Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Прв израелски премиер обвинет за криминал

Roman Yanushevsky/BigStock.com

Прв израелски премиер обвинет за криминал

Бенјамин Нетанијаху стана првиот премиер во историјата на државата Израел кој е обвинет за криминал, додека се уште формално, е на функцијата, откако државниот обвинител ги прифати наодите на долгата, тригодишна истрага.

Тој е обвинет дури за три дела на корупција, за примање мито, за измама, како и за злоупотреба на функцијата и јавната доверба.

Според израелските закони, тој може да остане на сегашната функција како премиер на техничка влада која делува во земјата уште од пролетоска, пред тогашните парламентарни избори и распуштениот Кнесет (Парламент), се додека од судот не биде прогласен за виновен.

Политичко-бизнис зделки

Најсериозен е т.н. „Случај 4000“ што се однесува на договорот за мито меѓу Нетанијаху и израелскиот бизнисмен Шаул Елович кој ги има под своја контрола тамошниот телеком гигант „Безек“, како и новинскиот сајт на компанијата.

Нетанијаху уште како министер за комуникации силно влијаел да се донесат нови законски прописи со кои овој бизнисмен имал голема материјална корист, што според обвинителството изнесува над половина милијарда долари.

За возврат, Нетанијаху, како и неговата сопруга Сара побарале и обезбедиле да се пишува само добро и позитивно за нив двајцата, на интернет страница „Вала“ која била во сопственост на „Безек“.

Во другите два случаи за корупција се уште формалниот премиер се товари за примање скапи подароци од богати домашни бизнисмени, кои поседувале медиуми и од кои исто така барал добро да се пишува за него и за неговата политичка работа и за неговото вкупно однесување. Но, барал тие медиуми (и нивните сопственици) секогаш да стојат зад него, што по многу нешто потсетува на примери во земјите на балканскиот регион и посебно кај нас, во Македонија, во времето на 11 годишниот режим.

Во замена за таквата услуга, власта, односно Нетанијаху требало да направи се за да се намали влијанието на конкурентските весници.

Тирада на налутениот Нетанијаху

Државниот обвинител во обраќањето до јавноста призна дека одлуката да го прогласи, иако формален, актуелниот премиер за обвинет, ја донел со „тешко срце“ и по долго и темелно анализирање на целиот случај. Обвинителот, инаку, е политички близок до Нетанијаху, но дека за него било основно да се покаже дека во Израел сите се еднакво одговорни пред законите.

Тој, меѓутоа, остро ги нападна поддржувачите на обвинетиот премиер, признавајќи дека врз него и врз Обвинителството се вршел силен политички притисок, Нетанијаху да не биде обвинет. Државниот обвинител во своето обраќање ги има отфрлено како сосема неточни и паушални тврдењата и на самиот обвинет дека одлуката на Обвинителството е политички мотивирана.

Претходно Бенјамин Нетанијаху во своето обраќање до своите поддржувачи одржал, како што велат локалните медиуми, една вистинска десетминутна тирада во која за себе тврдел дека е невин. Според него, целиот случај бил „монтиран„ и дека целта била тој да биде политички елиминирам.

Премиерот ги обвинил полицијата, судството и обвинителството, како и лево-центристичката опозиција, медиумите и новинарите кои не го подржуваат, дека против него организирале „пуч“. Подоцна изјавил дека ќе прифати секаква одлука на судот.

(Т.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе