Куба избра премиер по 43 години!
Кубанскиот Парламент кој има само две сесии годишно, избра премиер после пауза од 43 години. Последен на таа функција бил Фидел Кастро, во периодот веднаш по победата на кубанската револуција, во далечната 1959 година и на таа позиција останал до 1976 година, или 17 години.
Во тој период во Куба премиерската функција (извршната власт) и претседателската, биле одвоени. Претседател на Куба тогаш бил Освалдо Дортикос.
Но, Кастро одлучува тој да стане претседател, да се укине премиерската позиција, а самиот да се промовира себе си во вистински лидер на Куба. Од тогаш, тој целосно ја презема контролата врз земјата и врз сите нејзини елементи на власта- државната, потоа партиската, како водач на Комунистичката партија која во основа и порано, а и сега „командува“ со Куба и извршната, раководејќи и со владата.
Помошник на претседателот
Новиот кубански премиер е Мануел Марера (56) кој е архитект по професија, а во владата досега ја имал функцијата министер за туризам.
Враќањето на премиерската функција е една од (старо) новите измени во структурата на власта на оваа карипска држава. Според локалните медиуми, враќањето на премиерската функција било потребно за да претседателот на Куба, за кого се вели дека обавува важна улога во државата, има помош од премиер, за спроведување на владините одлуки.
Нема објаснување како тие двајцата ќе ја делат работата, кога излегува дека и едниот и другиот ќе работат со владата, освен што се вели дека премиерот ќе биде надлежен да именува и да сменува државни функционери, како и дека ќе ја надгледува работата на локалните власти.
Од доаѓањето на претседателот Мануел Дијас-Канела, пред нешто повеќе од една година, откако се повлече Раул Кастро, помладиот од браќата Кастро кои заедно управуваа со Куба од 1 јануари 1959 година, или 60 години, во кубанската влада биле направени промени на низа министри. Сите меѓутоа, се објаснуваат со потребата да се изврши смена на генерациите, бидејќи повеќето од министрите работеле владата уште со Фидел Кастро.
Втор премиер за 60 години
Изборот на премиер, практично, втор во Куба во изминатите шест децении, беше навестуван уште во 2007 година, кога светот за прв пат и официјално разбра дека „Ел команданте“ е болен и дека не може да ги извршува функциите што ги имаше за себе изминатите децении.
Неговите функции ги презеде братот Раул, дотогаш „вечниот“ министер за одбрана кој сега ја има контролата врз работата на партијата. Од пред една година, меѓутоа, и тој одлучи да се повлече (засега) од извршната власт, овозможувајќи за прв пат во оваа единствена комунистичка држава на американскиот континент, претседател, а сега и премиер, да не е некој од семејството Кастро.
Уште пред 12-13 години странските дипломати во Хавана зборуваа дека по повлекувањето на Фидел, неговиот брат ќе ја обнови премиерската функција, па така и Куба, како повеќето западни демократии ќе ги раздели претседателската и премиерската функција, но тоа Раул Кастро не го направи.
И овој сегашен модел останува нејасен, па повеќе делува како козметичка промена, затоа што сигурно е оти и натаму вистинската власт во оваа островска земја ќе ја има Комунистичката партија.
(Х.К.)