Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Пентагон против српско-руското воено сојузништво

cm4k/BigStock.com

Пентагон против српско-руското воено сојузништво

Американскиот Пентагон во својот последен извештај за Србија остро ја критикува воената соработка на Белград со Москва, како и нивната тесна соработка во разузнавањето и оценува дека тоа претставува соработка со Русија која се означува како непријател на САД.

Во извештајот се посочува дека блискоста на Србија со Русија значително е засилена откако Александар Вучиќ стана српски политички лидер, прво како премиер, а потоа и како претседател на државата. За него уште се вели дека покрај интензивирањето на воената и разузнавачката соработка, тој на внатрешен план дејствува задушувајќи ги слободите на сопствените граѓани.

Овој материјал кој во помали изводи прво се појави во Радио Слободна Европа, е подготвен уште во мај годинава, посочува и дека Србија е единствената земја во регионот која троши многу пари за купување на половни и репарирани руски борбени авиони од типот „Миг-29“, како и воени хеликоптери.

Политика – две столчиња

Станува збор за досега најостро интонираниот извештај на Пентагон за руско-српската соработка, па прашање е зошто е тоа така, кога јавно, низ изјавите на американските амбасадори, обично, се зборува дека односите меѓу Вашингтон и Белград се значително подобрени и продолжуваат да се подобруваат.

За едни аналитичари, ваквиот извештај е последица на одлуката на Белград воено целосно да се врзе за Москва и за руското вооружување, како и на признанието на претседателот Вучиќ дека руската тајна служба е пријателска (со Србија).

Други, пак, проценуваат дека сето ова е последица на долгото „седење на две столчиња“, политика која ја промовираше и ја развива токму актуелниот српски претседател, кој за неа уште вели дека е политика на „неутралност и неврзаност“ која, како што се покажува, едноставно, не е точна.

Официјален Белград зборува за ЕУ и за европскиот пат на земјата, а Русија ја прогласува за свој „стратешки партнер“ и со неа се повеќе се врзува, иако добро знае дека Москва не е само против постоењето на НАТО и ширењето на Алијансата, туку можеби и повеќе и против ЕУ, онаква каква што е сега и каква се повеќе станува – глобална економска сила и глобален политички фактор.

Русија и против ЕУ

Тоа руската страна не го крие- со својот однос кон Западен Балкан, поткопувајќи ги земјите од регионот кои се, или влегуваат во НАТО, како Македонија, или пак настојуваат да ги почнат преговорите за влез во Унијата.

Според лондонски „Фајненшл Тајмс“ токму Русија ја има пофалено блокадата на францускиот претседател Емануел Макрон, за одложување на почетните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија. Свесно со тоа согласувајќи се дека тоа предизвика внатрешна политичка криза во Македонија, како директна последица на француското вето.

Москва од почетокот е против актуелната македонска, прозападна, проевропска и реформска влада, бранејќи ги тврдите националистички и недемократски ставови на режимот на осудениот и избеган екс премиер, а сега и од него поставениот наследник. А токму бегалецот, кој сега ужива политики азил во Будимпешта, овозможи Русија да се смести на Балканот за да го дестабилизира.

Западни безбедносни аналитичари тврдат дека руската амбасада во Скопје е претворена во штаб на ГРУ (воената руска тајна служба) во регионот и дека преку неа оди ширењето на дезинформациите, лажните вести и одржувањето на нестабилност.

„Без компензација за Косово“

Извештајот на Пентагон се појавува на само неколку денови пред уште една средба на Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин, овој пат во Сочи и во време кога српскиот претседател зборува за некаква европска патека, а свртува кон Истокот.

Во изјава за американски медиуми, експертот за Балканот, професорот Едвард Џозеф смета дека поради ваквата поставеност на Вучиќ, САД и Западот би требало да „престанат да го молат да определи решение за Косово“, а уште тоа да му биде и компензирано.

Не смее да се размислува за компензација со лидер кој има толку широка соработка со нашиот непријател, каква што е Москва, кој згора на тоа делува и против слободите и правата на своите граѓани рекол Џозеф.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе