Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лондон не го објавува извештајот за руското мешање

David Franklin Studio/BigStock.com

Лондон не го објавува извештајот за руското мешање

Одлуката на британската влада да не го објави извештајот на парламентарниот Комитет за безбедност и разузнавање, околу сомнежите за мешањето на Русија во демократските процеси во Обединетото кралство, предизвика бранување во домашната јавност и остри реакции на опозицијата.

Извештајот на комитетот е завршен уште на крајот од март, а потоа материјалот ги има поминато и сите неопходни безбедносни проверки, за тоа дека со него не се откриваат работи што треба да останат доверливи и тајни, за да не им наштетат на интересите на државата, па се очекуваше наодите на Комитетот да се појават до крајот на октомври. Но, Даунинг стрит 10 соопшти дека извештајот нема да биде публикуван се до после парламентарните избори на 12 декември.

Москва го подржува Брегзит

Извештајот содржи детали за тоа дека Русија се обидувала да се меша во британските политички состојби – за работи поврзани со референдумот за Брегзит во 2016 година, како и за претходните предвремени избори во 2017 година, на кои Тереза Меј освои најмногу пратенички места, но го загуби дотогашното удобно мнозинство.

Лондонските медиуми тврдат дека владата на сегашниот премиер Борис Џонсон стравува да го објави извештајот затоа што верува дека тој би можел и наштети на владеачката Конзервативна партија, која очекува дека одново ќе освои најмногу гласови и покрај длабоката поделба на јавноста околу Брегзит.

Станува збор за стравот дека преку извештајот на Комитетот за безбедност ќе се откријат врските на Москва со партијата на британските ториевци, односно дека токму од Русија брегзитерите ја имале силната поддршка за напуштање на ЕУ.

Се верува дека Москва сакала и сака Британија да излезе од ЕУ, затоа што на тој начин би се ослабнала Унијата, би се намалил престижот на ЕУ во меѓународните политички односи затоа што заминува еден од најмоќните „играчи“, што е стратешка цел на Кремљ, уште од времето кога ЕУ се рашири на европскиот Исток и ги прибра кај себе сите поранешни советски, комунистички сателити и така стана интересна и за другите земји, екс републики во поранешниот Советски Сојуз.

Ториевски пријатели на Русија

За Кремљ и посебно за претседателот Владимир Путин кој од почетокот на неговото доаѓање на власт- како премиер и претседател- настојува да го ревитализира екс СССР, ако не во неговата целосна политичко-економска величина, а она барем во обем што ќе и овозможи на Русија да биде она што беше Советскиот Сојуз во времето на комунизмот- голема сила и партнер на САД и на Западот во решавањето на глобалната политика.

Од друга страна, со Брегзит Русија сака да изврши и пореметување на состојбите во ЕУ, со постоење на Унијата без една Велика Британија и без еден силен глас за санкции за Русија, на што изминатите години инсистира Лондон, притискајќи ги другите во ЕУ, особено помалите членки, дека казнувањето на Москва (за Крим и Украина) е неопходно.

Медиумите тврдат дека постои и уште нешто од што веројатно стравува Џонсон. Тоа е еден документ кој ги открива „спорните врски“ на ториевците со Кремљ. Тоа е документот од кој се дознава за постоењето на една организација, поддржувана од Москва, а позната како „Конзервативни пријатели на Русија“.

Организацијата е создадена во 2012 година, со помош на еден оперативец во руската амбасада во Лондон (Американците веруваат дека тој е разузнавач на ФСБ, со дипломатски статус), но организацијата е пропадната, по скандалот со објавувањето на компромитирачки материјали за британскиот лабуристички пратеник Крис Брајант.

Премиерот Џонсон, меѓутоа, останува на одлуката извештајот за руското мешање да остане таен до после изборите. Тој тврди дека „нема ништо страшно“ во него, но дека за деталите од извештајот, Британците ќе разберат подоцна. За организацијата создадена од (веројатно) руската тајна служба, Џонсон не сака да зборува.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе