Колин Фирт се разведе по 22 години брак
Познатиот британски актер и Оскаровец, Колин Фирт се разведе од својата сопруга Ливија Џуџиоли, соопштиле за медиумите претставници и на двајцата досегашни сопружници. Тие беа 22 години во брак и имаат два сина, на 18 и 16 години.
Разводот доаѓа по две години откако сопругата на Фирт, има признаено дека имала љубовна афера со друг маж.
Станува збор за Италијанец за кого медиумите пишуваат дека и двајцата тогашни сопружници го познавале. По завршувањето на таа врска, Џуџиоли тврдела дека мажот со кого го има измамено сопругот, ја следел, ја прогонувал и се заканувал. Биле повикани да интервенираат и италијанските власти, но тој се бранел дека ништо не е точно она за што го обвинуваат.
Во тоа меѓувреме, во минатата година, Фирт и неговата сопруга почнале одново заедно да живеат, но обновениот брак траел кусо време. На крајот одлучиле дека не можат да продолжат и понатаму заедно, па се согласиле спогодбено да се разведат.
Колин Фирт и Ливија Џуџиоли, која е италијански продуцент, во светот на филмот до скоро важеа за една од најстабилните брачни врски. Нивниот брvак често пати беше споредуван со долгогодишниот брак на холивудската ѕвезда Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон, актерка и филмски продуцент.
Фирт има играно во низа британски и американски филмови. Кај најшироката публика е познат по филмовите за Бриџет Џонс, каде настапува со Рене Зелвегер и со Хју Грант, како и по улогата во со Оскар наградениот филм „Вљубениот Шекспир“.