Триумф на премиерот Џонсон и на Брегзит
Победата на британската, владејачка Конзервативна партија и на нејзиниот лидер, премиерот Борис Џонсон, на предвремените парламентарни избори, беше очекувана, затоа што сите анкети и испитувања на јавноста тоа го покажуваа уште пред и да бидат закажани изборите.
Повремено, Џонсон и неговите имаа предност и од над 20 отсто, во однос на опозициските лабуристи, на британскиот ултра-левичар Џереми Корбин, ветеран на Лабуристичката партија и на левичарењето во Велика Британија.
Во финишот на изборната трка, пред гласањето на 12 декември таа разлика се намали на околу десет проценти, па последните прогнози навестуваа победа на Џонсон, но и постоење на „шарен“ Парламент во кој лидерот на конзервативците ќе мора да бара партнер за правење коалициска влада.
Тоа требаше да наликува на политичката ситуација создадена после претходните (исто така) вонредни избори од јуни 2017 година, на кои Тереза Меј освои најмногу гласови, но остана без мнозинство за да сама формира влада.
Никој, меѓутоа, не го предвидуваше она што се случи.
Вистински триумф на ториевците и на Џонсон, затоа што тој самиот имаше проблеми и во сопствената партија и со сопствените пратеници, ниту пак онаков дебакл на лабуристите и на Корбин, иако се знаеше дека тој е непопуларен меѓу Британците и дека има опозиција и во редовите на сопствената партија.
Историска победа-историски пораз
Конзервативците освоија 365 пратенички места, дури 80 пратеници повеќе од бројот на пратениците на сите други партии кои влегоа во Парламентот – заедно!
Ова е третиот најдобар резултат на ториевците во изборната историја.
Повеќе од сегашниот број пратеници, имало само во 1983 и во 1987 година, кога конзервативците ги предводеше Маргарет Тачер, а истиот број бил постигнат во далечната 1959 година, кога премиер беше Харолд Макмилан.
И она што е важно да се знае – во сите три вакви дебакли на лабуристите – на чело на партијата биле ултра-левичарски определени политичари.
Лабуристите со нивниот „утописки социјалист“ на чело на партијата Корбин, овој пат добија 203 пратенички мандати, или 59 пратеници помалку од досегашните 262, кога тогашниот лидер на ториевците Меј имаше зад себе 317 свои пратеници.
Аналитичарите забележаа дека ова е најлошиот изборен резултат на лабуристите во последните 80 години, или уште од 1935 година.
Победа на СНП и Старџен
А, проблемот е што и ним, идеолошки, најблиските либерал-демократи, исто така доживеаја уверлив пораз. Освоија само 11 пратенички места, десет помалку од досега.
Пораз доживеа и нивниот скоро избран нов лидер Џо Свинсон, која не успеа да стане ниту пратеник во Долниот дом, па затоа уште ноќта по изборите, таа поднесе оставка.
На тој начин, острицата на новата опозиција е сосема отапена, или уште поточно едноставно не постои за да може било што да направи за да им се спротивстави на (сега) опиените од триумфот конзервативци.
Во тоа друштво (на опозиција) може да се брои само уште Шкотската национална партија (СНП) која е сепартистичка по својата политичка определба, но лево ориентирана по својата идеолошка матрица, но таа на изборите уверливо победи во Шкотска, добивајќи 45 отсто од гласовите на тамошните гласачи. СНП и нејзиниот лидер Никола Старџен, на шкотски терен, уверливо ги поразија сите други партии – конзервативците на Џонсон кои добија пет, либералдемократите четири, а лабуристите само едно пратеничко место.
Многумина домашни и странски посматрачи на британската политичка сцена, затоа, сметаат дека вистинскиот победник на овие избори, партија која најмногу профитираше од овие вонредни избори се – СНП и Старџен.
Таа веднаш најави покренување на процесот за втор референдум за отцепување на Шкотска од Обединетото кралство, затоа што многу добро разбира дека на изборите од 12 декември ПОБЕДИ Брегзит.
Мандат за излегување од ЕУ
СНП од почетокот е против излегувањето од ЕУ. Шкотланѓаните на референдумот од јуни 2016 година убедливо се определија против Брегзит, а од тогаш постојано бараат од владата во Лондон да ги земе во предвид ставовите на Шкотска (и на Северна Ирска). Напуштањето на ЕУ, пак, беше централното прашање околу кое се бореа партиите во предизборната кампања, колку и лабуристите да сакаа да ја свртат работата на домашните теми, за кои обично се зборува во вакви кампањи.
Премиерот Џонсон за ништо друго и не зборуваше, освен за тоа да добие мандат за да (конечно) им го испорача Брегзит на Британците, или поточно на Англичаните, меѓу кои евроскептицизмот е најголем и најсилен.
Затоа и неговиот триумф (одново благодарејќи на резултатите на англиска територија), е триумф на политиката за напуштање на Унијата и за завршување на процесот што почна со референдумот за ЕУ, кој избрзано го распиша тогашниот ториевски премиер Дејвид Камерон.
Тој не веруваше дека една изнасилена, полна со лаги и со полувистини пропаганда на антиевропските сили во конзервативните редови, против ЕУ, ќе ја добие поддршката од повеќето гласачи (односот беше 52:48 за Брегзит).
Меѓу нив имаше и не малку традиционални лабуристи од централна и североисточна Англија кои поверуваа дека дојденците од земјите на ЕУ ќе им ја земат работата, дека им создаваат тешкотии во образованието, во здравството и во социјалниот систем. Во таквите, во основа, лажни закани поверуваа за време на референдумот, а веруваа и сега и така гласаа на овие избори, без разлика што сите претходни испитувања на јавното мислење покажуваа дека Британија останува поделана (50:50) околу Брегзит.
Вината на Корбин
Дел од традиционалните лабуристички гласачи во реонот на Мидлендс, во централна Англија, како и оние од аграрниот сектор и рибарите, не застанаа зад Корбин, туку глсааа за Џонсон, особено што лабуристичкиот лидер од почетокот на дилемата за определбата – за или против Европа – остана неопределен.
Остана таков до крајот, кога почна да нуди некаков втор референдум за ЕУ, за тоа- дали да се прифати договорот на Џонсон со Брисел, или пак да се остане во ЕУ. Тоа, очигледно, никому не му се допадна. Прво дојде многу доцна, потоа предлогот е нејасен и очигледно правен на брзина, за да се привлечат анти-Брегзит гласачите, кога стана јасно дека поразот е неминовен, како и затоа што го нуди политичар кого не го сакаат ниту неговите лабуристи.
Пред се, затоа што не се наклонети кон неговото ултра-левичарење во стилот на подзаборавеното минато, сега во дваесеттата година на 21 век во една поинаква Британија.
Многумина независни аналитичари во Лондон, во таквото лидерство на опозициските лабуристи, згора и од еден непопуларен политичар кој ја плаши средната класа со своите идеи за национализација, за зголемување на јавната потрошувачка, наивно ветувајќи дека во нај капиталистичката европска држава ќе воведе бесплатно високо школство, а со своето однесување – „сакам-не сакам Брегзит“ – им одеше на рака на брегзитерите, гледаат главна причина за дебаклот на опозицијата и на лабуристите.
Таен пакт со Фараж?
Згора на тоа во валканата, антиевропска игра на тврдите, ториевски брегзитери уште еднаш беше искористен Најџел Фараж, маргинален политичар од англискиот националистички, десничарски блок. Неговата (нова) набрзина формирана партија, која ја нарече Брегзит, уверливо победи на евроизборите во Британија (и во овој случај само во Англија), но шест месеци подоцна, на британските парламентарни избори, не освои ниту еден пратенички мандат, а тој одново не успеа да стане пратеник во Вестминстер.
Овој пат, меѓутоа, тоа го направи свесно, во некаков таен договор со Борис Џонсон, откако од Вашингтон, претседателот Доналд Трамп сугерираше тие двајцата да направат предизборен сојуз. Тоа не го направија, туку се согласија, партијата на Фараж воопшто да не се појави на изборните листи во околу 300 (од 650) изборни единици, за да не им ги одзема гласови на конзервативците, па тие да мораат со него да прават постизборна коалиција.
После ваквата изборна разврска и триумфот на Брегзит (на изборите загубија сите партии што заговараа проевропска политика), Старџен која е прв министер (не е премиер) во локалната влада во Единбург, знае дека сега веќе нема ништо што може да го запре излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Сега е јасно и тоа дека после 31 јануари 2020 (дополнето и со периодот на транзиција од една година) – Шкотска ќе биде НАДВОР ОД ЕУ – против својата волја.
Шкотското и северноирското прашање
Затоа, уште веднаш по објавувањето на изборните резултати таа му порача на Лондон дека нема право да го блокира повторното референдумско изјаснување, особено сега, по уверливата победа на СНП во Шкотска.
„Како лидер на партија која доживеа уверлив пораз кај шкотските гласачи Џонсон нема право да им го попречува патот на Шкотланѓаните. Тие кажаа што мислат за (Брегзит политиката), па затоа сега е време самите да одлучат за својата судбина“
…рече Старџен, зборувајќи за тоа дека тамошната локална влада многу брзо ќе го почне процесот за уште еден референдум.
Џонсон од својата страна, уште во текот на изборната кампања на неколкупати порача дека британската влада нема да прифати нов референдум, што значи дека ќе се отвори политичка криза, која многу веројатно ќе прерасне и во уставна, затоа што шкотската влада нема да се повлече од своите барања, колку и да е свесна дека сите кои гласале за СНП не се за отцепување од Британија. Кризата и нејзиното евентуално продлабочување ќе зависат и од тоа како ќе се снаоѓа земјата, кога ќе остане надвор од Унијата.
На ова треба да се додаде и ситуацијата во Северна Ирска, каде од претходните избори нема локална влада, затоа што не може да се согласат двата главни политички партнери- унионистите од ДУП и републиканците од Шин Феин.
Оваа покраина веќе три години е под директна управа на Лондон, а по изборите од изминатата недела, се укажува дека тоа така ќе остане. Северноирците гласаа против Брегзит, со договорот на Џонсон со Брисел, оваа британска покраина ќе биде своевидна царинска зона за производите од и кон Британија, што би значело дека на Ирско Море ќе има невидлива граница меѓу Британија и ирскиот остров.
Темата Брегзит останува
Како и да е, Борис Џонсон нема воопшто време за славење. Прво треба да го реализира Брегзит, за кој зборува 3,5 години, сега, практично, за само 11 месеци.
Од 31 јануари 2020 година, кога Британците формално излегуваат од ЕУ, до крајот на декември таа година.
Во тој период треба да го ратификува договорот со Брисел, да ги донесе сите закони кои ќе произлезат од новата британска политичка и економска положба и да ги почне трговските договори за идните британско-европски односи.
Тоа значи дека темата Брегзит ќе се провлекува во британската политичка јавност и во текот на целата следна година. Џонсон има апсолутно мнозинство во Парламентот за да ги носи сите закони и тие да се усвојуваат, но никој не му гарантира дека пратениците ќе гласаат во стилот на белорускиот Парламент, каде нема опозициски пратеници.
Прашање е и како и со колкава брзина ќе течат трговските преговори со ЕУ, колку и двете страни да зборуваат дека се спремни за забрзан дијалог.
А, потоа, Џонсон и владата ги чекаат домашните, подзаборавени прашања, бидејќи цела Британија од референдумот, па се до овие избори, не се занимаваше со ниту едно друга работа.
Прво, ќе треба да се зафатат со државното здравство кое од поодамна има потреба за реформи. Потоа, со прашањето за социјалните служби и за грижата на луѓето, сектор каде постои длабока криза и за што ќе мора да се најдат големи пари. Тука се и прашањето за климатските промени и над се, реформата на имиграцискиот систем, од кој се тргна и од каде се изроди прашањето за заминување од Европа.
Вака гледано, излегува дека барањето од Единбург, како и тлеењето на кризата во Северна Ирска, изгледаат како помалку итни прашања. Барем додека состојбите се одржуваат под контрола.
(Т.И.)