Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

„Непријателите спасуваа животи„

Baloncici/Bigstock.com

„Непријателите спасуваа животи„

Катастрофалниот земјотрес во  Албанија, во реонот околу Тирана и Драч, однесе 50 човечки животи, остави неколку стотици повредени лица и предизвика голема материјална штета, но покажа и едно сосема ново и различно лице на регионот.

За Балканот, обично, се вели дека е исполнет со омраза, недоверба и непријателства, земјотресот, меѓутоа, откри дека и овде, како и во другите делови од континентот, постојат и хуманоста и спремноста да им се помогне на „непријателите“ , за да се спасуваат животи и за да може побрзо да се залекуваат раните- е главната констатација на европските и на европските медиуми во нивните извештаи за ударот на природната стихија во Албанија.

Според италијанскиот „Кориере дела Сера“ токму соседните држави први притекнаа да им помогнат на земјата и на нејзините луѓе.

„Не треба да се заборави дека пред 20 години на Косово се водеше војна, до пред две децении едни на други гледаа како на лути непријатели, а сега ги заборавија и традиционалните недоразбирања и неслогата“- пишува овој весник, додавајќи дека во случајот со помошта околу албанскиот земјотрес како да се обедини некогашна Југославија, па спасувачки екипи од Белград, Приштина, Скопје, Загреб спасуваа животи во „ непријателските редови“.

Слични се реакциите и на другите медиуми надвор од регионот. Еден западен весник ја пренесува изјавата на луѓето од спасувачка екипа од Косово која работела со група спасувачи од Ниш, од Србија, кои им рекле – „кој знае, на крајот можеби ќе станеме и пријатели“.

Во меѓувреме,  албанските власти соопштија дека во земјотресот се загинати 50 лица. Не се споменува дали има и такви кои се водат како исчезнати. Локалните медиуми објавија дека меѓу загинатите е и девојката на синот на премиерот Еди Рама.

Нов терористички напад во Лондон

Специјалци на британските антитерористички сили го убија терористот кој на еден од лондонските мостови нападна со нож десетина лица кои во тој момент случајно се нашле во тој дел од британскиот главен град. Две лица беа убиени, а три други се потешко ранети во овој напад.

Тешкиот инцидент се случи на Лондон Бриџ, во чиј реон минатата есен исто така беше извршен терористички напад, во кој жртвите беа главно странски туристи.

Терористот во годинешниов напад е осуденик за терористичка активност кој порано бил ослободен од затвор. Станува збор за  28 годишниот Британец од пакистанско потекло, Џеман Кан. Во 2012 година, тој бил осуден за својата поврзаност со исламски екстремистички групи. Во декември 2018 година бил ослободен- условно, со обврска да почитува определени услови што му ги определила комисијата за условно пуштање од затвор. Според нив, доколку не ги почитувал требало да биде вратен во затворот. Но, неполна една година по тоа, Кан облечен со лажен елек на бомбаш-самоубиец, изврши терористички напад.

Премиерот Борис Џонсон изрази шокираност од она што ( одново) му се случува на Лондон, но и ја критикуваше одлуката – еден осуден екстремист, да биде порано ослободен.

Ксенофобични протести во Сомбор

На два пати, низ улиците на Сомбор, во Војводина, се одржале протести на граѓаните од овој дел на Србија кои демонстрирале против присуството на бегалците и мигрантите од земјите на Блискиот Исток.

Според српските медиуми не се знае кој ги има покренато луѓето на протести кои се означени како ксенофобични, но се знае дека се тргнало од објавени изјави на Фејсбук. Во нив мигрантите се обвинувале за грабежи и за упади по имотите на локалното население, па дури и за напади врз Сомборци.

Неколкумина кои учествувале во демонстрациите уверувале дека „ сигурно знаат“ оти „ дојденците“ ги напаѓаат салашите и упаѓаат во викендичките, но локалната полиција тврди дека ништо од тоа не е точно.

Полицијата соопштила дека од никого нема ниту една пријава за упади и за грабежи. Наместо тоа, полицијата регистрирала напад врз две млади лица од Блискиот Исто, за време на протестните поворки низ градот.

Во текот на тие протести имало извикувања – „ не сакаме исламистан“ –  како и барања властите да го „ спасат градот“ и да му го „ вратат мирот“ , како што тврдат дека постоел пред да дојдат мигрантите кои чекаат да се префрлат во некоја земја на Западот.

По нападите врз момчињата од Блискиот Исток, српските власти ситуацијата се обидуваат да ја смират на тој начин што 400 мигранти од реонот на Сомбор, преселиле на крајниот југ од државата, во Прешево.

Александар Вучиќ не го дава Мали

Долготрајната афера во српската политика околу докторатот на Синиша Мали, поранешен градоначалник на Белград, член на владеачката Српска напредна странка (СНС) и сега министер за финансии, доби нова димензија откако Одборот за етика на белградскиот Универзитет пресуди дека докторатот на Мали е плагијат.

Српската опозиција од почетокот бара Мали да биде казнет така што ќе му биде одземена титулата доктор на науки, но и да поднесе оставка од владата- образложувајќи го тоа едноставно- човек кој го плагирал својот докторат не  може да седи во владата на Србија и да има министерска функција.

Меѓутоа, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Ана Брнабиќ, која во меѓувреме стана членка на владеачката партија, ги отфрлаат барањата на опозицијата и одлуката на Универзитетот. И обајцата, во одвоени изјави имаат речено дека одлуката на Одборот за етика е – политичка и политички донесена.

„Мали останува во владата и нема да поднесе оставка„- гласи пораката на претседателот и на премиерот.

Белградскиот Универзитет смета дека треба да се поништи одлуката за докторатот на Мали. Според Ректорот на Универзитетот, Иванка Поповиќ , Синиша Мали го има повредено етичкиот кодекс на Универзитетот. Во докторатот, Мали се цитираат текстови на други автори без да се наведува чии се и од каде се земени.

Случајот Мали се провлекува пет години, откако група универзитетски професори го обвиниле за плагијатство.

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе