„Не кријам дека мајка ми го уби татко ми“!
Холивудската филмска ѕвезда Шарлиз Терон (44) во интервју за една американска телевизиска станица, изјавила дека не сака да крие и дека не одбива да зборува за „најтемниот момент од нејзиниот живот“.
Сакам на тој начин, другите кои минале низ слична ситуација, да почувствуваат дека не се сами
…рекла актерката во интервјуто.
Станува збор за трагичната случка во нејзиното семејство од 1991 година, кога нејзината мајка Герда Мариц пукала во самоодобрана по нејзиниот татко Чарлс Терон и го убила. Тешкиот инцидент се случил во нивната семејна куќа во Јужна Африка. Шарлиз тогаш имала 15 години. Била единствено дете на своите родители.
Во интервјуто актерката објаснила дека нејзиниот татко Чарлс бил алкохоличар кој ги тероризирал неа и нејзината мајка.
Во трагичната ноќ, таткото дошол пијан дома, како што рекла актерката, едвај стоејќи на нозете, со пушка во рака. Настојувал насила да влезе во собата во која биле таа и мајката кои пак со сите сили ја задржувале вратата од другата страна – обидувајќи се да спречат тој да дојде до нив.
Не можејќи да го совлада отпорот на сопругата и на ќерката-тинејџер, таткото Чарлс испукал три истрели од пушката во вратата, за да ја отвори.
Не успеал да ги погоди, но тогаш, мајката, стравувајќи дека може и двете да бидат убиени, пукала од оружјето што го имало во собата, убивајќи го на самото место својот сопруг и таткото на нивната ќерка Шарлиз. Пристигнала полицијата која ја испитувала случката, а обвинителството отворило и истрага, но на крајот, властите заклучиле дека станува збор за акт на самоодбрана.
„Беше толку многу пијан кога дојде дома со пушката во рака. Ние се сокривме во спалната соба, а тој побесна и почна да пука во вратата и кон нас. Голема среќа беше што мајка ми и јас останавме неповредени. Но бранејќи не и мене и себе, мајка ми ја отстрани заканата со која бевме соочени“ – рекла актерката Терон.
Таа е сега и самата мајка на две деца и не живее во Јужна Африка.
„Татко ми беше болен човек. Беше алкохоличар во текот на целиот мој живот и јас го познавам и го паметам само како таков“ – признала Шарлиз Терон во својата тажна исповед пред ТВ гледачите за трагичниот настан од пред 28 години.