Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Усташ доби улица во Белград!

Armastus/BigStock.com

Усташ доби улица во Белград!

Во својата антикомунистичка и антипартизанска определеност, локалните власти во Белград отидоа најдалеку досега – една улица во српскиот главен град да добие име на хрватски, деклариран усташ од времето на Втората светска војна и полициски функционер во пронацистичката НДХ!

Работата ја откри загрепскиот весник „Јутарњи Лист“ кој пишува дека белградската улица која досега беше позната како „Стеван Филиповиќ“ сега била преименуван во улица „Емил Першка“.

Познато е дека Филиповиќ е југословенски народен херој, партизански борец и југословенски определен млад комунист. Иако Хрват по националност, како партизан се борел против нацистите и нивните домашни соработници, на територијата на Србија, каде бил фатен и потоа ликвидиран.

Емил Першка, пак, бил фудбалер-професионалец, член на репрезентацијата на Кралството СХС (на Србите, Хрватите и Словенците), а потоа, по преименувањето на државата во Југославија, играл и за таа репрезентација во периодот меѓу 1920 и 1928 година. Бил учесник и на фудбалските турнири дури на три Олимпијади од тоа време- во 1920, 1924 и во 1928 година. Меѓутоа, спортот го заменил за идеологијата против која херојот војувал.

Херојот и квислингот

Першка не бил ниту Хрват, туку имал потекло од Словачка, но со времето, пред војната и во текот на неа, историчарите велат дека „станал голем Хрват“, па му пристапува на пронацистичкото, усташко движење, бранејќи ја и подржувајќи ја неговата тврдо- националистичка политика. Така и успеал да влезе во државниот апарат на НДХ и да биде дел од усташката полиција, позната по својата бруталност.

Во едно друго време на овие балкански простори, Филиповиќ беше славен по својот хероизам и како симбол на непокорот. Неговата фотографија, со високо подигнати раце, непосредно пред да биде егзекутиран, денеска стои изложена во зградата на Обединетите нации во Њујорк.

Таму на него не гледаат како на партизан, или уште помалку како на комунист, туку само како на херој кој им се спротивставува на силите на злото и на нацизмот.

Нецивилизациски гестови

Тој и таков Стеван Филиповиќ го загуби правото да има улица во главниот град на земјата, за чија слобода и беше убиен. Само затоа што актуелните власти во таа држава на него повеќе не гледаат онака како што гледаат оние кои ја чуваат фотографијата на херојот во ОН. Ништо подобро не поминал Стеван ниту во неговата родна Хрватска. Неговите сонародници од 21 век му го имаат урнато споменикот.

А, Першка за кого веројатно никој во денешен Белград и не знае, е награден со улица во овој град. За него, тие што преименуваат улици знаеле само дека не бил партизан. И тоа очигледно им било доволно.

Сето ова нецивилизациско однесување и непочитување кон еден дел од историјата, која сега и на овој начин се преправа, потсетува на некои македонски состојби. На времето на вмровскиот режим кога се уриваа, оштетуваа и скрвнавеа спомениците и спомен бистите на партизанските херои и кога целосно се игнорираше НОБ во Македонија и борбата и постигнувањата на македонските партизани.

За да се заменат со градење скапи споменици на туѓи историски личности и на оние кои во минатото им служеле на туѓи интереси и за да се даваат имиња на улици на личности од време кое нам не ни припаѓа.

(З.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе