Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Смртна казна за екс претседателот на Пакистан

Millenius/Bigstock.com

Смртна казна за екс претседателот на Пакистан

Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф е осуден на смрт од Специјалниот суд во Пакистан, обвинет за велепредавство и за субверзија на Уставот на земјата. Мушараф (76), пензиониран генерал на армијата, е првото високо рангирано лице на војската осудено со најтешката казна.

Тој беше претседател од 2001 до 2008 година, откако претходно, во 1999 година, како началник на Генералштабот на армијата, во бескрвен воен удар, ја презеде контролата врз власта во земјата. Неговата одлука во 2007 година да го суспендира Уставот и да воведе вонредна состојба во Пакистан, предизвика масовни протести, поради кои тој мораше да се повлече. Замина во Карачи, но за да не се соочи со импичмент, побегна од земјата. Од пред три години Мушараф престојува во Дубаи, каде замина на лекување, каде и разбра за смртната пресуда.

Незадоволство од армијата

Осудувањето на поранешниот генерал и шеф на државата, веднаш предизвика гневна реакција на воениот врв во Пакистан и противење на армијата на ваквата пресуда, што некои локални аналитичари веднаш го протолкуваа како „ спротивставување на војската на домашното правосудство“.

Пресудата е изречена врз основа на обвинението на Специјалното обвинителство, формирано за случајот на Мушараф. „Ваквата пресуда за еден пензиониран генерал на армијата во редовите на пакистанската војска е примена со голема болка“- се вели меѓу другото во армиското соопштение.

Воениот удар од пред рамно 20 години, беше четврти по ред во последните 45 години од формирањето на пакистанската армија.

Специјалниот суд за Мушараф го формира поранешниот премиер Наваз Шариф, инаку „смртен непријател“ на поранешниот претседател и генерал. На некој начин, тоа беше одмаздата на Шариф затоа што со воениот удар во 1999 година, кој го предводеше генералот Мушараф, беше тргнат од власт токму Шариф. Но, сега тој е во затвор , осуден за корупција, откако претходно беше принуден да поднесе оставка.

Непријателството меѓу Мушараф и Шариф

Шариф се врати во политиката и стана премиер во 2013 година, но „ заглави“ во валканите игри на неговото најблиско семејство и во илегалното префрлање пари во странство, за купување личен имот. Сега осудениот премиер се бранеше дека ништо не знаел за зделките на своите деца и сопругата, како и  дека сите обвинувања против него биле „ политички мотивирани“. Но, тогаш го немаше Мушараф за да може да му врати, со својата одмазда.

Засега нема коментар од актуелниот премиер Имран Кан за одлуката на Специјалниот суд, а ниту од Мушараф. Тој претходно тврдеше дека не му било дозволено да се брани од обвинувањата, па како сега стојат работите малку е веројатно дека ќе се врати од Дубаи. Според пакистанските закони, меѓутоа,  доколку сака да се жали на пресудата, тој ќе мора да се врати дома.

Первез Мушараф е роден во 1943 година, во Њу Делхи, во Индија. Во времето на војната против теророт, во 2001 година,  како претседател на Пакистан застана на страната на САД и нивната коалиција. Тоа не му донесе популарност во Пакистан, а во 2003 година, Ал Каеда на два пати се обиде против него да изврши атентат.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе