај либералните демократи, во новосоздадената коалиција сега се и партијата на британските Зелени и партијата на велшките националисти Плаид Кимру.
Со оваа коалиција сакаме да се овозможи гласачите да може да се определат за повеќе пратеници кои се против Брегзит и кои сакаат останување на Британија во ЕУ – вели Свинсон.
Според нејзиното објаснување, ваквата коалиција, практично, е против интересите на партијата, но во случајов, партиските интереси се потиснати настрана пред интересите на државата и на сите Британци.
Партијата, а сега и коалицијата, на претстојните избори сакаат да ги привлечат умерените гласачи на Конзервативната партија кои се далеку од позициите на „тврдите“ ториевски брегзитери, но и на длабоко разочараните лабуристи кои и го вртат грбот на својата партија, незадоволни од лидерот Џереми Корбин и од неговото погрешно однесување кон волку важно прашање на земјата, какво што е Брегзит.
Едноставно, Корбин се уште се нема прецизно определено околу излегувањето на Британија од ЕУ, а мнозинството од лабуристичките гласачи е против Брегзит. Официјалниот став на оваа партија за изборите е дека доколку победи на 12 декември, ќе побара нови преговори со Брисел, а за новиот договор ќе организира нов референдум.
Непотребно бегство од ЕУ
За Џо Свинсон тоа не е она што им треба на Британците и на Британија, затоа што и лабуристите, како и конзервативците на премиерот Џонсон, подржуваат излегување од ЕУ. Тоа, според либералдемократите е катастрофално решение кое ќе им наштети не само на земјата и на нејзината економија, на престижот и угледот на Британија во светот, туку ќе ги погоди и сите Британци, на еден, или на друг начин.
Оваа партија уште од почетокот на процесот на Брегзит е против излегувањето од ЕУ и таа сега, со Свинсон како лидер заговара запирање на целиот процес и останување во Унијата, каде Британија е членка уште од 1973 година, кога договорот за влез во тогашната ЕЕЗ, го потпиша британскиот конзервативен премиер од тоа време, Едвард Ед Хит.
„Ни беше сосема добро во ЕУ. Бевме успешна и силна економија, богата земја во Европа и петта економија во светот. Па, после сето ова, зашто ни е потребно сето ова да го растуриме за да излеземе од ЕУ и да се упатиме во неизвесност во која нема да ни биде подобро“ – изјави Џо Свинсон.
Вака поставената кампања на либералдемократите, седењето на лабуристите на две столчиња и цврстата позиција на ториевците за излегување од ЕУ, ги претвора претстојните избори, повеќе како гласање за или против Брегзит, отколку само како избор на нов состав на Парламентот и на нова влада.
(Д.Л.)