Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Боливија распишува потерница по Моралес

Golden Brown/BigStock.com

Боливија распишува потерница по Моралес

Новите власти во Боливија објавија дека распишуваат потерница по доскорешниот претседател Ево Моралес, кого во Ла Паз го обвинуваат за покренување бунт.

Моралес прво побегна во Мексико, но сега престојува во Аргентина, каде има добиено статус на бегалец. Решението да му се даде азил и дозвола за престој, било направено само неколку денови откако беше извршена инаугурацијата на новоизбраниот аргентински претседател-перонистот, левичар и популист – Алберто Фернандез.

Се верува дека зад брзата одлука да се прифати боливискиот бегалец и веднаш да му се даде политичка заштита, стои актуелната потпретседателка Кристина Кирхнер, која претходно, до поразот пред четири години, на два пати беше на челото на Аргентина.

Кристина го заштитува Ево

На таа функција Кирхнер се најде на типичен перонистички начин – наследувајќи го сопругот. Претходно тоа го има направено Хуан Перон, правејќи од првата сопруга Ева Перон икона на режимот, а потоа и со втората сопруга Изабела, која прво го наследи на функцијата, а потоа на два пати, едно по друго, беше претседателка на Аргентина.

Кристина Кирхнер, пак, го наследи својот починат сопруг Нестор Кирхнер. Таа сакаше, исто како што направи и Ево Моралес во Боливија, да го заобиколи Уставот на Аргентина и да издејствува право за уште еден, трет по ред мандат, што инаку не и следува.

Стравувајќи од немири, се откажа од тој план и најави дека оди во пензија, но наместо тоа, застана силно за кандидатурата на Алберто Фернандез, како потпретседателски кандидат. Тој претходно беше дел од нејзиниот претседателски кабинет.

Гласачите веруваат дека Кристина, а не Алберто следните години ќе управуваат со државата.

Фалсификувани избори

Во времето додека беше претседателка, таа одржуваше блиски врски со Ево Моралес. Тој пак, на власт остана 14 години, иако според Уставот на земјата можеше само во два мандата, или осум години. На изборите во октомври годинава се кандидира и за четврти по ред мандат, не почитувајќи го референдумот на кој мнозинството Боливијци се определија против тоа да му се дозволи да се кандидира и по четврти пат.

Криза во Боливија настана и таа се закануваше да се претвори во граѓанска војна, кога беше откриено дека изборите се фалсификувани, дека како гласачи има „мртви души“ и дека се делени лични карти на непостоечки лица, или на исти лица две различни карти за идентификација. Нешто слично како во Македонија во времето на вмровскиот режим.

Моралес ги отфрли обвинувањата за измама и се прогласи за победник на изборите. Оставка поднесе откако тоа од него го побара врвот на армијата. Побегна во Мексико Сити, каде се веруваше дека подолго ќе остане.

„Сам може да се врати во земјата кога сака. Никој од овде не го протера, но ако дојде ќе биде притворен“

…им рекла на новинарите, привремениот боливиски претседател Жанин Ањез. Како, меѓутоа, сега стојат работите, малку е веројатно дека Кристина Кирхнер ќе дозволи Ево Моралес да им биде предаден на (новите) власти во Боливија.

(Л.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе