Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Белорусите против „обединување“ со Русија

bortnikau/Bigstock.com

Белорусите против „обединување“ со Русија

Два дена по ред, во Минск, главниот град на Белорусија, се одржуваа протести на кои Белорусите се спротивставуваат на плановите за „поголема интеграција“ на нивната држава со Русија.

За демонстрантите, собрани на главниот плоштад во Минск станува збор за обид за „обединување“ на двете земји, што за нив претставува „руска окупација“ на Белорусија. Напред на колоната со демонстранти, луѓето носеле голем транспарент на кој пишува – Ова не е интеграција, ова е окупација.

Дводневните протести се предизвикани од одржувањето на  состанокот на белорускиот претседател Александар Лукашенко со неговиот руски колега Владимир Путин, што во саботата се одржал во црноморското одморалиште Сочи.

Ефтина руска нафта

Двете земји во изминатите 25 години имаат мошне тесни политички, воени и економски врски. Белорусија која е сиромашна со енергетски сурови е целосно зависна од руската нафта и гас, што ги добива по пониски и неекономски цени, како и од руските (поефтини од обично) кредити за одржување во живот на белоруската економија од советски тип која никогаш досега, од падот на комунизмот и распадот на СССР, не е реформирана.

Официјална Москва подолго време притиска врз властите во Минск да се согласат со „поцврсто меѓусебно поврзување“.

После состанокот на двајцата претседатели, не било издадено никакво соопштение за јавноста. Рускиот премиер Дмитри Медведев само рекол дека не станува збор за ништо друго освен за економска интеграција која не навлегува во сувереноста на државата (мисли на Белорусија). Еден неидентификуван  руски претставник, меѓутоа, во Сочи рекол дека после оваа рунда преговори „Москва  и Минск се поблиску до спогодба“.

Демонстрантите во Минск, пак, стравуваат дека Русија би можела да им ја одземе државата, како што тоа го направи со Крим, во март 2014 година, кога беше анектиран овој украински полуостров.

Последниот европски диктатор

Белорускиот претседател Лукашенко, зборувајќи пред пратениците во тамошниот Парламент рекол дека „нема да потпише никаков договор кој би бил штетен за Белорусија“.

-Не постои план земјата да биде дел од било која друга држава, па ни од братска Русија. Не треба да се стравува дека претстои обединување на парламентите на двете држави – рекол Лукашенко.

Тој е 25 години постојано на власт во оваа поранешна советска република и важи за последниот диктатор во Европа. По последните парламентарни избори, одржани минатиот месец, Белорусија стана единствената држава на европскиот континент во која нема ниту еден опозициски пратеник. Не затоа што така гласа Белорусите, туку затоа што власта ги елиминира опозициските партии да учествуваат на изборите.

Оваа есен, светските агенции објавија информации за тоа дека властите во Минск одбиваат на Русија да и дозволат да изградат воени бази на територијата на Белорусија.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе