Унгарија се повлекува од Евросонг
Унгарските власти одлучиле, следната година, земјата да не учествува на натпреварот за Песна на Евровизија (Евросонг) затоа што, наводно, постои поврзаност на ова европско музичко натпреварување со ЛГБТ културата- пишуваат британските и европските медиуми.
Одлуката за повлекување (барем за натпреварот во 2020 година) ја потврди и унгарската државна телевизија МТВА, но во нејзиното соопштение не се дава објаснување за тоа кои се мотивите. Само се вели дека наместо Евросонгот, телевизијата (и државата) ќе ја подржуваат музичката продукција на домашните поп таленти.
Ваквото објаснување е прилично блиску до конзервативната определеност на актуелната влада на премиерот Виктор Орбан и на неговата националистичка и популистичка политика, својствена за европската крајна десница.
Некои медиуми во Будимпешта потврдуваат дека Унгарија се повлекува од ова музичко натпреварување, затоа што било оценето дека е „премногу геј“. Владата на Орбан, меѓутоа, веднаш ги демантираше ваквите тврдења, означувајќи ги како неточни.
Но, европски медиуми ја пренесуваат изјавата на еден унгарски телевизиски коментатор, забележана уште по последниот Евросонг кој има речено дека Евровизиската песна се претворила во „хомосексуална парада“. Истиот коментатор сега прв ја има поздравено одлуката на властите, земјата да се повлече од Евросонг.
Според него, би било штетно младите под 18 години да си го уништуваат музичкиот вкус од, како што рекол, трансвестити кои врескаат и од жени со брада, мислејќи на победникот од Австрија, од пред некоја година.