Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Каталонците, сепак, се против независност

joelpapalini/BigStock.com

Каталонците, сепак, се против независност

Мнозинството Каталонци, сепак, се против отцепувањето на Каталонија од Шпанија и прогласување независност – покажува анкетата на Агенцијата за испитување на јавното мислење од Барселона.

Истражувањето покажало дека 47,9 отсто од жителите на овој регион се против тоа Каталонија да стане независна држава, додека други 43,7 отсто подржуваат отцепување од шпанската државна територија.

Разлика меѓу сепаратистите и оние кои се противат, не е голема, но ова не е прв пат повеќето од Каталонците, сепак, да се против независност.

Во меѓувреме, остануваат затегнатите односи меѓу Барселона (онаа која е за отцепување) и Мадрид, откако Врховниот суд во октомври годинава осуди деветмина поранешни каталонски функционери на затворски казни од девет до 13 години затвор, затоа што го организираа и изведоа илегалниот референдум за независност на регионот во 2017 година и покрај спротивставувањето на централната шпанска влада и одлуката на Уставниот суд.

Ким Тора не може да биде претседател

Работите се усложнуваат откако судот пресуди дека каталонскиот претседател Ким Тора не може повеќе да ја извршува таа функција.

Ваквата пресуда е донесена затоа што Тора не го почитуваше барањето на владата во Мадрид да ја тргне жолтата лента – симболот на каталонскиот сепаратизам – од државните згради во Барселона и во регионот, таму каде ги имаше, во текот на предизборната кампања, пролетва годинава. Шпанските власти му наложија на Тора да ги тргне тие симболи и да ја почитува институционалната неутралност, пред одржувањето на парламентарните избори во април.

Освен тоа, регионалната каталонска власт, силно наклонета кон сепаратистите, јавно им даваше поддршка на осудените каталонски лидери, оние деветмина за илегалниот референдум.

Каталонските власти, ги игнорираа сите овие барања, како и двата рока за тргање на сепаратистичките симболи, што им ги определи владата во Мадрид, па на крајот тие мораше да се тргнат на сила, со помош и интервенција на полицијата. Ким Тора им изјавил на локалните медиуми дека ќе вложи жалба на пресудата за забраната да биде претседател.

Регион со широка автономија

Ако одлуката биде потврдена и од Врховниот суд на Каталонија, во овој регион ќе мора да се одржат вонредни избори за да се избере нов претседател.

Каталонија има 7,5 милиони население, а во шпанскиот Бруто национален производ (БНП) учествува со 19 отсто.

Таа е една од 17-те региони во Шпанија. Три од нив- Баскија, Галиција и Каталонија – имаат широка автономија. Од 1978 година, со новиот Устав донесен по падот на диктатурата на Франциско Франко, овој регион има своја автономна влада, свој Парламент, свои училишта, болници и своја полиција, а каталонскиот јазик е службен јазик во регионот, покрај шпанскиот.

Сепаратистите, сепак, продолжуваат со својата кампања за отцепување од Шпанија и најавуваат дека до крајот на 2021 година ќе организираат уште еден референдум за независност, без разлика на спротивставувањето на централните власти во Мадрид.

(М.Ш.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе