Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Србин и Босанец уапсени за аферата „Штрахе“

By Gregor Tatschl from Österreich - Heinz-Christian Strache (_IMG6709), CC BY-SA 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=62613524

Србин и Босанец уапсени за аферата „Штрахе“

Австриската полиција соопшти дека уапсила десетина лица во врска со познатата политичко-криминална афера „Штрахе“, позната во австриската и европската јавност и како „Афера Ибица“. Во неа главната личност беше тогашниот лидер на крајно-десничарската Слободарска партија (ФПО) Хајнц Кристијан Штрахе кој во време на избувнувањето на скандалот, во мај оваа година, беше и вицеканцелар на Австрија.

Меѓу уапсените се наоѓаат и еден Србин и едно лице од БиХ, иако не се открива која била нивната врска во целиот скандал, како и со првообвинетиот – еден приватен детектив кој се товари за организирањето на тајното снимање на исто така тајната политичко-бизнис средба на Штрахе со една Русинка, која ја имала улогата на бизнис посредник со руски милијардер.

На власт со руски пари

На средбата, во изнајмена вила на шпанскиот остров Ибица, се слуша и се гледа како вториот човек на тогашната австриска влада и нуди на Русинката политичко-криминален бизнис – тој и неговата партија да ја освојат власта во Австрија, со помош на руски пари, а таа, односно бизнисменот од Русија кој стои зад неа, да добијат и да добиваат вносни зделки на австриска територија.

Суштината на понудата на екс лидерот на ФПО била – Русите да го купат виенскиот весник „Кронен Цајтунг“, да ја изменат неговата уредувачка концепција, да ја „исчистат“ редакцијата од „политички неподобните“ новинари и да ја насочат редакцијата кон величање и навивање на Слободарската партија. Целта би била, со помош на таквата пропаганда, ФПО да стане водечка партија во Австрија, со поддршка од над 30 отсто од гласачкото тело.

Таквиот рејтинг, според Штрахе, би овозможил неговата партија да предводи една влада во Виена. За возврат, владата со него како канцелар, би ја отворила вратата за влез на руската компанија која потоа, на наместени тендери би ги добивала сите зделки за проекти нарачани и финансирани од австриската влада.

Пропаднат заговор

Но, тајно направените снимки се појавија во германскиот и австрискиот прес, па замислениот заговор на ФПО, стана скандал уште пред да може да се покрене. Штрахе поднесе оставка во владата и во партијата, а оставки поднесоа и сите министри од оваа партија, кои беа дел од владината коалиција на канцеларот Себастијан Курц, кои потоа како опозиција ја соборија и владата и предизвикаа, од одмазда, владина криза.

На вонредните избори, во септември годинава, Курц и неговата десно-центристичка партија уверливо ги совладаа „Слободарците“ кои австриските гласачи ги казнија кога се разбра за планираниот заговор со руски пари.

Луѓето тогаш увидоа дека навистина постојат блиски врски меѓу Кремљ и Слободарската партија, односно меѓу Москва и австриската крајна десница. Стана и појасно како тоа рускиот претседател Владимир Путин се појави како гостин на свадбата на поранешната австриска министерка за надворешни работи, од редовите на ФПО.

Балканска врска на Штрахе

По веста за апсењата, виенските медиуми пишуваат дека полицијата се вклучила во аферата откако се открило дека групата што тајно ги има снимано средбата и разговорот на Штрахе во вилата на Ибица, имала намера со направените снимки да го уценува лидерот на ултра-десничарите и вицеканцелар.

Што се однесува, пак, до балканските врски на сега веќе бившиот лидер на ултра-десницата во Австрија, на снимките од Ибица тој се фали дека „во Србија е омилен колку што е и Путин“, но и дека Русите не би требало да вложуваат на Балканот.

Германското Дојче Веле ја искористи ситуацијата со аферата за да покаже некои работи околу блискоста на австриската десничарска ФПО со српската заедница во Австрија, но и со некои српски кругови во БиХ и во самата Србија.

Според Дојче Веле, ФПО ги има на своја страна главнината од српските гласачи на австриските избори, додека Штрахе, во не така далечното минато, со задоволство бил примен како гостин во Белград и во Бања Лука (Република Српска), затоа што се залагал и лобирал за „српската кауза“, како во БиХ, така и за работите околу Косово.

Овој медиум потсетува дека Штрахе на неколкупати има зборувано оти Република Српска треба да се обедини со Србија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе