Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

И Германците одат во странство – за работа

Kzenon/BigStock.com

И Германците одат во странство – за работа

Германија важи за најмоќната европска економија, а земјата и понатаму претставува „магнет“ за луѓето од Европа, посебно од регионот на Балканот и од светот кои бараат работа и побогат живот, но и самите Германци се дел од глобалните и европските мигрантски движења, па и тие заминуваат од својата богата земја, во потрага за работа, за повеќе пари и за побогато и поудобно живеење.

Според анализата што ја има направено германскиот завод за испитување на движењето на населението, најмногу заминуваат високо-образувани кадри. Тие за своја дестинација ги одбираат, пред се, државите од германското говорно подрачје, иако не малку Германци одат за да работат и во САД и во Велика Британија. Станува збор за луѓе во најдобрите години од својот живот – сите меѓу 20 и 40 години  – кога и најмногу можат да дадат на работното место и во својата професија.

Дури 76 отсто од оние кои заминуваат од Германија се со универзитетска диплома, или се и доктори на науки.

Такви се три четвртини од Германците-емигранти, што експертите го означуваат како мошне висок процент за државата во која, инаку, само 25 отсто од населението има високо образование.

Истражувањето на овој Завод покажува дека голем дел од германските мигранти заминуваат од својата богата земја од професионални причини.

Само 18 отсто од анкетираните изјавиле дека заминале затоа што биле незадоволни од животот во Германија. Меѓутоа, повеќе од 60 отсто признале дека си заминале за поголема плата, бидејќи нето приходите во нивните нови држави во кои се населиле за живот и работа, во просек, месечно биле повисоки за 1200 евра од оние во нивната матична држава.

Германскиот завод за статистика располага со податок дека во странство сега има над четири милиони Германци.

Според истиот извор, секоја година заминуваат по 180 илјади луѓе, а стапката на иселеници изнесува 5,1 отсто. Тоа, велат експертите, е висок процент за една високо развиена и богата индустрија и економија, каква што е онаа на Германија. Во САД, на пример, стапката н иселеници изнесува само 0,7 отсто, додека во Јапонија е уште пониска – само 0,6 отсто.

Како споредба за европските состојби и оние посебно во ЕУ, една Полска, која по заминувањето на Британија од Унијата ќе стане петтата по големина европска економија, процентот на миграција на Полјаците, или процентот на иселеници, изнесува дури 10 отсто.

Кога станува збор за Германците, истражувањето открива дека во последните десет години, Швајцарија е далеку најпопуларната дестинација на Германците за „бегство“ од дома.

Таму заминале за да живеат и да работат над 200 илјади Германци. Во САД се преселиле 127 илјади, во за нив соседна Австрија 110 илјади, додека во Велика Британија се населиле околу 82 илјади.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе