Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британците останаа поделени околу Брегзит

melis/BigStock.com

Британците останаа поделени околу Брегзит

До последниот момент, пред вонредните парламентарни избори, Британците зборуваа повеќе за Брегзит, отколку за тоа кого да изберат за премиер на владата на Обединетото кралство.

Тоа е крајно невообичаена ситуација за овдешните политички прилики, каде обично, гласачите се определуваат меѓу конзервативните ториевци и левоцентристичките лабуристи.

Но во изминативе 3,5 години, од референдумот за ЕУ, ништо во Британија не е како што било порано, откако малото, но сепак, мнозинство гласачи се определи земјата, после 44 години членство, да ја напушти Унијата.

Во текот на кампањата за овие избори, трети во изминатите четири години, актуелниот премиер Борис Џонсон, како и неговиот главен противник, лидерот на лабуристите Џереми Корбин настојуваа да ја свртат јавноста кон домашните теми – традиционалното проблематично јавно здравство, образованието, јавните трошоци и ветувањата за подобар живот на разните категории граѓани, но и едниот и другиот постојано се враќаа кон главното прашање – како ќе им биде на земјата и на нејзините жители по заминувањето од Европа.

Ниту Џонсон, ниту Корбин

А, дебатите на телевизијата, како и соочувањето на кандидатите со гласачите покажаа дека ниту Џонсон, а уште помалку Корбин имаат претстава околу тоа, ниту пак го знаат одговорот за иднината на Британија, сама, надвор од ЕУ. Определувајќи се партиски и според тоа како гласале на референдумот во јуни 2016 година, Британците останаа таму каде беа и тогаш, потоа и при вонредните избори што ги свика Тереза Меј во 2017 година – повеќе наклонети кон ториевците и длабоко поделени околу Брегзит.

Оваа предизборна кампања покажа и уште нешто кое досега не се манифестираше, а тоа е дека гласачите не го сакаат ниту Џонсон, обвинувајќи го дека ги излажал и за Брегзит, околу податоците за трошоците на Британија со членството во ЕУ, а и околу договорот што тој го постигна со Брисел, тврдоглаво инсистирајќи на Брегзит, по секоја цена.

Но не го сакаат ниту Корбин. Пред се, поради неговото ултрашко левичарење и заговарање на без малку „социјалистичка“ Британија, како и затоа што околу Брегзит токму тој и сегашното раководство на лабуристите ниту еднаш јасно не се определија- дали се за или се против излегувањето од Унијата, практично, одејќи им на рака на Брегзитерите.

Дури и сега во текот на кампањата за овие избори, Корбин и неговото „троцкистичко“ друштво, како што во една прилика ги нарече главниот уреденик на неделникот „Економист“ овој некогаш маргинален пратеник на партијата, остана со својата неразбирливо глупава позиција- да се биде ниту за Брегзит, а ниту против него!?

Пораките на Мејџор и Блер

Многу угледни лабуристи, затоа, и свртеа грб на својата партија, ја напуштија или политички се пензионираа, а многу гласачи останаа до крај збунети околу тоа, за кого да гласаат. Особено тоа е видливо кај оние кои не го сакаат социјализмот на Корбин, се противат на неговата неопределена, а во основа анти-ЕУ политика, иако само од чисто идеолошки причини, но и кои од почетокот се категорично против Брегзит.

За нив основното прашање е – зошто ја напуштаме ЕУ кога токму во годините на членство Британија стана европски политички и безбедносен фактор, политички мост преку Атлантикот на Европа со САД и над се, пета светска економија. Во таборот на тврдите конзервативци, пак, како и кај оние кои гласале за „аут оф ЕУ“ преовладува филозофијата- ајде еднаш да завршиме со Брегзит, што за нив е испочитување на една демократска определба на британските гласачи од 2016 година, а потоа ќе видиме.

Во таквата атмосфера на длабока поделеност на домашната јавност, голем публицитет добија пораките на двајцата поранешни британски премиери – конзервативецот Џон Мејџор и лабуристот Тони Блер.

„Најлошата политичка одлука“

Иако длабоко идеолошки поделени и некогаш лути политички противници, тие во своите последни обраќања до гласачите излегоа со истоветни пораки- не гласајте како дисциплинирани војници за „својата“ партија за која редовно гласате, туку за оние на кои им верувате дека и мислат добро на државата.

Конзервативецот Мејџор кој од почетокот е против Брегзит, отворено агитираше, не за својот актуелен лидер, туку за оние 22 од Џонсон истерани пратеници-ториевци кои се спротивставија на сплетките и политичките игри околу ЕУ, само за да си обезбеди премиерска функција и во Парламентот гласаа против сопствената партија.

„Напуштањето на ЕУ е најлошата надворешно-политичка одлука за која знам во целиот мој живот“ – рече Мејџор, предупредувајќи дека половината Британци се против тоа, како и дека со заминувањето од Унијата се ризикува расцеп во Обединетото кралство, со оглед на расположението на гласачите во Шкотска и во Северна Ирска.

„Ако ме прашате мене, јас би гласал за оние 22 пратеници кои беа набркани од Конзервативната партија, без кои Парламентот сега ќе биде многу посиромашен“

…изјавил гневно поранешниот премиер кој ја наследи Маргарет Тачер, а подоцна загуби на изборите во 1997 година од Блер.

Ториевците во предност

Лабуристичкиот премиер Блер кој единствен од оваа партија беше десет години во Дауниниг стрит 10, три пати избиран едно по друго, призна дека само од лојалност кон партијата и сега ќе гласа за лабуристите. Меѓутоа, тој изјави нешто што и самиот призна дека никогаш не верувал дека додека е жив ќе го изговори. „Боже благослови го Мејџор“ (!) порача Блер, согласувајќи се со неговите зборови и со пораката што овој ториевец им ја упати на британските гласачи.

Последните анкети пред гласањето покажуваат дека конзервативците на Џонсон имаат предност од 10 отсто пред лабуристите и Корбин.

Трети се либералдемократите кои се единствената партија која најави дека ако победи, веднаш ќе побара запирање на постапката за напуштање на ЕУ. Четврти во анкетата се сепаратистичката Шкотска национална партија (СНС) која е против Брегзит, но која порачува дека ако Британија излезе од Унијата во Шкотска ќе има нов референдум за независност.

Анализите проценуваат дека во Британија и по овие избори ќе мора да се прават коалиции, за да се формира стабилна влада.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе