Шпионска афера во Србија?
Веќе неколку недели Србија, тамошната политичка јавност и локалните медиуми се занимаваат со изјавата на началникот на Управата за аналитика на српската тајна служба (БИА), Реља Жељски, за тоа дека контраразузнавачката агенција има докази за среќавање на руски разузнавач со српски потполковник. Српската страна открива дека има и фотографија на која се гледа како Русинот се среќава со српскиот воен старешина, но дека нема снимка за моментот кога странскиот шпион и предава „нешто“ на својата врска .
Споменатиот аналитичар изјавил дека не знае што е тоа што српскиот потполковник добил во рака, освен дека тој им е достапен на српските власти. Идентитетот на Русинот е познат, станува збор за извесен Георги Клебан, за кого се вели дека веќе не е на територијата на Србија. Идентитетот на Србинот останува непознат. Речено е само дека станува збор за офицер во пензија.
Пријателско шпионирање
Има и други вакви „објаснувања“ , како на пример дека српската страна нема снимка од моментот на предавањето на „тајното нешто“ затоа што руската страна имала поставено заштита, свое обезбедување, со чија помош можело да се утврди дали на местото на „тајната средба“ е присутно и српското контраразузнавање. И уште дека не се знае ниту дали „заштитата“ биле Руси, ниту пак кој ги има направено инкриминираните снимки, па згора и дека тој Клебан можеби и не работел за Русија (!?), односно дека можеби станува збор за двоен, или за троен шпион. А, таквата можност не ја отфрла ниту аналитичарот на БИА!
Сето ова, со признание на човек од српското разузнавање дека руски шпион заврбувал домашен офицер за потребите на руската тајна служба, претставува првокласна шпионска афера. Пред се, затоа што таа се случува меѓу две, како што се вели, пријателски и братски држави, доаѓа пред новата средба на српскиот и рускиот претседател ( на 4 декември, во Сочи) и во услови кога официјален Белград, ја третира Русија како свој стратешки партнер.
Меѓутоа, впечаток е дека и двете страни се однесуваат како да нема никаков „шпионски“ случај , иако никој категорично не вели дека сето тоа што е прикажано во јавноста е неточно, или дека е монтирано, крпено-лепено.
„Скандалозна приказна“
Претседателот на Србија Александар Вучиќ во една изјава рекол дека на рускиот амбасадор во Белград му поставил само едно кусо прашање: Зошто – не елаборирајќи го тоа понатаму. Може само да се претпоставува што мислел притоа, па едната варијанта би била-зошто ( вие Русите) ни го правите ова. Или- зошто целиот случај не беше изведен на многу по дискретен начин.
Домашните, белградски аналитичари, меѓутоа, прашуваат зошто за една ваква „ шпионска афера“ на пријателска основа, беше соопштена од еден обичен разузнавачки чиновник, во службата за аналитика на српската тајна служба кој по правилата на службата и не смее да дава било какви изјави за јавноста, а не, како што би бил редот, на пример, некој од од владата, министер, или премиерот. Затоа и се проценува дека зад ова „ афера“ има нешто друго и дека таа е за политички потреби.
Не случајно, прва се огласи Москва, преку тамошното Министерство за надворешни работи, налутено што воопшто и се придава значење на една, како што е речено, провокација. Потоа, во сличен тон реагирал и рускиот амбасадор во Белград, кој сето ова го третира како „скандалозна приказна“ чија цел била „ да им се наштети на руско-српските односи“ и како „ обид на некои, Србија да се извлече од блиското партнерство со Русија“.
Има афера, нема афера
После ова, се огласи и претседателот Вучиќ и во негов стил ја објасни „ приказната“. Според него, српскиот потполковник се среќавал со Русинот повеќе пати, дека тоа се случувало во декември 2018 година, дека Србија знаела за дејствувањето на Клебан и дека снимките што се појавија не се направени од српското контраразузнавање. Конечно, од објаснувањето на шефот на државата излегува дека Клебан „ требало да биде посредник во размената на документи, врзани за Хрватска, во текот на војната“.
Објаснувањето во стилот- има, нема афера – е заокружено со тврдењето на Вучиќ дека рускиот претседател Путин „ сигурно не знаел за ова“ ( !?)
Излегува така, дека оваа изјава треба да го амнестира претседателот на Русија, особено пред новата средба на двајцата претседатели.
Од друга страна, редот на изјавите покажува дека ако руската страна вината за „ инцидентот“ ја квалификува како нечија намерна провокација и обид Белград да се извлече од руската прегратка, властите во Србија, „шпионската афера“ ја користат за свои домашни потреби. За да ја покријат долго присутната афера со оружјето што Србија тајно го извезувала, преку приватна фирма на таткото на српскиот министер за внатрешни работи, инаку еден од најлојалните и најблиски соработници на српскиот претседател.
Министерот и таткото- трговец
Српската опозиција и ним, малкуте, блиски медиуми, го искористија откритието на една странска интернет страница за трансфер и продажба на оружје во регионот и низ светот, за да ја обвинат владата во Белград дека преку оваа приватна фирма продавала оружје за бунтовниците во Јемен. Ваквата тајна информација биле провалена преку инсајдер во српската фабрика за оружје „ Крушик“ од Ваљево, кој сега е во затвор.
Ова откритие , меѓутоа, во српската јавност помалку се третираше како повреда на меѓународните конвенции и давање оружје на една од завадените страни во граѓанска војна, колку што се искористи за да се „ соголи“ власта во Србија и тоа што еден непопуларен министер му помагал на својот татко да заработи големи пари со продавање оружје во странство ( со благослов на власта ) , во време кога државната компанија, овластена за такви зделки, се наоѓа во финансиска криза.
И во времето кога во Белград јавноста се расправаше за тоа- дали врвовите на државата знаеле , или не за зделките на таткото на министерот- порталот „ Армс Воч“ објави нова информација . Овој пат, за тоа дека Србија и продавала мини на Украина, за украинската војска која војува против проруските бунтовници во запоседнатата источна Украина, во Луганск и во Донецк.
„Шпионска канализација“
Токму оваа најнова информација беше искористена во Белград за да се „ покрие“ вистинската афера со „Крушик„ и таткото на министерот, за да се минимизира до крај „ шпионската афера“ со пензионираниот српски потполковник и за да се префрли топката на „ надворешни сили“ кои, наводно, само сакаат да предизвикаат раздор меѓу Белград и Москва.
„ Сето ова се неточни работи кои се дело на кујни од шпионската канализација“- рекол српскиот претседател, отфрлајќи секаква можност Србија да „ продава оружје за да се убиваат Руси во „Донецката Народна Република“.
Случајно или не, Вучиќ двете области во Источна Украина, освоени од бунтовниците со руска помош и поддршка, ги нарекува како „ Донецка Народна Република“ (ДНР)- самопрогласена и отцепена територијата од истокот на Украина.
Тоа име се користи само во Москва и од руските медиуми, според политиката на свршен чин , како што грузиските територии Абхазија и Јужна Осетија, Москва во 2008 година ги призна како независни држави. Во годините потоа, руската страна натера неколку земји, како Сирија, Никарагва, Венецуела, или како малите пацифички држави, истите оние кои сега го повлекуваат признанието на Косово, за да ги признаваат отцепените делови од Грузија, како суверени независни држави. Колку што е познато, јавно, Русија ја нема признаено воено освоената Источна Украина за независна држава.
(С.С.Г.)