Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Педро Санчез доби мандат за нова шпанска влада

Esteban Martinena/BigStock.com

Педро Санчез доби мандат за нова шпанска влада

Лидерот на шпанските социјалисти, Педро Санчез, од шпанскиот крал Фелипе Шести, како што тоа го предвидува Уставот на земјата, доби мандат за формирање на новата влада на Шпанија. Ваквата одлука не претставува никакво изненадување, затоа што на последните, предвремени избори, одржани во минатиот месец, тој и шпанската Социјалистичка партија (ПСЕ) добија најмногу пратенички места.

Вкупно 120 пратеници има Санчез во новиот состав во Кортесот (Парламентот) на Шпанија, што претставува кусок од 56 пратенички места, за да може да се формира влада, па затоа анализите за состојбите во шпанската политика проценуваат дека изгледите во Мадрид (конечно) да профункционира еден владин кабинет се мали и тешки за мандаторот.

Но, претседателот на Парламентот изјавил дека пред да го добие мандатот од кралот, за таквото решение биле консултирани сите парламентарни партии.

Кусок од пратеници

Во меѓувреме, Санчез и социјалистите се спогодија за коалицирање со партијата Подемос од левиот политички блок, која во новиот Парламент има 35 свои пратеници. Тоа му ја олеснува ситуацијата на мандаторот, но нему се уште му се потребни најмалку уште 21 пратеници кои ги бара кај помалите партии од левицата и од центарот. Блиску до овој блок се каталонските социјалисти, но оваа партија (барем досега) го условуваше Санчез со состојбите во Каталонија и тамошните сепаратистички амбиции.

Педро Санчез е премиер на Шпанија од јуни 2018 година, кога на тогашните (исто така предвремени избори) ПСЕ освои најмногу гласови. Тогаш социјалистите беа и во подобра позиција од сегашната, затоа што имаа повеќе свои пратеници. На ноемвриското гласање, социјалистите, меѓутоа, загубија десетина пратенички места, за сметка на десноцентристичката Народна партија и на крајнодесничарската партија Вокс кои ги засилија своите гласови.

Се верува дека за ваквиот развој на работите најмногу има придонесено одлуката на владата на Санчез, пред изборите, да ги пресели посмртните останки на поранешниот шпански диктатор Франциско Франко, од мавзолејот во околината на Мадрид, во градските гробишта на шпанскиот главен град. Франко кој почина уште во 1975 година, по што настана забрзан процес на обнова на демократизација во оваа земја, досега беше погребан во специјално уреден мавзолеј-гробница, заедно со посмртните останки на борците во шпанската граѓанска војна во средината на триесеттите години на 20 век.

Скопје го чека Мадрид

За Санчез и за ПСЕ беше„ навредливо“ за сите жртви од Граѓанската војна, диктаторот да биде погребан со оние кои се бореле против него, па тргањето на останките на Франко од мавзолејот, што инаку е дамнешна определба на шпанските социјалисти, тој ги има ветено уште за минатогодишните избори.

Шпанија веќе четири години не може да создаде стабилна влада, па за овој период се одржаа дури четири предвремени избори.

Политичката ситуација во оваа земја, како и профункционирањето на нејзиниот Парламент и создавањето влада, станаа прашање од интерес и за Македонија, околу нејзиното заокружување на членството на нашата држава во НАТО. Само уште Шпанија го нема ратификувано договорот на Алијансата со Македонија, за да нашата држава и формално стане 30-та членка.

На маргините на јубилејниот Самит на НАТО во Лондон, на почетокот од овој месец, македонскиот премиер Зоран Заев се сретна и разговараше со Санчез, во својство на „технички“ премиер на Шпанија, кој во таа прилика ветил брзо разрешување на политичките состојби во неговата земја и брза ратификација на договорот на Алијансата и Република Северна Македонија.

(М.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе