Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија со министер со поништен докторат

BalkansCat/BigStock.com

Србија со министер со поништен докторат

Република Србија, веројатно, е единствената држава во светот која во својата влада има министер со поништен докторат, откако Сенатот на белградскиот Универзитет едногласно одлучи да го поништи, затоа што станува збор за плагијат!

Станува збор за актуелниот српски министер за финансии Синиша Мали, поранешен градоначалник на Белград, чиј случај со плагираниот докторат се провлекува во тамошната јавност цели пет години.

Мали на белградскиот Универзитет, во 2013 година ја бранел и ја одбранил пред специјална комисија докторската дисертација, по што се стекнал со академската титула доктор на науки.

Притисок на академските кругови

Меѓутоа, многу брзо по тоа, група белградски универзитетски професори ставиле приговор, тврдејќи дека трудот на Мали не е оригинален и дека дисертацијата е плагијат. Како се развиваше политичката криза во Србија и се засилуваше судирот на тамошната опозиција со власта, се повеќе се отвораше и прашањето околу оригиналноста на дисертацијата на Мали, посебно кога тој од градоначалник беше унапреден во министер за финансии во владата на премиерот Ана Брнабиќ.

Беа правени неколку експертизи. На почетокот од избувнувањето на случајот, приговорите на професорите не биле почитувани. Подоцна, меѓутоа, и под влијание на силниот притисок од јавноста и од српската професорска елита, случајот со докторатот на министерот поново беше отворен. Новите експертизи покажале дека приговорите од пред пет години, сепак, биле во право.

Неколку стручни органи и тела на Универзитетот во Белград испитувајќи ја спорната дисертација, се согласиле дека навистина станува збор за неоригинален научен труд и за плагијат. Конечно, за случајот, последен, се изјасни Сенатот на оваа највисока српска образовна институција, кој донесе одлука да го поништи докторатот.

„Голема штета за Универзитетот“

Во соопштението на белградскиот Универзитет за медиумите се вели дека станува збор за конечна одлука и дека сега Синиша Мали може да се жали, но само до управниот суд во Белград.

Белградската академска јавност ја подржува одлуката на Сенатот како „единствено исправна“. Таа го обвинува министерот за финансии Мали дека со својата постапка има предизвикано голема штета за угледот на Универзитетот и за целиот образовен систем во државата. Според овие мислења, виновна за сето ова е и власта во Србија која за случајот со Мали се однесуваше како „слепа и глува“, арогантно одбивајќи ги обвинувањата и третирајќи ги како „политички“.

Прво премиерот Брнабиќ, а подоцна и српскиот претседател Александар Вучиќ, и порачаа на јавност дека министерот Мали нема да биде сменет и дека ќе остане и натаму член на владата на Србија.

Дејствувајќи како министер за финансии, тој во изминатите денови го понуди за усвојување буџетот на државата за следната 2020 година. По одлуката на Сенатот на Универзитетот, студентите реагирале со симболично палење на буџетот – прогласувајќи го како плагијат.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе