Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Франција блокирана од штрајкови

Elena19/Bigstock.com

Франција блокирана од штрајкови

Околу еден милион луѓе во Франција се вклучени во досега најмасовните штрајкови во земјата против предлог-законот за пензии за кои инсистира претседателот Емануел Макрон. Најтешко е погоден јавниот сообраќај, каде постои вистински хаос во возниот ред на железницата и на париското метро. Освен штрајковите, земјата, а посебно нејзиниот главен град се зафатени и со масовни протести на кои синдикатите бараат Макрон и владата да се откажат од предложениот закон.

Ова не е прв пат Французите и тамошните синдикати да протестираат против реформирање на пензискиот систем. Тоа се случуваше уште во 1995 година, а вакви протести, проследени со штрајкови имаше и во 2003 и во 2010 година.

Против законот за пензии

Во штрајк сега се железничарите, потоа пожарникарите, како и цела низа државни служби и вработени во овој сектор. Освен тоа, низа индустриски гранки го имаат забавено работењето и производството, вклучувајќи ги тука и рафинериите. Но, главниот проблем е пред се во железничкиот сообраќај кој на само три недели пред Божик, има предизвикано  големи проблеми во патувањето, затоа што во некои сектори е целосно блокиран.

Француските железници SNCF има соопштено дека возовите на приградските линии ќе сообраќаат само со 15 отсто од постоечките капацитети. Само еден од шест супер брзи возови (TGV) ќе бидат вклучени во сообраќај. Во Париз, пак, се затворени девет линии од париското метро.

Синдикатите имаат најавено дека протестите продолжуваат и од понеделник, што ќе значи дека протестите против измените во пензискиот систем ќе навлезат во седмиот ден. Железничките компании ги советуваат патниците во регионот на Париз да не патуваат со приградските возови, затоа што големите турканици по железничките станици и пероните би можеле да станат опасни за луѓето.

Неуспеси на Макрон

Гневот на француските граѓани овој пат го предизвика Макрон со неговиот план да се обедини пензискиот систем во еден, а сето тоа да се заврши до 2025 година. Тоа би се направило на тој начин што би се укинале сегашните 49 пензиски програми кои сега се применуваат при одењето на Французите во пензија.

Макрон кој успеа да ја блокира ЕУ, да им се спротивстави на сите во Унијата, тврдејќи  дека таа треба да се реформира, според неговите замисли, запирајќи ја Македонија на нејзиниот пат кон Европа, ризикувајќи при тоа создавање политичка криза во земјата, успеа да ја блокира и сопствената држава. И тоа не му е прв пат!

Со своите реформи успеа да предизвика анти-естаблишмент левичарско движење „ Жолти елеци“ кои на крајот од минатиот месец одбележаа една годишнина од своите протести против владата и посебно против претседателот Макрон. Тие  го обвинуваат шефот на државата дека со сите свои мерки дејствува само во полза на богатите и на компаниите, а против големото мнозинство од обични луѓе.

Претседателот кој, ако се гледа по тоа како се однесува во ЕУ, не сака да попушти и кога знае дека е поразен, ниту пак да прави компромиси, засега има признаено само дека погрешил ( избрзал) што ги зголемил цените на дизел горивото, мерка што набрзо беше повлечена. Не споменува, меѓутоа,  дека му пропадна и обидот за реформа на системот за вработување, како и за воведување нов закон за вработување. Она што се знае e дека неговиот рејтинг во француската јавност и кај гласачите е драстично намален.

(Д.П.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе