Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Малезија ќе ги вакцинира странците за полио

vetre/BigStock.com

Малезија ќе ги вакцинира странците за полио

Властите на Малезија соопштија дека ќе почнат да ги вакцинираат посетителите и гостите од странство, за да се спречи ширењето на опасната заразна болест полио која се појавила во оваа земја во Југоисточна Азија.

Ваквата мерка се воведува откако владата во Куала Лумпур потврди дека во Малезија е регистриран прв случај на полио (болест позната кај нас и како детска парализа) после пауза од цели 30 години. Здравствените власти стравуваат дека полиото може брзо да се рашири низ целиот регион, каде од септември годинава веќе има регистрирано случаи со оваа болест.

Во Филипини веќе е прогласена епидемија, а Малезија соопшти дека ќе бара субвенции од УНИЦЕФ за набавка на големи количества вакцина против полио. Од филипинската влада во Манила, малезиските власти имаат побарано тесна соработка, за да заеднички се следи ситуацијата, за да ја направи борбата со епидемијата биде поефикасна.

Вирусот „шета“ преку границите

Тревога во Малезија е подигната откако Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека тестовите што се направени покажале оти вирусот, откриен кај едно тримесечно малезиско дете, е идентичен со вирусот што веќе е раширен во Филипини и низ регионот. Тоа само го потврдува стравувањето дека заразата се шири од земја во земја, низ движењето и низ патувањата на луѓе, меѓу кои има и такви кои не се вакцинирани.

Затоа во Куала Лумпур е одлучено на вакцинација да се подложат и странците, доколку не можат да потврдат дека се вакцинирани во земјата од која доаѓаат.

Во Малезија, но и низ целиот регион е започнато забрзано и масовно вакцинирање, а малезиските здравствени власти вршат силен притисок врз родителите за да не се спротивставуваат на вакцинацијата, од било која причина.

Во тој поглед, најдалеку е отидено на Филипините каде за заштита од полиото, досега, се вакцинирани над девет милиони деца. Властите на оваа голема островска земја настојуваат да се запре ширењето на заразата на болеста, за која уште пред 19 години од СЗО е примен сертификат дека полиото е искоренето.

Невакцинирањето главна причина

Експертите сега истражуваат како тогаш можеше да се случи во земјата, по без малку две децении да избувне зараза од оваа болест. Се смета дека главниот виновник треба да се бара во слабото спроведување на имунизацијата (вакцинацијата ) на децата, што во еден подолг период им било оставено на волјата и на верувањето на родителите, кои во не мал број случаи во Филипини, но и во другите земји, се покажале неодговорни кон сопствените деца и кон јавното здравје.

Во Филипини, како и изгледа насекаде низ светот, последниве две децении епидемиолозите водат тешка битка за да се запре бранот со невакцинирање на децата, што е главната причина што не само со полиото во Југоисточна Азија, туку и со сипаниците низ светот, се враќаат заразните болести за кои се мислеше дека се веќе одамна исчезнати.

И во Манила вината за ваквата атмосфера му ја припишуваат, главно, на интернетот и на приказните што таму се шират, на кои родителите, изгледа, повеќе им веруваат отколку на епидемиолозите кои подолго време предупредуваат на заканата од избувнување некоја голема епидемија.

Друга причина за враќањето на оваа опасна болест во Филипините, за која инаку се знае дека носи со себе трајни последици, е нехигиената, или отсуството на хигиенски услови и на санитарии во низа реони од оваа земја, посебно во оддалечените и руралните краишта.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе