Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Иванка Трамп „блиска“ со Кристофер Стил

Debby Wong/BigStock.com

Иванка Трамп „блиска“ со Кристофер Стил

Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, која откако нејзиниот татко е во Белата куќа е поставена како еден од неговите советници, е подолго време “блиска“ со разузнавачот Кристофер Стил – откриваат медиумите во САД.

Веста сама по себе, без разлика што би можело да се подразбира под блискост, би била во сферата на приватноста на ќерката на Трамп, доколку не се знае дека Стил не е било кој. Станува збор за поранешен британски разузнавач кој во американската јавност (и во светот) стана познат како човекот кој го откри постоењето на „руска врска“ во изборната кампања во САД во 2016 година.

„Руска врска“

Во текот на истрагата околу откривањето на „врската“, на која се повикува весникот „УСА Тудеј“ Стил рекол дека се „крајно бесмислени“ обвинувањата кон него дека тој имал предрасуди и нечесни намери кон Трамп. Според исказите на Стил, тоа не можело да се случи затоа што тој и тогаш бил „близок пријател“ со член од семејството на сегашниот претседател. Весникот открива дека тоа била ќерката на претседателот – Иванка Трамп.

Кристофер Стил, инаку, бил изнајмен од истражувачка фирма која работела за кампањата на Хилари Клинтон, со задача да надгледува што се случува во спротивниот „табор“ и во кампањата на Трамп за изборите во 2016 година. Извештаите кој тој ги има направено, меѓутоа, ја имаат откриено руската врска. Или уште попрецизно – Стил открил дека Русија и нејзините служби, со години на ред, се занимавале со Доналд Трамп, уште само како успешен бизнисмен и њујоршки милијардер.

Ваквото откритие го натерало Стил, како искусен разузнавачки оперативец, да заклучи дека Трамп, како политичар, а подоцна и како претседателски кандидат, би можел да биде „ранлив“ и податлив за уцени (од руската страна).

Истрагата на Малер

Извештаите на Стил кои ја покренаа целата приказна околу „руската врска“- мешањето на Русите во изборната кампања и контактите на луѓе од тимот на Трамп со руски функционери, меѓу кои и тогашниот руски амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак – сепак, не беа основа, ниту пак имаа улога во истрагата што подоцна ја покрена американското ФБИ, а по тоа и специјалната истрага што ја водеше иследникот Роберт Малер.

Таа истрага заврши со констатацијата дека имало мешање на Русија во изборите. Дека високи функционери од изборната екипа на Трамп нелегално се среќавале со руски личности и се договарале околу текот на кампањата, со цел да и се напакости на кандидатката на Демократската партија Хилари Клинтон, таа да се дисквалификува кај американските гласачи и да се поттикнува Трамп за да може да победи.

Но истрагата на Малер заклучи дека во целата таа работа, сегашниот претседател не бил директно замешан, ниту дека целта на истрагата била тој да биде обвинет.

„Лажни обвинувања“

Неколкумина негови најблиски соработници и советници во кампањата, вклучувајќи го и првиот од Трамп избран советник за национална безбедност, Мајкл Флин „заглавија“ со руската врска. Сите беа прогласени за виновни по разни основи и осудени, освен Флин кој и по две години, се уште чека судот во САД да му изрече казна.

Доналд Трамп освои дури три милиони гласови помалку од американските гласачи од Хилари Клинтон, но Трамп победи и стана претседател, затоа што освои повеќе електорски гласови кои се одлучувачки во изборниот процес во САД.

Трамп и неговиот круг од соработници и поддржувачи, и натаму не признаваат дека имало „руска врска“, ниту пак ги прифаќаат наодите на Кристофер Стил, тврдејќи дека станува збор за „лажни обвинувања” кои биле „политички мотивирани“.

Наодите на Стил уште од самиот почеток ги отфрла и Москва, иако таа дискретно го повлече од Вашингтон својот поранешен амбасадор, замешан во руското помагање во победата на Трамп. Останува само нејасно колкав удел во целата оваа работа имале блискоста и пријателските врски на разузнавачот со ќерката на претседателот на САД.

(А.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе