Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Младите Италијанци заминуваат во странство

weyo/BigStock.com

Младите Италијанци заминуваат во странство

Младите Италијанци-дипломци се почесто се одлучуваат да заминат за работа во некоја земја во странство, наместо да останат дома – покажуваат најновите истражувања на италијанската агенција за статистика. Само во минатата година, бројот на оние кои веќе заминале, набргу по дипломирањето е поголем за шест отсто, во споредба со претходната 2017 година.

Во последните пет години, споредени со претходниот ист таков период, забележано е дека заминале 45 отсто од младите Италијанци. Сите тие со завршени факултети, се преселиле некаде надвор од својата земја, најчесто, како што се вели за повисока плата и за подобро живеење уште во раната младост. Дури 185 илјади млади ја напуштиле Италија во периодот меѓу 2008 и 2018 година.

Првите „гастарбајтери“

Тоа значи дека Италијанците кои традиционално со децении наназад емигрираат од својата земја, одново и се враќаат на оваа „традиција“ иако Италија е една од десетте најразвени држави во светот и трета по сила економија во ЕУ, сега откако Британија заминува од Унијата.

Во педесетите и во шеесетите години на 20 век, токму Италијанците, пред се оние од островите (Сицилија и Сардинија) како и од југот на Италија кој тогаш (но и сега) е помалку развиен од Северот на земјата, масовно заминуваа на работа во Западна Европа, главно во тогашна Западна Германија.

Се веруваше дека тој бран на „гастарбајтери“ од Италија е последица на тешките прилики во оваа земја по Втората светска војна, иако заминуваа во друга, исто така од војната, тешко погодена држава, но во земја каде економијата беше во огромен залет.

Покрај Италијанците, во масата на првите „гастарбајтери“ беа и Грците, Шпанците и Португалците, за да подоцна им се приклучат Југословените (од сите тогашни Ју републки), како и Турците.

Генерација на глобализацијата

Анализата на Агенцијата за статистика во Рим смета дека една од причините за заминувањето на младите дипломирани Италијанци е актуелната состојба на пазарот на трудот во нивната земја, како последица на големата криза која започна на крајот од 2008 година и потоа продолжи да се провлекува низ целата деценија. Големиот број млади – без работа освен во Италија, имаше и во Грција и на целиот европски Југ што беше погоден со финансиската и со економската криза.

Експертите, меѓутоа, веруваат дека причината за одливот на младата работа сила, со факултетски дипломи, не смее да се бара само во економските и социјалните причини.

Станува збор за генерација родена, израсната и образувана во времето на глобализацијата и на масовното преселување на луѓето, посебно на младите низ целиот свет. Младите Италијанци не се исклучок од тој процес што и натаму е жив, па затоа тие имаат и сосема поинаков пристап кон миграцијата, сосема различен од оној на нивните дедовци и татковци, во средината на минатиот век.

Младите во Италија се определуваат да работат и да живеат во некоја странска земја каде би можеле полесно да го искористат талентот и образованието, каде може да направат кариера и да дојдат до повеќе пари и побогат живот уште додека се сосема млади – не мислејќи дека треба да им праќаат пари на своите најблиски – како што тоа се правело во минатото.

Корупција и мафија

Впрочем, тоа не е феномен само во Италија. Желбата на младите побрзо и во покус рок да дојдат до успешна кариера, повисока заработувачка и полагоден живот, а при тоа да не живеат дома, е глобална појава.

Социјалниот елемент, секако, секаде постои, особено кај помалку развиените и помалку богати држави. Но, младите и високо образовани луѓе заминуваат и од Германија и од Британија, како што заминуваат и од Полска, Унгарија, Бугарија, или Хрватска, на пример, или од земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, а тамошните млади и високо-образувани кадри, како и Италијанците, исто така заминуваат од истите причини – сите привлечени од новото време на глобализација.

Ставањето на корупцијата како една од причините, може да се прифати, но би било погрешно да се предимензионира, како што тоа се прави овде во регионот и во Македонија. Зашто, ако е така, тогаш Германците и Британците не би требало воопшто да си одат од дома, а Италијанците, на пример, би требало сите да заминат, затоа што покрај корупцијата, која во Италија е присутна со децении наназад, таму се уште се соочуваат и со мафијата – раширена низ целата нивна земја, како своевидна власт во власта.

(Р.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Трендови + Општество

Горе