Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Лула од затвор назад во политиката!

casadaphoto/BigStock.com

Лула од затвор назад во политиката!

Поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва беше пуштен од затвор со одлука на Врховниот суд на Бразил, после поминати 19 месеци во затворската ќелија. Лула беше осуден за корупција, земање поткуп и перење пари на вкупно осум години и десет месеци затвор.

Заедно со него, беа пуштени од затворите низ земјата вкупно пет илјади затвореници.

Екс претседателот, излезе од затворот „Парана“, како и сите другите, врз основа на измената во законската постапка, според која еден осуденик нема да може да биде во затвор се додека пресудата не стане целосно правосилна, минувајќи ги претходно сите правни лекови.

Од затвор во домашен притвор?

Според тоа, Лула не е ниту помилуван, а ниту е ослободен, а уште помалку рехабилитиран за она за што беше суден и осуден, но тој сепак, веднаш по излегувањето од затворот пред насобраните активисти на Работничката партија и негови следбеници, веднаш одржа политички говор и навести дека се враќа во политика.

Во секој случај, со одлуката на судот, тој не ќе може да се кандидира за некоја државничка функција, како што тоа го сакаше и го најавуваше пред да биде осуден и одведен на отслужување на казната. Сепак, може да се случи и да не се врати во затворот, затоа што има отслужено една шестина од казната, а во подоцнежната постапка би можело да му се определи полесни услови за доиздржување на казната. Според бразилски правни експерти тоа би значело да биде ставен во домашен притвор.

Лула, меѓутоа, уште веднаш се нафрли со остри критики врз актуелната власт во Бразил и врз правосудните власти, тврдејќи дека е невин, дека е погрешно осуден и дека тоа било направено само за да не се кандидира и по трет пат за претседател на државата.

Два мандати претседател

Како и да е тој е делумно на слобода, па и тоа предизвика гневна реакција на политичката десница во земјата. Актуелниот претседател, ултра-десничарот Жаир Болсонаро побара од Бразилците, едноставно, да го игнорираат Лула и „да не му даваат муниција на еден никаквец“, како што го нарече екс претседателот.

„Тој е моментално на слобода, но останува виновен“ – рекол Болсонаро.

Лула да Силва беше на два пати, едно по друго, претседател на Бразил. Кога според Уставот не можеше и трет пат да биде на функцијата, овој ултра-левичар и популист, популарен кај посиромашните маси во оваа голема јужноамериканска земја, за претседателски кандидат беше најдена Далма Русеф, активист на Работничката партија и близок сојузник на Лула.

Таа, исто така, освои два едно по друго мандати, затоа што се веруваше дека зад неа стои популарниот лидер. Русеф, меѓутоа, не успеа да го заврши вториот мандат, затоа што беше сменета со импичмент, откако се утврди дека има извршено злоупотреба на својата претседателска функција.

Ендемска корупција

Тогаш, Лула кој претходно соопшти дека оди во пензија, одлучи да се реактивира, особено што претходно, кога веќе беше осомничен за корупција, Русеф го вработи како советник во нејзиниот претседателски кабинет! Неговата партија и покрај обвинувањето, дури и официјално го кандидира за претседател, па кандидатурата мораше да биде отфрлена со судска одлука.

Овој бразилски политичар, поранешен синдикален лидер, беше осомничен, па осуден во текот на опсежната операција против корупцијата, инаку ендемска болест во Бразил и на континентот.

Операцијата на бразилската антикорупциска агенција тргна од истрагата во бразилскиот нафтен гигант „Петробрас“ и во најголемата латиноамериканска градежна компанија која има признаено дека за поткупи има потрошено 1,5 милијарда долари, во Бразил и уште во неколку јужноамерикански држави.

Беа уапсени низа бизнисмени, судии и политичари, но најголемиот дел од нив сега веќе не се во затвор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе