Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград – Универзитет за печатење дипломи?

"Зграда универзитета Мегатренд на Новом Београду. Сликао Голдфингер". https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Megatrend_univerzitet_na_Novom_Beogradu.JPG

Белград – Универзитет за печатење дипломи?

Во политичката ситуација со која подолго време се наоѓа Србија, во последно време уште дополнета и со шпионската афера со Русија (!?), со фалсификуваниот докторат на министерот за финансии и со аферата со оружјето, во белградските медиуми позната како „Афера Крушик“, во која преку својот татко-трговец со оружје – е вклучен еден друг српски министер – оној за внатрешни работи, скандалот со продавањето на првиот, приватен Универзитет во Србија, делува комично.

Така настојуваат да ја прикажат повеќето локални медиуми, иако дел од нив сметаат дека станува збор за уште еден пример за тоа каква е состојбата во српското општество, во државата во целина и посебно во врвовите на актуелната власт.

Особено затоа што случајот со овој „комичен скандал“ започнал мошне сериозно – со емитувањето на еден телевизиски филм на независната Н-1 телевизија, заглавен како „Мега дипломец“.

„Диплома без професори“

Во него станува збор за сомнителните околности под кои актуелниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ ја стекнал својата диплома на приватниот Универзитет Мегатренд.

Тоа е оној истиот министер чиј татко е „главната ѕвезда“ во аферата Крушик, продавајќи оружје зад грбот на државната фирма, единствено овластена за тоа, по дампинг цени и на штета на државата и нејзиниот профит.

Авторите на филмот, всушност, отворено се сомневаат дека Стефановиќ добил диплома „без професори“, односно без да посетува предавања.

Или уште попрецизно – дека некое „парче хартија“ стекнато или набавено од извесна лондонска институција, било нострифицирано како диплома. Од тоа авторите веруваат дека Универзитетот Мегатренд, главно, и постоел за да им дели дипломи на определени луѓе во Србија – некому за пари, а некому и без тоа.

На ваквиот филм гневно реагирал сопственикот на Мегатренд и негов ректор во тој момент, Миќа Јовановиќ.

На крајот на ноември, тој налутено на прес конференција објавил дека „повеќе не може да ги издржи клеветите и лагите“ против него, па затоа го продал Универзитетот за 56 милиони евра и уште дека „разочаран од климата во Србија“ ја напушта земјата, за да живее во својата вила на Азурниот брег во Франција.

Лажен германски купувач

При тоа, Стефановиќ на новинарите им го прикажал купувачот и нов сопственик, извесен Дејан Ѓорѓевиќ, опишан како бизнисмен со углед од Германија.

Продавачот притоа, се пофалил дека преговорите за продажбата траеле 1,5 години и дека вистинска цена на Универзитетот можела да биде и повисока, но дека „кога станува збор за пари од ЕУ“, не сакал да продолжи со пазарлакот! Во таа прилика, биле изнесени и некои детали од купо-продажбата – за тоа дека купувач, всушност, е германски конзорциум, во чиј управен одбор седат угледни и умни млади луѓе.

Белградските медиуми, меѓутоа, кои „зделката“ не сакале да ја прифатат здраво-за готово, тргнале да проверуваат за што станува збор и со помош на колегите од Дојче Веле, брзо и лесно откриле обична измама.

Германски инвеститори воопшто немало.

Не постои никаде во Германија таков конзорциум кој купува Универзитет во Србија. Конечно, тие прикажани „млади членови на Управниот одбор“ не се ништо друго туку само обични манекени, користени за една тамошна компанија за печатари!

Шегаџиите во Белград го искористија тоа откритие за да искоментираат дека германскиот „бизнисмен“ е вистинскиот човек за сопственик и „ректор“ на Мегатренд – ќе печати дипломи. Тој, пак, ја продолжил играта на Стефановиќ, инаку со години на ред, човек близок на Српската социјалистичка партија, коалициски партнер на владејачката СНС, обвинувајќи ги и тој медиумите дека „шират лаги“.

Афера за прикривање?

Веднаш потоа, работите, сепак, добиле поинаков тек. Насамарениот Стефановиќ, кој се фали дека има над 80 трудови од бизнисот и економијата, се вратил во Белград за да признае дека бил „измамен и дека наивно му поверувал во елоквентноста на лажниот купувач“.

Бидејќи „конзорциумот“ нема никакви пари, на сметката на Стефановиќ не пристигнало ниту едно евро, а тој не го префрлил својот Универзитет на име на „купувачот“, па излегува и дека ништо и не се случило.

Ѓорѓевиќ уште пријавил и дека физички бил нападнат, што според полицијата е лажна пријава, па дури тогаш интервенирала власта – апсејќи го „бизнисменот“ за лажно пријавување! Човекот е осуден по брза постапка на три месеци – условно, на една година, а сите страни се договориле – да нема поднесување жалби.

Во целата оваа смешно-тажна приказна, како што велат дел од медиумите во Белград, многу прашања остануваат отворени.

Дел од новинарите проценуваат дека целиот скандал со Мегатренд е дел од некаква претстава за да се прикријат другите афери и скандали.

Има медиуми кои прашуваат како е можно за една држава која претендира дека е правна и згора и преговара со ЕУ, никој од власта да не реагира на откритијата на новинарите – ниту обвинителството, ниту просветната инспекција, а ниту министерството за просвета, кога се продава првиот приватен Универзитет во Србија.

Сега, малкумина веруваат и дека се преговарало 1,5 година, а и дека нешто некој продавал, а некој друг – купувал.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе