Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Импичмент за Доналд Трамп

palinchak/BigStock.com

Импичмент за Доналд Трамп

Претставничкиот дом на Конгресот на САД веќе му определи место на Доналд Трамп во американската политичка историја.

Освен како претседател, Трамп ќе остане засекогаш запаметен како третиот шеф на државата врз кого била покрената постапката импичментнајлошото нешто што може да му се случи на еден избран претседател додека е во Белата куќа – постапката за неговото отповикување од функцијата.

Пред него тоа им се случило, прво на веќе подзаборавениот претседател Ендрју Џонсон, во постапка водена уште во 1868 година, кого Американците ако воопшто и го споменуваат, го знаат само како наследникот на убиениот Абрахам Линколн, а потоа и на Бил Клинтон, во 1998 година.

И обајцата успеале да се извлечат во судењето пред Сенатот на САД и да останат на претседателската функција, затоа што мнозинството сенатори биле против нивното тргање од функцијата.

Две обвинувања

САД беа подготвени и за уште една импичмент постапка во седумдесеттите години на 20 век- против поранешниот претседател Ричард Никсон, за аферата Вотергејт.

Како тогаш стоеја работите, речиси беше сигурно дека Никсон ќе беше првиот што ќе беше отповикан, затоа што за неговото казнување не беа само (и тогаш) малцинските демократи, туку и мнозинските републиканци. Целата ситуација ја спаси самиот Никсон кој поднесе оставка, за да се избегне понижувачкото тргање од Белата куќа.

Неговиот наследник, дотогашниот потпретседател Џералд Форд, веднаш по стапувањето на претседателската функција, го помилува Никсон за сите дела за кој беше обвинуван.

А, на Трамп, тоа веќе се знае од четвртокот, ќе му се суди за две дела за кои го обвинува Претставничкиот дом на САД.

Првото е за злоупотреба на власта, затоа што како претседател на САД вршел притисок врз Украина и нејзиниот претседател, да покрене истрага против неговиот (најверојатен) кандидат на Демократската партија Џо Бајден.

На ова може да се додаде и дека Трамп ја условувал американската воена помош за Украина со истрагата за Бајден, што според толкувањето на демократите значи дека еден американски претседател, барал од странска влада да му помогне за да добие втор мандат, на тој начин што ќе се „ископаат валканици“ за политичкиот противник.

Второто обвинување се однесува за попречување на (истрагата) во Конгресот, бидејќи актуелниот претседател одби да соработува околу отворената постапка за импичмент и уште им забрани на своите клучни советници да сведочат.

Партиско гласање

За двете дела, беше обезбедено мнозинство кај конгресмените, но целата дебата и гласањето поминаа во една типична балканска атмосфера, во која најголемиот дел од демократските конгресмени гласале за својата партија, односно за судење на Трамп, додека сите републикански, опозициски, конгресмени застанале во одбрана на „својот“ претседател и гласале против.

Збунетите медиуми, ненавикнати на конгресни дебати што траат по над шест часови, сега констатираат дека целата расправа поминала во нетипична и неамериканска атмосфера – со многу партиска политичка реторика, со обиди на републиканците да прават блокада на целата постапка за гласање и да ја дезавуираат на секој начин, како и со многу патетични излагања и од двете страни.

Сите се согласуваат дека дебатата околу импичментот на најдобар начин покажала колку се САД партиски поделени, како никогаш досега и колку популистичката политика што од почетокот ја води, пред се, Трамп ја претвора Америка во нешто што досега не било својствено за оваа водечка светска демократија.

Судење во јануари

За разлика од поранешните вакви постапки, како онаа со Никсон, иако таа не се разви во импичмент, така и постапката со Клинтон, во аферата со младата соработничка Моника Луински, иако и тогаш имаше големи разлики и несогласувања околу вината и одговорноста, истрагата и расправите во Конгресот, сепак, не одеа во ваков тон, со ваква груба реторика и не ја поделија до овој степен земјата.

Судењето на Трамп во Сенатот, што сега ќе се јави во улогата на порота, која треба да пресуди во случајот со претседателот, се верува дека таа длабока поделеност уште повеќе ќе ја истакне, наместо да ја надмине до јануари, кога се очекува да почне постапката пред сенаторите.

Претставничкиот дом и Спикерот Ненси Пелоси, ја добија битката во Конгресот, како што и се очекуваше, иако не се веруваше дека ќе помине со партиско гласање.

Но, такво гласање се очекува и во Сенатот, а таму мнозинството сенатори се републиканци. За да се отповика еден претседател потребно е двотретинско мнозинство, што демократите го немаат, па се смета дека ќе им треба чудо да се случи, за да придобијат за својата кауза уште третина од републиканските сенатори.

„Завист и омраза“

Белата куќа веќе се огласи со изјава дека Сенатот ќе го ослободи Трамп од сите обвинувања. Самиот претседател, во својот препознатлив стил, ги навредуваше демократите дека покренувањето импичмент е „напад врз САД и врз Републиканската партија“, постапка за која тој смета дека е покрената од „завист и омраза“.

Ненси Пелоси, пак, продолжува да инсистира дека после „украинскиот случај“ не останало ништо друго освен да се покрене една ваква постапка. Таа за неа претставува „одбрана на демократските вредности“.

За медиумите Пелоси изјавила дека Трамп, со своите постапки, не оставил никаква друга опција, освен да биде суден, обвинувајќи го актуелниот претседател дека е „закана за американската демократија“.

Лидерот на републиканците во Сенатот, меѓутоа, онака балкански, има речено дека победата во Конгресот не им вреди ништо на демократите, затоа што републиканскиот блок сенатори е „сложен како еден“ за да ги отфрли сите обвинувања.

Мала поддршка од јавноста

Ваквата изјава, колку и да делува фалбаџиски, за политичките експерти во САД е показател дека гласањето во Конгресот не значи дека Трамп сигурно ќе си оди од функцијата.

Целата досегашна постапка во Конгресот, од испитувањата на сведоците, во текот на истражната постапка во конгресните комисии, до гласањето во четвртокот до доцна навечер, покажува дека барем половината од Американците не го сака Доналд Трамп во Белата куќа, после се она што го има направено како претседател во изминатите три години.

Меѓутоа, истражувањата направени веднаш по гласањето, откриваат поинаква слика.

Испитувањето на агенцијата Ипсос покажува дека меѓу 42 и 45 отсто од американските гласачи поддржуваат отповикување на Трамп.

Тоа се смета дека, сепак, е мал процент за да може да се очекува пресврт во Сенатот. А, тоа значи, републиканските сенатори да се „премислат“ и да му свртат грб на „својот“ претседател, гласајќи за импичмент, а при тоа да не ризикуваат да се судрат со својата изборна база.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе